Skip to main content
култура

Недисциплинирано (само)образование: Белешка кон книгата Отшколувано општество на Иван Илиќ

By December 19, 2022No Comments

Пишува: Мања Величковска, магистер на Институтот за филозофија при УКИМ во областа естетика

Преземено од https://twitter.com/mr_rookes

Апстракт

Текстот Недисциплинирано образование: Белешка кон текстот Отшколување на општеството од Иван Илиќ се интересира за современите лични ризици и колективни придобивки што произлегуваат од изборот на неконформистичкото образование. Целта на овој труд е да поттикне преиспитување на актуелните наративи и стратегии присутни во денешното образование, кои главно ѝ припаѓаат на владејачката класа и на помоќниот род, но не и на народот сфатен како расположливата неидентификувана маса луѓе. Преку анализа на ритуализацијата на процесот на образованието, кој се стреми да се самореплицира, текстот ќе се обиде да создаде отпор кон бесконечната консумација на образованието во присуство на идеализиран господар на знаењето.

Трагањето по постојан раст што нè води кон созревање, ќе се толкува низ актот на бегство од одговорност, непреземањето акција, деполитизација и повлекување во себе, со намера за избегнување конфликт и безбедно трагање по недостижниот идеал за „сезнаечкиот“ човек. Низ теоријата на Иван Илиќ ќе се искористи за да се критикува училиштето како институција што стекнува моќ од создавањето општество зависно од потребата постојано формално усовршување и школување само заради школување, изземајќи го потенцијалот за образование од другите општествени аспекти.

Клучни зборови: образование, училиште, необразование, недисциплина, Иван Илиќ

 

Утрешниот ден ќе ми биде попродуктивен од денешниот – се утешуваме ноќе пред легнување, а уште следното утро таа мисла не може да ни биде подалечна од сè. Во потрага по некаква идеализирана исполнетост на нашиот живот, внимателно ги пречкртуваме не само работните обврски туку и некогашните лични задоволства. We gave morning people way too much power, гласеше еден твит на кој налетав неодамна. Од принцип веќе одбивам да се подложувам на очекуваната хиперпродуктивност, особено во раните часови. Да ти кажам право, ништо не завршив докрај. На работа оставив обврски за утре. Попладнето зачитав еден расказ, но воопшто не ми се допадна и не го дочитав. Вечерта загледав филм, но заспав на половина – одговарам на прашањето Што правеше вчера?, по првпат не придавајќи толкава важност на сопствената недисциплина. После година на прегорување и неколку бранови на post-burnout, електронскиот нотес го именував денеска/утре за грижата од денеска да ја немам ниту утре, и тоа, иако е наивно, прави да се чувствувам за нијанса подобро.

Во време кога сме обземени од работата и од образованието, тешко успеваме да најдеме време за другите и за себе, а уште помалку да воспоставиме граници што ќе ги штитат нашите можности и приоритети. Загубени во напливот на обврски си нудиме меѓусебна утеха, споредувајќи ја личната истоштеност. Би дошла вечерва ако не сум уморна, возвраќа другарка на покана за журка во една групна порака. Со мојот бапски ентузијазам ќе ве дружам само до 11… И јас исто се чувствувам, ама не сакав да кажам… и Нели сме стари за таа американска шема да чекаме ред во „Станица“? – одговараат преостанатите вклучени во разговорот. Во дваесеттите години од животот се обидуваме да навигираме повеќе од една работа и студии, правејќи жртви на сметка на слободното време. Себедисциплинирајќи се, продолжуваме да постоиме реплицирајќи го она што некогаш нè научил образовниот систем. Производи сме на училиштето што ги има институционализирано нашите вредности. Честопати, одредени искуства допираат до нас само доколку се соодветно квантифицирани. Анархистичкиот филозоф Иван Илиќ оди дотаму што вели дека поради навиката на мерење на сопствениот напредок, понекогаш одредени искуства што не можат да се сместат во усвоените калапи, ги отфрламе и ги перципираме како заканувачки (19). Не си дозволуваме уживање на задоволството доколку тоа не доаѓа во веќе познат облик. Самите се „ставаме во ред“. Всушност, на една работна средба со колеги од регионот се соочивме со проблем кога имавме задача да си замислиме утописки и храбар нов свет. Нашата квантифицирана имагинација ги пресмета и ги процени сите потреби и трошоци за остварување на идејата, што заборавивме да си дозволиме да го посакаме невозможното. Ретко кога и воопшто застануваме за да мечтаеме. Ја имаме загубено навиката да фантазираме во тишина или да се концентрираме на завршување на една работа, без придружба од разни бели, кафени, АСМР или други телевизиски шумови.

Секако дека сето ова не е последица од само еден фактор, но образованието има голем удел во тоа. Растејќи во средина што се разбира како простор на постојан натпревар, поединецот почнува да го подражава „ритуалното ривалство“ што го воспоставува системот. За училиштето да ја продолжи својата „ритуална игра“, тоа практикува лажно вклучување на маргинализираните ученици по принцип на токенизам и целосно ги жртвува „паднатите“ или преполагачите (20). Во поголемата слика на адаптација во уште посуровото општество, тие се расположливите субјекти кои секогаш се наоѓаат на патот на личниот развој и идеалот за успешно завршеното образование. Во таа смисла, Иван Илиќ го толкува училиштето како „магична матка“ што периодично секоја година одново го преродува детето, „сè до неговото последно протерување во светот на возрасните“ (15-16). Таа репетиција, во најмала рака, влијае врз нашата перцепција на времето. Во исчекување сме на „свртувањето на завртката“ и продолжуваме да се ориентираме според траењето на учебната година, и покрај постоењето на новите можности. Се чувствуваме притиснати да заземеме друг тек и да воспоставиме нов животен ритам што нема да соодветствува со тој на училиштето. Но, одвојувањето од тој маѓепсан круг е нужно потребно. Компулсивното реплицирање на истиот процес што претставува „школување само заради школување“ не води кон нужен раст и созревање. Честопати, резултира со спротивното и носи кон повлекување во себе, деполитизација, бегство од одговорност, непреземање акција и избегнување конфликт сè до некое идно замислено време на откривање на идеалот за „сезнаечкиот човек“ кој треба да настане од нас. Во кризни ситуации во нас настапува инстинктот за бегство, наместо борба, бидејќи „митот за бесконечната консумација“ (20) на образованието (во присуство на идеализиран господар на знаењето) е во согласност со верувањето за бесконечниот живот, карактеристичен за верувањата во аврамските религии. Продолжувањето на образованието никогаш не се разбира секуларно, во релација со нашиот конечен живот сега и овде, или како нешто што останува на нас и за што не ни се потребни надворешни надзор и контрола. Меѓутоа, одделувањето од оваа навика генерално на човештвото не му оди воопшто добро. Односно, како што согледува Илиќ, во американските образовни институции што се екстремно непристапни за сите, еден граѓанин е спремен попрво доживотно да се задолжи отколку да излезе од претпоставената матрица. „Фанатицизмот по школувањето“ владее до таа мера што луѓето честопати се чувствуваат инфериорни кон подобро школуваните од нив (5), а понатаму во животот – помалку вредни од сите други со кои се навикнати да се споредуваат.

Сликата е направена со DALL·E-2

Иако согледуваме дека ефектите од досегашното образование се катастрофални во многу размери, продолжуваме да го поддржуваме пасивизираниот „стар добар систем“ на школување, кој ги апсорбира и ги дестилира неправдата и војните. Прашувајќи се дали можеме да го запреме тоа, на ум ми доаѓаат две ситуации. За време на студентските протести од 2014 година и создавањето на автономната зона при УКИМ во Скопје, одредени студенти во клучните моменти од развојот на настаните инсистираа на прекинување на протестите поради потребата од надополнување на часовите. Скоро, пак, во 2022 година, членови на Сојузот на средношколците се спротивставија на штрајкот на наставниците, велејќи дека немаат доволно време за подготовка на матурските испити. Немањето часови за нив значеше престан на постојаната консумација на образованието сервирано во дадена форма, поради што тие настаните ги доживеаја како огромна пречка за нивниот понатамошен развој, небаре сè дотука било како што треба. Во обата случаи реакцијата изгледаше како да се должи на инстинктивен рефлекс, а не подлабоко размислување за смислата на таквото алтернативно искуство на нивното време. Помислата на солидарноста со работничкото и студентското право на штрајк и протест беа засенети од потребата за остварување на личните потреби врзани за продолжувањето на образовниот процес по секоја цена. Сепак, ова и не треба да нè изненадува толку. Сосема е очекувано и веројатно дека ќе се случи повторно, бидејќи постојните наративи во нашето образование отсекогаш ѝ припаѓале на владејачката класа и ги раскажувале приказните на помоќните. Ако училиштето никогаш не се интересирало да ги пренесе условите на живот на обичниот човек, зошто тогаш би очекувале овие ученици да постапуваат поразлично од материјата што ја изучуваат?

Дел од проблемот со отуѓеноста меѓу нас лежи и во сознанието дека нашите образовни институции се вредносно најдесноориентирани, што значи дека се „општествено или психолошки зависни“, наспроти левонаклонетите институции што би можеле да функционираат како мрежи „кои ја олеснуваат комуникацијата и соработката“ (25). Токму затоа Иван Илиќ предлага нешто што го нарекува институционална револуција (4) и основање на инверзни училишта „кои попрво ќе поддржуваат личен развој отколку [ваква] зависност“ (24). Половина век од своето излегување, навраќањето кон неговата книга Отшколувано општество (1970) е повеќе од потребно. Илиќ, кој се застапувал за радикално раскрстување со институциите, самиот го искусил ризикот од спротивставувањето на дадените практики, кога како католички свештеник и теолог се откажал од личната удобност за да заговара почитување на особено женските репродуктивни и сексуални права и да ја критикува Црквата. Овој негов премин укажува на тоа дека стравот од последиците на преземањето ризик е главна пречка што нè спречува да дадеме отпор кон консумацијата. Сепак, според него, „ризиците од бунтот против училиштето се непредвидливи, не се толку ужасни како оние на револуцијата што почнува во која било друга голема институција“ (22), што од денешна перспектива може да биде единствено, но и фатално решение. Во време кога образовните реформи и закони не можат да се донесат во целост поради промена на власт и министри и стануваат терен за партиски пресметки, отшколувањето се чини како добар обид за воспоставување на нов начин на функционирање. Од друга страна, загрижувачкиот фактор што Илиќ не можел да го има предвид е порастот на антиродовите движења. Нивните актери кои заземаат сè поголем простор, внимание и моќ на западниот Балкан и во Европа, претставуваат сериозно опасни чинители кои имаат цел да го разнишаат авторитетот на јавните образовни институции, со цел уназадување на човековите права и зајакнување на системската дискриминација и деградација. Впрочем, терминот отшколување (deschooling) тие го користат погрешно, преведувајќи го како домашно образование (homeschooling), што е далеку од она што Илиќ го предлага кога ги постулира неговите идеи за воспоставување на добар образовен систем составен од нематеријални образовни мрежи на можности (33). Имајќи го предвид технолошкиот напредок, оваа идеја денес не е незамислива. Тој предложил воспоставување на четири различни мрежи на: референтни сервиси за образовните објекти, размена на вештини, поврзување на врсниците и референтни услуги за едукаторите воопшто; кои можат лесно да се применуваат. Неговата идеја за образовните мрежи почива врз тезата дека „училиштата се проектирани врз претпоставката дека за сè во животот има тајна“ која „само наставниците може да ни ја откријат“ (33). Но, во ниту еден момент тој не предлага несистемско образование и префрлање на одговорноста, како и целиот финансиски и друг товар од плеќите на државата врз поединецот. Напротив, објаснува дека еден добар образовен систем „треба да има три цели: (1) да им обезбеди на сите што сакаат да учат пристап до достапните ресурси во секое време, (2) да ги поттикне сите што сакаат да го споделат она што го знаат и да ги најдат тие што сакаат тоа да го научат од нив, и (3) да им даде можност на сите што сакаат да покренат прашање во јавноста да имаат начин како да го направат тоа“ (33). Со тоа, тој создава можност за влез во образовниот систем на оние што не ѝ припаѓаат на академијата, но имаат соодветни компетенции во дадена област и сакаат да ги споделат со оние што имаат желба да учат од нив. Притоа, концептот за отшколување на Илиќ не подразбира разводнување на материјата или влез во доменот на ненаучноста, каква што е практиката на антиродовите актери во нивните наративи, настапи и предавања.

Напротив, критичката педагогија од Пауло Фрејре, Иван Илиќ, Анри Жиру, бел хукс и многумина други се стреми да ги искорени длабоко навлезените стеги што ја стерилизираат предметната содржина и не дозволуваат нејзино преиспитување. За разлика од антиродовите движења што истовремено сакаат да го задржат статус квото на образованието, за потоа да го урнисаат, укажувајќи на неговата небезбедност и нецелисходност, критичката педагогија нуди практични излези од воспоставениот систем, истовремено задолжувајќи ја државата да ги овозможи условите за посоодветна образовна комуникација. Конечно, промената на образованието какво што го знаеме е крајно потребна, бидејќи од неа зависи секој потенцијал за вистинска политичка промена. „Револуционерна стратегија може да се планира само ако училиштето се сфати како индустрија“ што треба да се запре, бидејќи „отшколувањето се наоѓа во коренот на секое движење за ослободување на човекот“ (21-22). Очекуваното доаѓање на економската револуција не смее да го запре отшколувањето како принцип што е неопходно заснован врз левата идеологија и има моќ за поттикнување на други коренити општествени промени. Во контекст на ова, ако се вратиме на разговорот од почетокот, она што е можеби најдобро за нас да го практикуваме е недисциплината. Подобро е илјадапати да прочитаме една вредна реченица, отколку да ги штиклираме успешно прочитаните книги. Во време кога училиштето има антиобразовни ефекти, а популарната култура вклучува критика што ја игнорираат образовните институции, нашите позиции треба да се стремат да го разобличат академското размислување, а не да се приклонат кон него. Нашето самообразование што неизбежно продолжува и по завршувањето на формалното школување, треба да се бара во сите облици и се открива во сите други аспекти на животот, што допрва останува на нас да откриеме што сè може да нè научат.

 

Литература

Illich, Ivan. (1970) Deschooling Society. New York: Harper and Row.

Мања Величковска (р. 1995) е истражувачка и критичарка во областа на уметноста и културата, со посебен интерес за книжевноста и танцот, и интерсекцијата меѓу класата и родот. Дипломира на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје, а магистрира на Институтот за филозофија, во областа естетика при истиот универзитет. Работи во Коалиција „Маргини“.

Лектор: Дејан Василевски

————————————————————————————————————————————————————————————

Серијата на есеи за критичката педагогија се директен производ од средбите и разговорите на читачкиот клуб на Центар-Јадро за 2022 година. Текстовите кои се дел од серијата се инспирирани од делата на теоретичарите кои ги дискутиравме и може да се сфатат како еден вид на пресек и размисли за нив.

Критичката педагогија е филозофија на образованието која наставата ја гледа како политички чин. Таа ги опремува учесниците да ги детектират и анализираат структурите на моќ и причината за статус квото во нивната средина. Една од главните задачи на критичката педагогија е да ги надмине институционалните слабости и да придонесе за развој на поединци способни за критичко размислување и активно учество во трансформацијата на постоечките нееднакви општествени односи.

Учењето во критичката педагогија е секогаш со заедницата и заедничко. Таквото учење нуди можност за слушање и почитување на повеќе гласови и перспективи, што значи нема вертикалност и ригидност во едукативниот пристап. Критичката педагогија со ваквата методологија има широка употреба и примена надвор од традиционалните образовни институции.

Критичката педагогија, се заснова на идеите за критичка теорија на Франкфуртската школа чии истакнати мислители, како што се Хоркхајмер, Адорно, Маркузе, Фром, Хабермас, имаа големо влијание врз критички теории на образованието.

Читачкиот клуб на Центар-Јадро за 2022 година најчесто се состоеше од 5 лица и тоа: Ивана Јовановска, студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност, Никола Донев, дипломиран правник и демонстратор по Меѓународно јавно право на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Кристијан Стефановски, магистрант на општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Мања Величковска, магистер на Институтот за филозофија при УКИМ во областа естетика и Ѓорги Пулевски, магистер по студии на политиките при Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје.

 

Leave a Reply