KSC Jadro

Управување


„Центар-Јадро“ заеднички го основаа Општина Центар и „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, која во заедничка платформа обединува организации, поединци и неформални уметнички групи од целата држава. Ваквиот модел овозможува долгорочна одржливост, која е резултат на урамнотежениот однос помеѓу јавното финансирање и надзорот, од една страна, и независното програмирање и партиципативно носење на одлуките, од друга страна.

Улогата на Општина Центар е да обезбеди соодветен простор и основни средства за темелно функционирање и реализација на програмите. Продукцијата на програмата ја финансираат организациите-кориснички, односно партнерите на „Центар-Јадро“.

Со „Центар-Јадро“ управува Управниот одбор. Преку Програмскиот совет, чиј состав го предлага директорот, а кој е составен од истакнати културни работници од независната сцена, во процесот на носење на одлуките се вклучени и корисниците.

При градењето и при сите покрупни измени на моделот на користење, освен Програмскиот совет, расправаат и сите заинтересирани организации.

 

Основачи 

Основачите ја надгледуваат работата на „Центар-Јадро“, ги носат важните одлуки за дејноста и развојот на центарот, даваат согласност на темелните документи и другите акти. Управниот одбор управува со „Центар-Јадро“ и се состои од три члена. Едниот член на Управниот одбор го именува  Советот на Општина Центар, од редот на угледните културни и уметнички работници, другиот го бира „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, додека третиот член е истакнат претставник на граѓанскиот сектор, кого го бираат основачите на начин одреден со статутот.

Примарна улога на „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, е да ги обединува организациите што дејствуваат на ова подрачје и на тој начин да осигура програми што ќе се реализираат во „Центар-Јадро“. На тој начин се обезбедува и дополнително програмско финансирање од различни домашни и странски извори.  Со зачленувањето во „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, сите организации што го сакаат тоа можат рамноправно да учествуваат во управувањето со „Центар-Јадро“. Информациите како да станете членка на „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, побарајте ги овде: зачлени се во Јадро. Членството во „Јадро“ не е услов за користење на ресурсите на „Центар-Јадро“.

Клучна улога на Општина Центар е да обезбеди соодветен простор и основни средства за темелно функционирање на „Центар-Јадро“ и за одвивање на програмата. Општина Центар исто така има улога на јавен надзор на користењето на градскиот имот и за надгледување на работата на „Центар-Јадро“ како јавна установа. Улогите, овластувањата и одговорностите на основачите се прецизно дефинирани и во темелните документи.

 

Организациска структура 

Управниот одбор управува со „Центар-Јадро“, ги донесува темелните документи за работата на „Центар-Јадро“ и одлучува за распределбата на финансиските средства на „Центар-Јадро“. Директорот ја организира и ја води работата на „Центар-Јадро“ и ја застапува установата пред трети страни. По спроведен јавен оглас, директорот го предлага Управниот одбор, а одлуката за избор ја верификува Советот на Општина Центар и Управниот одбор на „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена. Директорот се избира на мандат од четири години. Одговорен е за севкупната работа на „Центар-Јадро“, а со „Центар-Јадро“ управува во соработка со Управниот одбор, Програмскиот совет, вработениот тим и останатите соработници.

Програмскиот совет е стручно советодавно тело составено од претставници на „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, кое расправа за правилата и процедурите на користење на ресурсите (моделот на работа), програмските насоки и долгорочните програмски планови и ги разгледува евентуалните поплаки на одлуките на програмскиот координатор. Програмскиот совет има 3 члена, кои се бираат од редовите на „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена со мандат од 2 години.

 

X