Инстаграм уметничка резиденција
На инстаграм профилот на КСП Центар-Јадро, во периодот од јуни-ноември,2020, беше реализиран проектот „Инстаграм уметничка резиденција“ на којашто секоја недела беше претставуван по еден автор или колектив со нови или рецентни дела.
Свое претставување имаа уметниците:
Дарко Алексовски
Владимир Лукаш
Владимир Лукаш е роден во Државна болница во Скопје еден мирен априлски ден украсен со поленски алергии, некаде при крајот на филмот „Точно на пладне“. Многу години подоцна, тој пушта брада и пунџа и почнува да пишува автобиографии во трето лице за изложби на Инстаграм. Живее и работи во Радишани како модел за фото-роботи. Како гостин на нашата инстаграм резиденција, Владимир Лукаш се претстави со серија на цртежи.
Филип Велковски
Филип Велковски, (1988) е визуелен уметник кој живее и работи во Скопје.
Во фокусот на неговото уметничко истражување се умствените слики, соништата и маргиналната митологија. Ги користи медиумите на сликарство, инсталација и дигитална илустрација со цел да произведе измислени сценарија и субверзивни простори. Делата на Велковски се составени од густи слоеви на бои и разновидност на материјали, преку кои тој ги потенцира материјалните и метафизички аспекти на самиот медиум и нејзината поврзаност со општеството.
Делата на Филип неодамна биле претставени на XII биенале на млади уметници во МСУ, Скопје, Македонија (2018); работилницата и изложба во „Neu Neu Gallerie“ – експериментален галериски простор како дел од Documenta XIV во Касел, Германија (2017); а истата година тој ја имаше и својата прва самостојна изложба „ Лиминални фигури “ во галеријата на МКЦ, Скопје, Македонија.
Од 2012 година, Велковски работи со уметничкиот колектив КУЛА (платформа за вкрстени уметнички тенденции и инвентивни иницијативи на културната агенда на град Скопје.
Покрај неговата уметничка пракса, Филип работи и како кустос на мултимедијалниот уметнички фестивал „ Под земја полесно се дише “ во Скопје. Заедно со група уметници, тој го иницираше фестивалот во 2013 година, кој го организираат на годишно ниво. Заземајќи место во подземна гаража, целта на фестивалот е да го окупира јавниот простор и да го претвори во галерија и платформа за перформанси. Во улогата на кустос на ликовниот дел на фестивалот, Велковски експериментирал со изложување на ликовни дела во неортодоксни поставки, при што главен фокус е тоа како се менува контекстот на делата во рамките на локацијата и на индустрискиот изглед на гаражата. На нашата инстаграм резиденција се претстави со Филип се претстави со серија на цртежи од неговиот блок за скицирање.
Марија Конеска
Марија Конеска е визуелен уметник која живее и работи во Скопје. Во 2008 година дипломирала на Факултет за ликовни уметности, УКМ, Скопје, на одделот за графичка уметност, а во 2016 година го завршува вториот циклус студии на истиот факултет, оддел сликарство.
Има реализирано неколку самостојни изложби „Испразнето гнездо“ (Македонија, 2018), „Добро сум!“ (Македонија, 2016), Да се истрае! (Германија, 2015) и активно учествува на групни изложби и фестивали во земјата и странство. Нејзините дела беа изложени на XII Биеналето на млади, (Македонија, 2018), AKTO фестивал (Македонија, 2017), „Das is Walter“ (Германија, 2013 година) итн.
Конеска е препознатлива по фигуративниот визуелен јазик. Таа создава дела во различни техники инспирирани од прашања што ги засегаат не само нејзе и нејзината околина, туку со кои се засегнати и местото и времето во кое живее. На нашата инстаграм резиденција се претстави со својот проект „Испразнето гнездо“.
Елена Чемерка и Ивана Мирчевска
„Спекулативен прирачник по опседнати прагови“- е видео дело во пет поглавја.
„Во ова време на затвореност во мали простори на фиксни локации, нашите мисли често се вртат навнатре: ги преобмислуваме врските со надворешниот, внатрешниот, географскиот и менталниот простор и нашето искусување на овие простори.
Виртуелниот простор е проективен простор; тој е услов за вистинско искуство, но тој нема свој идентитет. Идентитетите на субјектот и објектот произлегуваат од процеси низ кои се „решаваат”, „интегрираат” или „актуелизираат” некои други простори- за Жил Делез овие три термини го носат истото значење.“ – велат авторките во дел од авторскиот текст.
Влатко Деков
Влатко Деков по професија е социјален работник, но неговиот интерес за фотографијата трае долго време. Најпрво започнува да се занимава со концертна фотографија, со што ги спојува неговите две љубови: музиката и фотографијата, но веднаш потоа главен интерес му станува уличната фотографија, односно сето она што се случува на улица, плажа или друг јавен простор. За него улицата е најдоброто студио.Често патува и тоа му овозможува да фотографира разни култури и предели. Во последно време се интересира и за минималистичката, социјалната и арт фотографијата. Негови фотографии објавувале повеќе специјализирани магазини и веб портали за фотографија и култура.Организирал две самостојни изложби „Интровертност“ и „Прага Интима“. „Интровертност“ беше изложена во Скопје, додека „Прага Интима“ во Куманово, Кавадарци, Струмица и во Скопје. Учествувал на пет групни изложби во Македонија и една групна веб изложба во САД.Има публикувано една фото книга со наслов „Прага Интима“. Од Телевизија Телма е награден за најдобра фото и видео репортажа за фото проектот „Години кога базените имаа иднина“. Фотографиите на Деков може да ги следите на неговата веб-страна и инстаграм. Како гостин на нашата инстаграм резиденција се престави со својот фото есеј „Од животот на една канделабра“.
Благој Варошанец
Благоја Варошанец, роден на 16.05.1982 година, во Скопје. Во 2006 година дипломира на катедрата по Историја на уметност со археологија, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Филозофски факултет во Скопје. Образованието го продолжува на постдипломски интердисциплинарни Културолошки студии во книжевноста на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Од 2006/7 година, работи во НУ Музеј на современата уметност, во Скопје, како кустос. Во 2019 година станува член на Извршниот одбор на МНК ИКОМ, а во 2020 година се стекнува со стручното звање Виш кустос. 2020 година ја добива престижната годишна награда за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“ што ја доделува АICA (International Association of Art Critics Macedonia).
Неговата префесионална определба е оријентирана кон водење, чување и презентирање на колекцијата во Музејот, како и презентирање на уметници. Има курирано над 50 изложби на познати македонски и светски уметници, изложби во соработка со Британскиот Совет, Францускиот културен центар, Интернационалниот културен центар во Краков, како и на Биеналето на млади уметници, многу интернационални изложби и соработки. Се занимава со фотографија и истражувања во областа на културата и уметноста. Во нашата инстаграм изложба се претстави со серија на фотографии поделени во неколку тематски блокови-
Архитектура, портрет, ентериери, јавни простори и сцени од секојдневниот живот.
Јелена Белиќ
Белиќ е родена во Гостивар во 1985 година. Дипломирала во 2011-та година на Архитектонскиот Факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј. По дипломирањето живее и работи во Скопје како архитектка со фокус на проектирање и 3D визуелизации. Паралелно Белиќ се занимава со авторска фотографија а низа години работи како фотограф на фестивалите MakeDox, Друга приказна како и на други културни манифестации. На нашата инстаграм резиденција, Јелена Белиќ се претстави со серија на фотографии.
Сали Ерунч
Сали Ертунч е роден во Скопје во 1990 година. Дипломирал во 2013-та година на графичкиот отсек на Факултетот за Ликовни уметности при Универзитетот Св. Кирил и Методиј. По завршувањето на своите студии, своето делување го продолжува во Скопје со отворање атеље во скопската стара чаршија, кое понатака ќе се развие во колектив на група млади уметници „Кула“. Како еден од основачите на КЦ „Кула“, тој има организирано бројни културни настани како и свои самостојни изложби. Во 2014-та година го организира првиот настан на КЦ „Кула“ кој што е воедно и негова прва самостојна изложба. Во наредните 3 години реализирал 5 самостојни изложби и бил дел од повеќе групни изложби.
Тојво неговото скромно атеље продолжува да експериментира со користење на традиционалните ликовни техники. Неговите визуелни експерименти можете да ги погледнете на неговата веб страна. На нашата инстаграм резиденција Сали Ертунч се претстави со серија на слики.
Наташа Гелева
Наташа Гелева родена 1978 година во Прилеп. Се занимава со фотографија од 1999 и има зад себе неколку групни изложби во Македонија и странство, како и неколку самостојни изложби, меѓу кои и Елегија за старата железничка во Музеј на Град Скопје. Има учествувано во неколку перформанси, а заедно со режисерот Јане Алтипармаков соработуваат на неколку видео-проекти, меѓу кои документарниот видео-арт „И фабриките имаат душа“ направен под координација на продуцентот на филмовите на Стенли Кјубрик, Јан Харлан и на неколку музички спотови. Член е и на Иницијатива за Независен Културен Активизам (ИНКА) што го организира ДРИМON Фестивалот во Струга.
Селектирани самостојни изложби: Фрагментација Мултимедијален центар Медуза, Белград (2019),
Херои на работничката класа КУЦ Текстил, Штип (2016), Homo Natura – Homo Technoogicus Мобилна Монтажна Галерија, Скопје (2014), Елегија за старата железничка ДримОн Фестивал во Струга (2013), Светот во моите очи Отворено Графичко Студио, Бош Фестивал, Гевгелија, Галерија Теракота, Виница (2010-11)
Селектирани групни изложби: Денови на македонска фотографија (освоена диплома за поединечна фотографија (2017), Нови монументи: изложба на фотографии со модерна архитектура во Скопје, во склоп на Европски денови на културно наследство (освоено трето место) ЕУ Инфо Центар Скопје (2016), Оностраност тела, Нови Сад (2016), East meets west, МКЦ Скопје (2015), Прво па женско МКЦ, Скопје (2013), Through their eyes. Images of the economic situation of women from developing countries of Central and Easter Europe, the Balkans and Central Asia, Варшава, Полска (2008),Трагом Љубави Белград, Србија (2008), Душата на Градот Музеј на Град Скопје (2007).
Селектирана видеoграфија: музичко видео за Elastic Venus на Undone (режија и камера)(2016),
The Hip – Reality Overdrive експериментално долгометражно видео (камера) прикажан во Прима Центар Берлин, Германија; Скопје, Кино Мис Стоун Прилеп, ДримОН Фестивал Струга, Бош Фестивал, Гевгелија (2015), документарен филм Што е парада? (режија и камера) прикажан во ЛГБТ центарот за поддршка, Скопје во рамките на Недела на Гордоста и на ДримОН Фестивал Струга (2014), документарен видео арт И фабриките имаат душа (фотографија и ко-режија) прикажан на Скопје Филм Фестивал; КУЦ Текстил, Штип; ДримОН Фестивал Струга; Бош Фестивал, Гевгелија, Музеј на Град Виница, Акто Фестивал Битола, Технома Металуршки Саем Скопјe, координатор на проектот – Јан Харлан (2011)
Селектирани перформанси
Сигнали#004, аудио-визуелен перформанс во соработка со Антонио Пирковски, во рамките на изложбата Поместени граници организирана од Друштво на ликовни уметници во Младински Културен Центар, Скопје (2019),Физички перформанс во видеоартот The Walk (прва награда на Биенале на млади уметници) Музеј на современа уметност, Скопје (2009), Still lives Групен перформанс во рамките на Locomotoon Фестивал, Театар Центар, Скопје (2009). На нашата инстаграм резиденција се претстави со серија на фотографии.
Кети Талевска
Кети живее и работи во Битола. Со фотографија се занима уште од 17 годишна возраст кое што од хоби прерасна во професија. По завршувањето на факултетот за медиумска комуникација во Словенија започнува со самостојна работа како видео монтажер и фотограф на културни настани. Од секојдневието бега во природа каде што ја полни својата енергија и добива мотивација за секој нареден проект. Кети Талевска се претстави со серија на фотографии насловени “Flying to nowhere“.
Ана Спасовска
Ана Спасовса која се претстави со серија на графики и колажи дел од изложбата “Agnosco“.
Давор Кешкец
Давор е дипломиран графичар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, како и член на ДЛУМ од 2020 година. Во 2018 година тој е добитник на студентската награда за графика “Драгутин Аврамовски – Гуте”.
Главно поле на интерес му се експерименталниот цртеж и графиката (длабок печат). Неговите дела може да се окарактеризираат како “чист ликовен јазик”. Тој на нашата резиденција ќе се претстави со седум цртежи, дел од неговото последно творештво, создадени во периодот април-мај 2020.
Стефан Младеновски
Стефан е дипломиран графичар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, како и член на ДЛУМ од 2020 година. Во 2018 година тој е добитник на студентската награда за графика “Драгутин Аврамовски – Гуте”.
Главно поле на интерес му се експерименталниот цртеж и графиката (длабок печат). Неговите дела може да се окарактеризираат како “чист ликовен јазик”. Тој на нашата резиденција ќе се претстави со седум цртежи, дел од неговото последно творештво, создадени во периодот април-мај 2020.
Диме Данов
Диме живее и твори во Скопје. Дел е од уредничкиот тим на списанието Скала (@skalamagazine), во видео одделот. Она што не може да го дофати со камерата, тој го пренесува преку пишаниот збор, поезијата. Диме Данов се претстави со серијата фотографии насловена „Копнеж“.
Бурџу Мусли
Таа е визуелен уметник, апсолвентка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, оддел сликарство. Таа досега има реализирано една самостојна изложба „Purgatory“ 2020, како и учество на повеќе групни изложби меѓу кои и интернационалнта изложба „Art 52nd Street“ (New York- 2019).
Нејзините дела, особено арт-колажите по кои е препознатлива, јасно и презино го проблематизираат општеството, секојдневните навики на обичниот човек, неговите искушенија и страсти. Во уметноста на Бурџу не постои табу, иако навидум луцидна и фантастична, таа храбро и критички го претставува животот, не бегајќи од реалноста пред која многумина неретко замижуваат. На нашата резиденција таа се претставува со серија на колажи насловени „Purgatory“ (Чистилиште).
Погледнете ја галеријата ↓
Additional Details
Project Title -
Project -