Skip to main content
Места на дарежливост – трансформативни станициработилница

„Лета, лета, Локубија“ – Елена Чемерска | Места на дарежливост – трансформативни станици

By July 27, 2022No Comments

Елена Чемерска: „Лета, лета, Локубија“ е емотивно сеќавање на Кочани и на Споменикот на слободата

Неодамна уметниците Елена Чемерска и Доротеј Нешовски ја комплетираа работилницата „Лета, лета, Локубија“ наменета за сите деца што живеат во подрачјето на ридот Локубија, Кочани и пошироко на возраст од 6-12 години, љубопитни за летањето, летачките објекти и нивното создавање.

Во описот на самата работилница стои дека „Лета, лета, Локубија“ е продолжување на долгогодишните активности во рамките на интердисциплинарниот документарен уметнички проект во организација на визуелната уметница Елена Чемерска, кој има за цел физичка и значенска ревитализација на Споменикот на слободата во Кочани и неговата утописка програма. Работилницата се одржа во две фази, оставајќи впечаток со својата тематската слоевитост, најпрво бегајќи од границите на главниот град што е вообичаена локација за активности од ваков вид, а потоа опфаќајќи едукативна, еколошка, документаристичка и, над сè, функција на ревитализација и актуализирање на монументалното дело на Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ. „Лета, лета, Локубија“ беше повод да поразговараме со Елена Чемерска и да дознаеме повеќе за искуствата и доживувањата на организаторите и учесниците.

Во проектот „Лета, лета, Локубија“ се измешани личното и професионалното, а целта и самата работа со децата на овој начин и токму на оваа локација е многу оригинална и благородна идеја. Како дојде до неа?

– „Лета, лета, Локубија“ е продолжување на долгогодишните активности во рамките на поширокиот проект „Татковина: Споменик на слободата“, кој се развива околу значенската, а понатаму се надевам и физичката ревитализација на Споменикот на слободата во Кочани и неговата утопистичка програма. Тој се одвиваше во различни фази, кои вклучуваа ангажмани и вмрежувања на професионалци од различни дисциплини, но во голема мера и локалната заедница на Кочани како клучен актер во обидот да се ревитализира Споменикот на слободата и повторно да се активира неговиот еманципаторски потенцијал.

Низ разговори со голем број кочанчани од различни генерации произлегува дека кај децата од градот има неформална традиција на летање змејови (летала) на Споменикот на слободата. Ова е честопати првото емотивно сеќавање на граѓаните на Кочани врзано со споменикот уште од неговото отворање – возрасните ги носат своите деца и внуци да летаат змејови на споменикот, бидејќи неговата географска позицијата над градот е погодна за овие активности.

На „Лета, лета, Локубија“, која беше реализирана во соработка со КСП Центар-Јадро, во рамките на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“, беше предвидена дводневна работилница во период од еден месец за изработка на летала од рециклирани материјали од градската депонија во Кочани врз основа на цртежи на децата учесници во работилницата, инспирирани од мозаичните фризови на Споменикот на слободата. Поттикната токму од приказните врзани со летањето змејови на Споменикот на слободата, оваа работилница беше наменета за сите деца што живеат во подрачјето на ридот Локубија, Кочани и пошироко на возраст од 6-12 години и кои се љубопитни за летањето, летачките објекти и нивното создавање.

Работилницата се одржа во две фази. Првата фаза претставуваше детска ликовна работилница, која ја водевме заедно со уметникот Доротеј Нешовски. За време на првиот ден од работилницата имавме можност подобро да се запознаеме со децата, тие да се запознаат меѓу себе и малку подобро да се запознаат со приказната на Споменикот на слободата. Потоа, врз основа на нашите разговори и впечатоци, влеговме во создавање цртежи и колажи во различни техники, кои беа некаде информирани од искуството со споменикот.

Во периодот помеѓу првата и втората фаза на работилницата, беше направена адаптација на детските цртежи изработени во рамките на ликовната работилница во прототипи за изработка на летала змејови. Вака адаптираните цртежи потоа беа отпечатени на рециклиран материјал што беше и соодветен за летање, и иако имавме некои технички предизвици, но ништо ненадминливо. Рециклираниот материјал беше добиен во соработка со Еко проект-Ко од Кочани и компанијата „Агропал“ од Тетово, а беше важно да потекнува од локалниот кочански отпад.

Вториот дел од работилницата подразбираше соработка со професионални произведувачи на летала, со чија помош децата учесници во работилницата своерачно ги комплетираа леталата произлезени од нивните цртежи. Во рамките на овој дел од работилницата, децата учесници можеа да видат и да научат што е потребно за моделирање и изведба на змејови. Дополнително, тие беа запознаени и со основните концепти на рециклирачката практика користена во добивањето на материјалот од кој се изработени змејовите создадени врз основа на нивните првични цртежи. На крајот на работилницата, секое дете со себе го зема своето летало, кое ќе го чека до својот следен лет над Локубија. J

Сето ова се случува под идејната закрила и самото значење на Споменикот на слободата во културната меморија и споменичното наследство на овој регион и на државата воопшто. Која е големата слика за ревитализацијата на овој споменик и што следно е потребно да се направи?

– Целата приказна за ревитализацијата на Споменикот на слободата не е врзана само и буквално за неговата конзервација единствено како место на меморија. Убавата работа со овој споменик (не е единствен, но тој е фокусот во овој случај, па би се задржала на него) е што е отворен кон нови форми на комуникација и замислување на општеството воопшто, а воедно во некои свои реконфигурации може истите и да ги предизвика. Тука има два аспекта, кои јас не ги одвојувам реско еден од друг. Првиот, кој е врзан со институционалниот однос кон и свеста за можностите на културното наследство во државата, е нешто за што не би сакала овде да одземам простор затоа што бара многу пошироки рамки за да се елаборира точна слика, а таа слика е морбидна.

Другиот, кој ми е близок како уметнички интерес, е врзан со преобмислувањето на модернизмот, неговите замки и некогаш нему инхерентната агресија, што е комплексна тема што има импликации врз тоа како го замислуваме и градиме нашиот заеднички свет.  Од тој аспект, она што се обидувам да го правам во целата работа со Споменикот на слободата е продуцирање некакво ново колективно искуство, кое е произлезено од ова место и проекциите за иднината што се негов иманентен дел, но тоа искуство да биде информирано и освестено од суштинското соочување на ова наследство (а преку него и јас како уметник што се занимава со таа тема) со проблематичните и слепи точки на ветувањата на модернизмот. Од мојата моментална перспектива што постојано се трудам да ја освестам, пред сè преку вклучување соработници што во сликата ќе додадат мноштво ракурси, ми изгледа дека разработката на оваа траума и нејзиното евентуално надминување може да предизвика ситуација во која би можеле да конципираме поинаква слика за иднината, која мора да биде порастоварена од човечката сингуларност, бидејќи поинаку е неодржливо и неиздржливо.

Да го сведам ова на практично ниво, мислам дека појдов кон материјализирање на овие концепти преку организирање некои настани во секојдневниот живот во Кочани, кои ги води идејата за зајакнување и пронаоѓање културна свест информирана од преобмислувањето на нашата позиција како агенти во општеството и светот што го населуваме. Споменикот на слободата го земав како дом на овие настани, како егземпларно модернистичко културно наследство и упорен сведок но и агент што дава да се разубеди, на еден светоглед во кој е вткаена токму модернистичката проективност. Денес, Кочани е град што се соочува со сериозни предизвици, чии корени се резултат на некаков историски тек што се развива по контекстот во кој е изграден споменикот. Тие на најпрактично ниво се манифестираат како масовна миграција односно испразнување и изумирање на градот, пред сè поради негативните аспекти на неправедните транзициски процеси врз локалното стопанство, кои имаа разорни ефекти врз целокупниот живот, и кои резултираат со непрекинат процес на осиромашување, пропаѓање и депопулација. Ова не е единствен случај, ова е ситуацијата и во многу други помали градови низ државата. Податоците од Министерството за образование покажуваат дека во периодот од 2016 до 2020 година, 383 ученика од Кочани се целосно отпишани од основно и средно образование. Да не должам, но ова е ситуацијата што претставува основа за наредните планирани активности, кои имаат симболична вредност во рамките на поширокиот проект врзан со ревитализацијата на Споменикот на слободата. Низ целата работа се трудам да земам предвид повеќе аспекти, па осознавам дека треба да се спроведуваат различни акции и на различни нивоа. Низ годините овие чекори се напластуваат и секој чекор му отвора пат на следниот.

Како децата ја прифатија работилницата и спојот на уметноста со летањето змејови како традиција на Локубија?

– Децата беа прекрасни. 🙂 Нивната енергија и фантазија ми се чудо, а ја прифатија работилницата најприродно и најдарежливо, и влегоа во сите планирани активности со полна пареа. Направивме безброј цртежи, слики и колажи. Имав можност да ја проследам нивната фасцинантна љубопитност, концентрација и игривост, и како понатаму ги трансформираат во леснотија и слобода во сликотворењето. Истото се случи и во вториот дел од работилницата, каде што со помош на двајца професионални моделатори, заедно со децата ги склопивме леталата што се базираа на нивните цртежи и ги подготвивме за лет. Имавме технички предизвици и условите не беа најсјајни, но тоа на крајот како никому да не му сметаше, бидејќи поентата беше нешто друго – лежеше некаде во нашето заедништво. 🙂

Целата работилница ја работевме заедно со Доротеј Нешовски, чија уметничка практика е во голема мера информирана од неговата работа со деца и тој е прекрасен. Неговото внимание и деликатниот однос што го негува со дечињата, како и рамноправноста и почитта со која им приоѓа на нивните чувства, потреби и барања се нешто што е прекрасен пример за негување релации, кој далеку го надминува конкретниот пример и во него препознавам една прекрасна радикалност. Меѓу другото, мислам дека е и нешто за што би требало да биде заинтересиран и формалниот образовен систем во обмислувањето на своите следни развојни траектории.

 Како течеше процесот на адаптација на нивните цртежи во втората фаза од работилницата?

– Цртежите што ги направивме заедно со децата на Споменикот на слободата за време на првата фаза на работилница беа земени како основа за леталата што заедно ги измоделиравме во втората фаза на работилницата. Од ликовен аспект, цртежите поминаа низ мали измени, односно графички ги уредивме во површини со форми соодветни за летала – четириаголници и шестоаголници, а во некои ситуации и комбиниравме повеќе од нивните цртежи на едно платно. 🙂 „Платната“ на кои беа отпечатени леталата, всушност беа рециклирана фолија што за потребите на проектот ја донираше компанијата „Агропал“ од Тетово, чија основна дејност, меѓу другото, е рециклажа на пластика. Бидејќи во Кочани не постои локален капацитет што се занимава со оваа дејност, пластиката потребна за добивање на рециклираниот материјал беше обезбедена и доставена во соработка со Еко проект-Ко од Кочани, кои исто така несебично се согласија да се вклучат во проектот и да достават до „Агропал“ одредена количина отпад, која ќе биде наменета за нашиот проект, а чија основна дејност е собирање и транспортирање комунален и други видови неопасен отпад.

Откако адаптираните цртежи на децата беа отпечатени на рециклираните носачи, во соработка со Народна техника Скопје, без чија посветена другарска соработка и експертиза немаше да успееме да ги измоделираме змејчињата, беа набавени сите потребни материјали за нивното моделирање и така стасаа во Кочани на вториот дел од работилницата, каде што децата учесници имаа можност во соработка со нас да ги комплетираат своите летала.

Што научивте вие, а што децата при летот на змејовите над монументалниот рид Локубија и иконичниот Споменик на слободата?

– Мислам дека сите заминавме од Локубија со едно специфично искуство што го споделивме во тој миг и дека тоа можеби ќе остане да одекнува како некаква вредност во фрагменти од нашите понатамошни доживувања. 🙂

ИЗВОР: POPUP

Leave a Reply