ЖЕНА = ЖИВОТНО!
МАЖ = БОГ?
Разговараат Германец, Французин и Македонец за жените…
Германецот се фали:
– Мојата жена е како лавица у кревет.
Французот:
– Мојата е како пеперутка.
Македонецот:
– И мојата не личи на човек.
(https://www.navalica.com/разговараат-германец-французин-и-мак/)
Смешно ли е? Мене не ми е…
Во изминативе месеци на средбите на читачката група – иницијатива за критичко мислење на тема „Феминизам и студии за животните“ менторирана од страна на Катерина Шекутковска, а во организација на КСП Центар-Јадро, Скопје, се собравме повеќе девојки и млади жени, и исклучиво жени, да го дискутираме екофеминистичкиот аспект на правата на животните и етичноста на (не)јадењето животни. Изненадувачки е колку правата на животните се тесно врзани со правата на жените и колку гаењето животни со крајна цел производство на животинско месо за јадење е налик родово базираното и сексуалното насилство врз жената и патријархалното угнетување на жените.
Она кон што тежнеам во овој есеј е да направам деконструктивистички паралелели внатре во дихотомијата жена–животно со цел да укажам дека демонизацијата и угнетувањето на жената е длабоко вкоренето во „традицијата“, менталитетот на културата на која ѝ припаѓаме, а сето тоа е наследено и се чита во менталитетот на јазикот.
Екофеминизмот смета дека во дихотомиите кои се труди да ги деконструира, едниот концепт секогаш е доминантен над другиот, па така, културата е доминантна над природата, мажот над жената, итн. Акцентот го става на страдањето на животните во индустриските фарми и влече паралели со страдањето на жените во домовите и јавниот простор, затоа што според екофеминизмот и жената и животните, како и земјата, се објективизирани од страна на мажот. Керол Џ. Адамс во есејот „Екофеминизам и јадењето животни“ (Ecofeminism and the Eating of Animals) цитира една од жените што ги интервјуирала за своето истражување:
Погледни како се третирани жените. Постојано нè контролираат за сè и секаде, нè силуваат, не ни даваат никаква важност и не нè сфаќаат сериозно. Исто како и животните. Ги искасапија, ги припитомија. Нивниот животен циклус, сето нивно суштествување го прилагодија на потребните на луѓето. Ете, тоа им го направија мажите на животните и на земјата. (Adams: 127)
Токму оваа идентификација на жените со животните и земјата ја оправдува потребата од вегетаријанство и веганизам, особено како императив за начин на исхрана на жените. Друга испитаничка на Адамс ја објаснува оваа потреба на следниов начин:
Феминистките знаат што значи да бидеш експлоатирана. Жените како сексуални објекти, животните како храна. Жените претворени во мајки на патријархатот, кравите во машини за млеко… Не јадам месо од истата причина поради која не јадам железо. Напросто во мојата свест не постои концептот дека тоа се јаде. Од истата причина поради која кога сум гладна не почнувам да си ја глодам сопствената рака. (Adams: 128)
Во ова општество, креирано и управувано од мажи, животните и жените се само тела, месо, или на англиски, bodies/flesh/meat, концепти кои се граничат со немањето/одземањето/изземањето душа и живо(с)т. Телото/месото се како глина во раце кои ја обликуваат, тие секогаш имаат некој друг, надворешен господар, во овој случај, впрочем, во секој случај, тоа е мажот. Мажот е и тој којшто го обликува и јазикот. Од тие причини верувам и во обликувањето на јазикот согласно менталното поимање на светот, односно зацврстувањето на менталитетот на светогледот, особено во морфологијата и синтаксата на јазикот.
Затоа, не верувам во етимолошки ниту морфолошки случајности во јазикот. Имено, во македонскиот јазик зборот „жена“ и зборот „животно“ имаат иста почетна буква, за разлика од англиските зборови, на пример, woman/wife, чија етимологија доаѓа од Староанглискиот wife-man, при што wife имало општо значење на жена независно од нејзиниот брачен статус, значење кое подоцна лизгало во „глава на домаќинството од женски пол“, додека, пак, со текот на времето, зборот man го стеснил значењето од „личност“, значење што ги обединувало обата пола, во „маж“, што го истиснува женскиот пол (промена што се случила паралелно со општествено-политичките промени на создавање на поинаков класен поредок кој дозволувал земјопоседништво и на одредена неелитна и неаристократска класа, што значи дека мажот, не само правно туку и ментално, успешно ја истиснал жената од можноста на земјопоседништво), та во денешно време постои дихотомијата man–woman, која со претходниве етимолошки сознанија би можеле да ја читаме не само како маж–жена, туку и како личност–жена, односно човек–жена. Во македонската јазична традиција, на пример, кај Крсте Петков Мисирков, во преминот од XIX кон XX век, се сретнува зборот „човечица“ како женски (не само граматички) род наспроти машкиот (не само граматички) род „човек“, а денес, во XXI век, не само во разговорниот јазик, често слушаме примери од типот: „Види што убав чадор има женана“ и „Види што убав чадор има човекон“ (наместо „мажон“), исклучувајќи ја при тоа жената од концептот за „човек“, како синоним за личност. Од друга страна, пак, етимологијата на зборовите „животно“ и animal на англиски, е полесно воочлива на прв поглед: обата збора имаат корен во зборовите „живот“, односно „душа“ (лат. anima), што укажува на значењето на „нешто што е живо“, односно „нешто што има душа“. Според мене навидум непостоечката паралела ж–ж, односно, жена–животно, не е случајна.
На претходното, ќе се надоврзам со врската маж–бог и иако не би навлегувала во феминистичко читање на Библијата, во христијанската религија бог, доколку е отелотворен, мора да припаѓа на машкиот род и пол. Не е случајно ни што обата збора, „маж“ и „бог“ се состојат од три букви и еден слог. Светото Тројство е тројно единство. Ама во Светото Тројство нема место за Богородица. Христијанската религија дава акцент на креаторот, не на создателката, и овие два поима не треба да се сметаат за апсолутни синоними. Женското Свето Тројство во христијанската религија е Божица, Курва, Мајка (алузија на насловот на книгата на („Божици, курви, сопруги и робинки: жените во класичната антика“ од Сара Б. Померој), со ангелски или демонски лик, иако, парадоксално, позицијата во Женското Свето Тројство жената секогаш и без исклучок го „заработува“ преку својата телесност, односно преку перцепцијата за функцијата на женското тело, бидејќи, согласно патријархалното убедување, „улогата на жената е биолошки одредена“ (Померој: 51). Свето Тројство постои и кај животните: домашно милениче, домашно животно, диво животно. Во сите случаи, сите животни се некако подредени на потребите на луѓето: домашното милениче за разбивање самотија, домашното животно за храна, дивото животно за забава и туризам (конкретно мислам на сафарите). Во сите случаи, луѓето не се нежни кон животните, дури ни со домашните миленичиња кои, за многумина љубители на животни важат за дел од семејството (легално е домашните миленичиња да се „успијат“ по препорака на ветеринарите и по одлука на нивните „газди“ и евтаназијата кај домашните миленици е честа; во многу земји сè уште не постојат гробници за домашни миленичиња).
Кога станува збор за вкоренетоста на машката експлоатирачка традиција во синтаксата на јазикот, Адамс го наведува следниов пример даден од Сара Хогланд: „Џон ја тепа Мери“ станува „Мери е тепана од Џон“, потоа „Мери е тепана“ и, конечно, „жените тепани“, за на крај „тепаните жени“ (Adams: 136), сведувајќи го родово базираното насилство врз жените „не како нешто што мажите им го прават на жените, туку како нешто што е дел од природата на жените“ (стр. 137). Ист е и случајот со перцепцијата за животните: „Некој ги убива животните за да можам јас да им ги јадам лешевите како месо“ станува „животните се убиваат за да им се јаде месото“, потоа „животните се месо“ и, конечно, „животниско месо“, односно „месо“ (стр. 137). Значи, она што ние луѓето им го правиме на животните, станува нешто што е во самата природа на животните. Ваквите манипулации во јазикот се во служба на културата на која ѝ припаѓаме, нејзино огледало на нашиот светоглед, но и инструмент за континуумот и одржливоста на таа иста култура и концепт. Што е постаро, јајацето или кокошката? Односно, како да почнеме, дали да интервенираме прво во јазикот, па со тоа да ја промениме токсичната култура во која сме родени и живееме, или да ја промениме прво нашата перцепција за светот на кој му припаѓаме, па потоа да интервенираме во јазикот? Сеедно. Промените не се лесни, повеќе не се ни пожелни, туку потребни и мора да се случат, и мора да почнат да се случуваат. Доказ за тоа се феминимите кои во македонскиот јазик сè уште наидуваат на отпор и покрај тоа што се во духот на јазикот бидејќи нашиот јазик познава граматички род, што значи дека воопшто не е тешко да се збороформира феминим. Најилустративен пример се називите на професиите. На пример, во денешно време има и мажи и жени доктори, па така, доктор и докторка ни се прифатливи, но во ЈСП има/имаше само неколку жени возачи на автобус, па, и покрај тоа што морфолошки и лексички е оправдано да се каже „шоферки“, нам „не ни звучи“.
Како што видовме, екофеминистките укажуваат на доминација на мажот врз жената, како и доминација на мажот врз природата и на мажот врз животните. Жената, животните, земјата, сите ставени во ист кош и сите кадарни да раѓаат и да создадат живот, а сите експлоатирани и обесправени. Ќе завршам со еден цитат од Адамс кој таа го дава како пример на тема феминизам и вегетаријанство. Нека цитатот не поттикне за понатамошни размислувања. Смешно ли е? Не е, нели?
Џин: Дали ќе го оправдаше силувањето на жените доколку наместо тебе, некоја друга жена е силувана?
Барби: Не, ќе сочувствував исто како да ми се случило мене.
Џин: Епа, токму така некои од нас се чувствуваат во врска со животните. (стр. 125)
Референтни единици на кирилица
Померој, Сара Б. Божици, курви, сопруги и робинки. Слово, Скопје. 2005
Референтни единици на латиница
Adams, Carol J. Ecofeminism and the Eating of Animals. Hypatia, Spring, 1991, Vol. 6, No. 1, Ecological Feminism (Spring, 1991), Wiley on behalf of Hypatia, Inc., pp. 125-145
Електронски референтни единици
Tearle, Oliver. The Curious Origin of the Word ‘Woman’.
(Пристапено на 30.10.2024)