Skip to main content
културачитачка група

Од критичка психологија до критички ориентирана психолошка практика | Ана Тодоровска

By October 12, 2023No Comments

Замислете си една цветна порцеланска ваза. Вие стоите пред вазата, а околу неа се наоѓаат уште неколку луѓе. Секој има задача да ја наслика вазата како што ја гледа од својата перспектива и на начинот на којшто ја доживува. На крајот на денот, сите ги вртите своите слики и забележувате дека ниту една претстава на вазата не е идентична со вазата, ниту, пак, постојат две слични слики, секој ја пресликал во рамките на својот стил и на своите способности. Така е и со човечкото искуство, секој има уникатна перспектива и перцепција на животот посредувана од сетилата, животните околности, генетската меморија и сопствениот нарав.

Критичката психологија е ориентација во психологијата што обединува неколку пристапи што ги поврзува една нишка: предизвикување на традиционалните и конвенционалните сфаќања во психологијата. Од феминистичката психологија што ги истакнува родовите нееднаквости до психологијата на ослободувањето што се залага за зајакнување на маргинализираните заедници, секоја варијација во критичката психологија нуди нов диоптер преку кој се анализираат и се трансформираат традиционалните психолошки теории и практики. Оваа ориентација се спротивставува на политичката неутралност на психологијата и јасно зазема став воведувајќи нови фактори во равенката на човечкото искуство – нееднаквата распределба на моќта во општествените структури, културните предрасуди и дискриминаторните практики што неизбежно влијаат на добросостојбата на секој член – клетка на општествениот организам.

Покрај тоа, една од главните цели на критичката психологија е да се спротивстави на редуктивните поделби и дихотомии како квалитативна наспроти квантитативната поделба што сè уште доминира во академската заедница и да поттикне премостување на јазот меѓу поединецот и општеството во целост.1

Поимот „нормално“ и поимот „ментално здравје“

Кој одлучува што е нормално и кој е здрав?

За да можеме да одговориме на ова прашање, потребно е најнапред да одредиме што се подразбира под овие поими. Поимот „нормално“ се дефинира на следниот начин:

– Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, нормално е она што е правилно, прописно и обично или нормален е оној што е душевно здрав2.

– Според речникот „Мериjам-Вебстер“, нормално е она што е усогласено со некаков тип, стандардна или редовна шема или она што е во согласност и не отстапува од норма, правило, процедура или принцип3.

Според речникот на „Кембриџ“, нормално е она што е обично или вообичаено, она што е очекувано4.

Поимот „ментално здравје“ се дефинира на следниот начин:

„Менталното здравје вклучува емоционална, психолошка и социјална благосостојба. Менталното здравје влијае на тоа како размислуваме, што чувствуваме и како дејствуваме. Исто така, од менталното здравје зависи како се справуваме со стресот, како се однесуваме со другите и како ги правиме изборите“, дефиниција преземена од интернет-страницата на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија5.

„Менталното здравје е состојба на благосостојба во која поединецот ги реализира своите сопствени способности, може да се справи со нормалните стресови на животот, може да работи продуктивно и плодно и е способен да даде придонес во својата заедница“, дефиниција преземена од страната на Светската здравствена организација6.

Заедничко и спорно за овие две дефиниции е тоа што одговорноста за менталното здравје е лоцирана исклучиво кај поединецот преку неговата способност за придонес во заедницата, суптилно алудирајќи на тоа дека од дефиницијата за ментално здравје постои простор да биде исклучен оној поединец кој не може да се справи со „нормалните“ стресови на животот, предизвикани од истата заедница.

Одличен илустративен пример за менување на идејата за „нормално“ и „прифатливо“ во една заедница со цел остварување интерес на некаква идеологија за сметка на општото здравје е кампањата на Едвард Бернајс за „лаки страјк“, бренд за цигари сè уште познат и присутен. Накратко, Бернајс ги користи сознанијата од својот познат вујко Зигмунд Фројд со цел да влијае на јавното мислење. Своите активности подетално ги објаснува во книгата „Пропаганда“7. Имено, во периодот на дваесеттите и триесеттите години на 20 век било незамисливо жените да пушат цигари и оваа активност била исклучиво машка. Меѓутоа, Бернајс бил ангажиран да го прошири пазарот и да ги опфати жените, со што ја создал кампањата „Факели на слободата“, поврзувајќи го чинот на палење цигара со движењето за ослободување на жените и претворајќи го во феминистичко прашање. Палењето цигари од страна на тогашните „инфлуенсерки“, присуството на оваа тема во медиумите, весниците, рекламите и препораките од лекарите, кои тврдат дека тутунот придонесува за слабеење и постигнување на посакувана форма – придонело за постепена нормализација на жените кои пушат цигари на јавни места, популаризација на нездрава навика и зголемен профит на сметка на јавното здравје и општата добросостојба. И покрај тоа што некој би забележал дека пушењето е индивидуален избор, овој пример го отвора прашањето за тоа до каде изборите што ги правиме се свесно наши, а од каде под влијание на општествените норми и вредности.

Според тоа, не оспорувајќи ја нужната потреба од постоењето критериуми за тоа што е прифатливо, а што неприфатливо или непожелно однесување на поединецот во едно општество, дали може да се каже дека општеството во целина е секогаш здраво и дека ненормални/болни се оние што отстапуваат од неговите пропишани норми, особено ако го земеме предвид фактот дека општествените норми се одредуваат од страна на преовладувачката идеологија во тоа општество?

Во денешниот свет преовладува капиталистичката идеологија, која:

– Во центарот на своето внимание ја има индивидуата која е охрабрена да ги следи своите лични интереси, но истовремено е одговорна за својата лична добросостојба и виновна ако не успее да ги оствари.

– Го охрабрува стремежот кон профит и постојаниот натпревар со другите учесници кои се гледаат низ призма на противник/непријател, со цел стекнување на економска моќ и успех, дури и по цена на жртвување на менталното здравје.

– Од поединците се очекува посветено да работат за да можат да заработат за живот, но и истовремено се одговорни за својата финансиска сигурност, како и придонес за економскиот раст во општеството, без разлика на условите во кои ја остваруваат својата работа или се доведени до состојба на прегореност.

– Успехот се дефинира строго преку нивото на стекната економска моќ и акумулација на богатство и материјални добра, без разлика на нивниот начин на стекнување, што од досегашното искуство има сериозни последици за добросостојбата не само на човекот туку и на сиот жив свет.

На сличен начин, ова прашање го поставува и Ерих Фром, кој во своето дело „Здраво општество“8 дава нова перспектива на поимот ментално здравје: „Менталното здравје не може да се дефинира како приспособување на индивидуите кон општеството, туку, напротив, тоа мора да се дефинира како приспособување на општеството кон човечките потреби, како и неговата улога во понатамошниот развој или спречување на развојот на менталното здравје“. Некој можеби на оваа дефиниција би забележал дека човечките потреби варираат од место до место или од период до период, што секако мора да се земе предвид. Сепак, на истиот начин како што Дијагностичкиот прирачник и статистички прирачник за ментални нарушувања (DSM-5-TR)9 треба да се третира за тоа што претставува – само прирачник – наместо да го злоупотребуваме за медикализирање на секој аспект на човечкото искуство, така и би можеле да ја земеме Масловата хиерархија на потреби како основа и водич за тоа што една здрава заедница треба да обезбеди за своите членови, со цел достигнување на општа добросостојба, но и превенција на ментални нарушувања што зависат од следните фактори:

  1. – Основни потреби што ги вклучуваат физиолошките потреби и потребата за сигурност: ова подразбира дека заедницата има обврска на секој свој член да му овозможи соодветно засолниште, пристап до храна, вода, хигиенски услови и пристап до услови за достоинствена работа што ги задоволува потребите за живот или соодветна финансиска поддршка доколку лицето не е во можност или состојба да работи.
  2. – Психолошки потреби што ги вклучуваат потребата за припадност, пријателски и интимни врски, како и самопочит: заедницата има обврска да одговори на овие потреби со создавање простори и услови за здружување на луѓето и меѓусебна социјализација, како и признавање на придонесите и делата.
  3. – Потреба за самоактуализација, која подразбира остварување на сопствениот индивидуален потенцијал, креативност и личен развој – за што заедницата има обврска да обезбеди стимулација, поддршка и простор за креативен израз, како и признание.

Последното ниво може да се оствари со задоволување на претходните нивоа на потреби, иако постојат исклучоци. Сепак, во денешното општество се нагласува важноста на третото ниво исклучиво како обврска на поединецот, особено со социјалниот притисок на споредување преку социјалните мрежи, додека се занемарува важноста на улогата на заедницата за обезбедување на претходните две нивоа. Односно, ако сакаме да изградиме куќа, треба да почнеме од темелот, наместо од покривот.

Тенка е линијата меѓу „во“ и „вон“ душевната установа

Постои една изрека што кружи меѓу народот, која вели: „Нема здрави, има само непрегледани!“, која ми се допаѓа од единствена причина што ја релативизира строгата поделба меѓу инхерентно здрав и нормален наспроти инхерентно болен и ненормален човек. Истовремено, може да укажува и на фактот дека сите носиме потенцијал за развој на некаква болест или некакво нарушување, без да знаеме која околност или кој животен настан можат да претставуваат чкрапец за нејзина активација и навестува дека менталното здравје не е отсечка со два спротивни краја, туку спектар низ кој патуваме секојдневно.

Современата психологија во теоријата успева да ја препознае сложената игра меѓу генските предиспозиции, влијанието на средината и капацитетот на поединецот за самоопределување, меѓутоа во практиката сè уште затајува и, намерно или не, се води според принципот на дехуманизација во својата работа како аманет од минатото. Психологијата сè уште не е доволно транспарентна во однос на темната страна од својата историја, а во својот обид за политичка неутралност, всушност, се крие тенденција кон замижување пред социјалните неправди што неизбежно учествуваат во равенката на менталното здравје на заедницата, одржување статус кво, но и злоупотреба на психолошките сознанија како инструмент за социјална контрола. Дел од овие нехумани практики што засекогаш оставија дамка врз човековото душевно здравје се следните: преполни простории за престој на лица со ментални нарушувања со незадоволителни хигиенски услови, физичка, емоционална и сексуална злоупотреба, врзувања со синџири, окови и лудачки кошули, изведба на медицински, психолошки и социјални експерименти без информирана согласност, изведување лоботомија и електроконвулзивна терапија, конверзивна терапија за промена на сексуална ориентација и сл. Последиците од ваквиот суров третман се на одличен начин прикажани во филмот „Лет над кукавичкото гнездо“. Коренот на сите овие практики е неизбежно службата на некаква идеологија, без разлика дали станува збор за евгениката што беше длабоко истражена од страна на нацистите како начин на произведување „генска инфериорност“ преку селективно размножување на човечката раса или станува збор за собирање на психолошки податоци што понатаму се користат за следење на поединците, предвидување на нивните постапки и потенцијално влијание или контрола на нивното однесување, денес познати како „дигитален маркетинг“.

Траги од овие практики, за жал, сè уште се присутни и денес во психијатриските установи низ државата, каде што во изминатиот период беа утврдени исклучително мизерни услови за престој10, ниска хигиена, присуство на насилство, сомнителни остатоци од каиши, синџири и катанци11. Сето ова се случува и покрај тоа што овие институции меѓу своите главни цели ги имаат официјално12 наведено како причина за постоење следните ставки: Подобрување на менталното здравје на пациентите; воведување на повисоко ниво на квалитет на здравствена заштита на лицата кои се со психички нарушувања; подобрување на менталното здравје на популацијата во државата воопштено; нивна побрза и полесна интеграција и ресоцијализација во заедницата. Истовремено, статистиката укажува дека рецептот за дијазепам е третиот најчесто издаван рецепт во државата, т.е. во рок од една година биле испиени 1.352.396 кутии13, а се однесува на лек што има седативно, смирувачко дејство и висок ризик за создавање зависност. Како што е случајот и со делењето антидепресиви, кај нас сè уште не се применува практиката на информирана согласност, т.е. информирање на корисникот за можните ефекти, последици и нуспојави од терапијата, како што е предизвикување зависност. Контрадикторноста на двете состојби што се разликуваат како ден и ноќ – онаа што е наведена на хартија и онаа што се спроведува во практиката, нужно ги наметнува прашањата:

Кој статистички податок ќе биде доволен за прогласување криза на менталното здравје?

Како се случи тоа, во општество на изобилство, сè повеќе да се соочуваме со ментални нарушувања?

И, конечно, очигледно е дека досегашниот систем за грижа на менталното здравје „една капа за сите“ не е функционален. Како да се скрои капа што одговара на суштинските човечките потреби што веќе ги споменав погоре?

Еден инспиративен пример за револуционерна промена на системот за грижа на менталното здравје е работата на италијанскиот психијатар Франко Базалја, кој имал централна улога во менување на психијатриската практика во насока кон хуманизација на односот со лицата кои се соочуваат со ментални нарушувања, како и зачувување на нивното достоинство. Базалја во седумдесеттите години на 20 век почнал движење во кое радикално се залагал за деинституционализација, т.е. целосно затворање на психијатриските установи што промовираат сегрегација меѓу луѓето со ментални нарушувања и другиот свет што се смета за нормален14. Наместо тоа, тој се залагал за вклучување на овие лица во заедницата, третман заснован на почит и емпатија, како и обезбедување на лична автономија, со што, од една страна, тие добиваат шанса за вистинска реинтеграција во општеството, а од друга страна, се влијае врз намалувањето на стигмата поврзана со менталните нарушувања. На тој начин, Базалја со својот стручен тим го имплементира „Моделот на Трст“ во психијатриската болница во Трст, што понатаму има влијание врз воведување реформи во грижата за менталното здравје на глобално ниво. Истовремено, визијата на Базалја доведува до промена на законите поврзани со менталното здравје, како и похуман пристап низ целиот свет. Дел од овие практики се воспоставени и кај нас, но сè уште спорадично се применуваат:

  1. – Наместо отстранување на лицата со ментални тешкотии во посебни институции во кои се невидливи за преостанатиот свет, воспоставување мрежи на објекти во заедницата, како што се дневни центри и станбени објекти во кои се нуди грижа и психосоцијална поддршка во рамките на локалните заедници.
  2. – Интеграција на различни услуги како медицинска нега, психолошка поддршка, социјални услуги и рехабилитација според индивидуален и персонализиран план, земајќи ги предвид социјалните, културните и еколошките фактори што влијаат на добросостојбата на поединецот, но и неговите потреби.
  3. – Програми за превенција, препознавање и рана интервенција, особено кога менталните тешкотии се превентабилни и се предизвикани од животните услови.

Овој бран на деинституционализација во седумдесеттите години во Италија резултира и со менување на односите и структурите во рамките на институцијата, така што, медицинските сестри се вклучуваат кон штрајкот и ги отвораат одделенијата, ги соблекуваат униформите, ја укинуваат позицијата на главна медицинска сестра и се самоорганизираат, ги придружуваат пациентите дотогаш насилно затворени во болницата надвор, со цел да се интегрираат во „нормалниот, реален свет“. Накратко, тие се заложија за користење на сопствената моќ во рамките на своите улоги во рамките на структурите и институциите, наместо да останат надвор од системот.

Од друга страна, постои и примерот на шкотскиот психијатар Роналд Д. Лејнг, припадник на антипсихијатриското движење, кој комплетно ги напушта институциите и создава социјален експеримент со основање на приватна терапевтска заедница во вид на комуна, во која се промовира емпатичен и отворен пристап кон лицата кои искусуваат ментални нарушувања, како повик кон креирање простори во кои овие лица можат да ги истражат своите искуства во поддржувачка атмосфера и да им дадат смисла. Овој пристап понатаму влијаел на развојот на хуманистичката струја во психологијата, како и основањето на peer support групи за поддршка и дестигматизација на менталните нарушувања.

Не би рекла дека едниот или другиот начин е правилен. Секоја идеја има свое време, зависно од историскиот контекст. Се чини дека колку што е поголема нееднаквата распределба на моќ и ресурси во општеството, исто толку е потребно да се отиде во спротивниот екстрем, со цел да се дојде до балансот меѓу двата краја.

Критичката психологија како ориентација денес

Според изложеното, би рекла дека критичката психологија не претставува посебна гранка или дисциплина, туку начин на поглед на светот што не замижува пред неправдата. Кое е местото на еден критички психолог денес?

  1. – Да ја преиспита својата позиција кон клиентот – дали поаѓа од место на авторитет или од место на човек со уникатно животно искуство наспроти човек со уникатно животно искуство.
  2. – Да смисли нов термин наместо „пациент“ и „клиент“ – првиот термин нужно алудира на болест и однос во кој терапевтот е тој што го држи клучот за оздравување, додека вториот термин произлегува од потрошувачкиот начин на мислење што дехуманизира.
  3. – Наместо заземање нема позиција што го одржува општественото статус кво и играње улога на заоблувач на аглите во општеството, да ги стави своите знаења и вештини во функција за залагање за социјална правда и еднаквост, како и против угнетувачките системи.
  4. – Да работи на промени во политиките што промовираат инклузивност.
  5. – Постојано да ги преиспитува општествените структури и начинот на кој тие влијаат врз одржување на нееднаквата распределба на моќ, а истовремено да ги препознава и во сопствениот живот.
  6. – Да практикува информирана согласност и да ја почитува одлуката на клиентите во однос на начинот за одвивање и планирање на третманот.
  7. – Покрај девизата „грижа за себе“, да ја практикува и „грижа за заедницата“.
  8. – Психолошките теории да ги зема за она што се – само теории.

Накратко, критичкиот психолог има голема задача да ги погледне сите слики на кои е претставена вазата и да разбере дека секоја од нив е нејзин релевантен и еднакво важен приказ.

Користена литература:

  1. Handbook of Critical Psychology. Ed. Ian Parker. New York: Routledge, 2015.
  2. http://drmj.eu/search/%D0%BD%D0%BE%D1%80%D0%BC%D0%B0%D0%BB%D0%BD%D0%BE
  3. https://www.merriam-webster.com/dictionary/normal
  4. https://dictionary.cambridge.org/dictionary/english/normal
  5. https://www.iph.mk/10-oktomvri-svetski-den-na-mentalnoto-zdravje/
  6. https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/mental-health-strengthening-our-response
  7. Бернајс, Едвард. Пропаганда. Скопје: Антолог, 2020.
  8. Fromm, Erich. Zdravo društvo. Zagreb: Naprijed & Beograd: Nolit, 1986.
  9. American Psychiatric Association. (2022). Diagnostic and statistical manual of mental disorders (5th ed., text rev.). https://doi.org/10.1176/appi.books.9780890425787
  10. https://fokus.mk/ertmizerija-vo-psihijatriskata-bolnitsa-vo-bardovtsi-patsientite-zaboraveni-od-opshtestvoto/
  11. https://www.dw.com/mk/naroden-pravobranitel-kaisi-za-vrzuvane-i-sindiri-vo-psihijatriskite-bolnici-vo-zatvorite-se-spie-na-pod/a-66034621?maca=maz-rss-maz-pol_makedonija_timemk-4727-xml-mrss
  12. https://www.psihijatriskadh.mk/index.html
  13. https://vidivaka.mk/diazepam-chesto-upotrebuvan-ka-makedoncite/
  14. Psychiatry Inside Out: Selected Writings of Franco Basaglia. Ed. Nancy Scheper-Hughes and Anne M. Lovell. Trans. Anne M. Lovell and Teresa Shtob. New York: Columbia University Press, 1987.

Автор:
Ана Тодоровска, психолог/практичар на експресивна арт терапија

Тема на читачката група на КСП Центар-Јадро во 2023 година беше Критичка психологија. Критичката психологија е перспектива за психологијата која црпи опширни сознанија од критичката теорија. Критичката психологија ја предизвикува општо прифатената (т.н. мејнстрим) психологија и се обидува да применува психички разбирања на понапредни начини кои се во потрага кон општествени промени како средство за спречување и лекување на психопатолошки појави. Дел од авторите што се читаа во групата се: Клаус Холзкамп, Јан Паркер, Томас Тео итн. Читачката група започна со семинар предводен од грчкиот критички психолог Атанасиос Марвакис кој воедно беше и стручен соработник за курикулумот. Во рамки на програмската активност се одржаа средби со учесници од различни групи од заедницата, како локална, така и уметничка.

Илустрација: Дарко Алексовски

Leave a Reply