Skip to main content

      

Гостувањето на Карен Јес, авторката на монодрамата ,,Мачката Елеонора“ ми беше важна причина за подетално да се осврнам кон нејзината одлична книга, која не само што отвора толку многу важни прашања врзани со екофеминистичките практики и иднини, туку ги преиспитува и идентитетите и политичкото токму преку ваквите дискурси. ,,Мачката Елеонора“ не е класична монодрама, туку игрив текст, кој дава слобода да се излезе од воспоставените норми и очекувања како на театарот, така и на општеството воопшто, со цел улогите кои ги поставуваат да бидат преиспитувани колку што може повеќе, да бидат погледнати низ призмата на прашањата во нашите глави и новите можности кои би ги понудиле, од перспектива на она што идентитетите во контекст на природата и своите избори значат, но и за правото на изборот и врските кои ги воспоставуваме преку нив со нашата околина.Четириесет годишната Елеонора Гарацо е фокусот на овој текст – односно, би рекле, Елеонора и она што таа избира и посакува да ја дефинира – нејзиното тело и себство воопшто. Во монодрамата го следиме развојот на дел од животот на (мачката) Елеонора преку клучното разгледување на релацијата животно – човек кое отвора важни прашања кога станува збор не само за ограничувањата на хетеронормативните општества, туку воопшто и практиките преку кои ги дефинираме нашите животи подалеку од другите видови околу нас. Кога зборуваме за овој лик, не говориме за статичен и едноличен карактер, туку напротив, за суштински пресек меѓу световите, за избори кои можат да бидат и едно и друго, а пред сè и за многу потсетувања во насока на екофеминизмот. Читањето на овој текст е едно преиспитување на нормите и на категориите, но и истовремено сонувањето поголема слобода која не се однесува само на ниво на индивидуалец, туку и неговиот однос со средината во која постои,, кое Карен Јес го има изведено многу вешто. Затоа, кога би требало да ја претставам монодрамата со неколку зборови би рекла дека е невозможно тоа да се направи. Меѓу емпатијата, слободата, животните, средината и жената ја наоѓаме Елеонора како лик кој ни кажува толку многу нешта на толку малку страници. 

Ова патување кое ги обединува овие практики и монодрамата, може да го започнеме токму преку релацијата на луѓето и животните, односно линијата на чувстување, солидаризирање и претопување, евидентно во изборот на идентитетот на Елеонора, кое е многу важно за илустрирање на дехиерархизацијата и радикално новиот поглед на останатиот жив свет. Имено, изборот на трансформација на протагонистката Елеонора во мачка е многу повеќе од акт на бунт. Во монодрамата, тој е клучен и суштински укажува на многу прашања поврзани со човековото поставување над животните, како една линија за размислување која во патријархалните и капиталистички општества укажува на хетеронормативната доминација. Од тука, се развива линијата која не само што го разгледува односот на човекот и животното, туку и врската и поврзувањето на жената со животните како прашање кое ја зближува маргинализираноста, исклученоста, борбата. Оттаму, кога размислуваме за Гарацо како мачка, размислуваме и за борбите на Гарацо како жена, но и како суштество кое се бори за своето право да ги определува самостојно своите избори. Ја разбираме маргинализираноста на Елеонора, ја поттикнуваме нејзината борба и истражување на контекстите, но истовремено, ни се јавува свесноста дека за менување на системите кои ги угушуваат овие пориви да се биде слободен, ранлив и автентичен, нужно мора радикално да расте и да се развива повеќе од кога било.  

Прашањето на поставувањето на човекот како едно сезнаечко суштество над природата говори многу и за тоа во каква околина живее и за кризата на светот која произлезе од ниската грижа за она од кое тој најмногу зависи. Дури меѓу сопствениот вид, воспоставената доминација над жената, му овозможи и креирање на нови воени, радикални и сурови наративи кои од друга страна жената како суштество уште повеќе ја доближуваат до животните, растенијата и природата во борбата. Изборот на Елеонора да биде мачка, не само што го поттикнува слободното перципирање на идентитетите и нивната трасформација, туку може да се чита и како уште еден простор за драстично доближување до светот кој во суштина на нас како жени не ни е воопшто друг. Една од клучните точки на монодрамата е реконструирањето на  прашањето за другоста низ екофеминистичките практики, кое не само што е критички потенцијал во однос на капитализмот и патријархатот, туку и воопшто кон иднината кон која се стремиме и ја замислуваме, каде таа хетеронормативна хиерархиска поставеност нема да постои и тоа ќе овозможи слобода и нови динамики. Не е лесно да се замислат овие нови заедници и простори со нови текови, но Елеонора во овој текст служи како одличен фикционален пример кој можеме да го користиме за инспирација и сонување во таа насока, или барем како коректив кога зборуваме и поставуваме граници, обележуваме и етикетираме во општеството во кое живееме. 

Друга важна компонента на релација жена-мачка-општество во оваа смисла се отвора и со разбирањето на телото како инструмент за ослободување на себеси преку кој Елеонора го избира телото на мачката претставено преку скроеното крзно кое го носи на себе. Впечатливите сцени кон крајот на монодрамата во градината, каде таа целосно го прегрнува она што сака да биде и физички се однесува како мачка го водат читателот кон крајот на нејзиното патување до самата себе и тоа што сака да биде токму преку градината, цвеќињата и сиот простор каде телото на мачката се чувствува најослободено додека чекори и постои. Во тие моменти, читањето на телото и неговите потенцијали заробени во границите на нормите, дефинициите и потчинетоста го заземаат контекстот на времињата во кои живееме и потсетуваат не само колку нехуман и неправеден е третманот на женското тело, туку и границите кои секојдневно му се поставуваат, а со тоа и слободата која континуирано му се одзема. Овие размислувања, не може да се одвојат од третманот на она што ни е најважно и најсуштинско околу нас – како го третираме постоењето на другите припадници на еко-системот кои се дел од нашите животи, меѓу кои животните и нивните тела кои континуирано страдаат во човечката борба за повеќе храна, повеќе избори, поголема демонстрација на сопствената надмоќ. Низ читањето и ослободувањето на женското и животинското тело, во монодрамата стануваме свесни за границите и за борбите кои ги чувствуваме на своја кожа како маргинализирани групи, а потоа ги дискутираме, размислуваме и надежно реобмислуваме за други поправедни светови. 

Во светот на Елеонора животот како мачка е живот на слобода. Во капитализмот, животот оттуѓен од другиот е живот со мир, живот полн слобода. Во патријархатот, животот каде доминира машкиот избор е живот со правда и живот со вистина. Монодрамата на Карен Јес суштински го преиспитува животот во капитализмот и патријархатот не само преку прашањата за идентитетите, конзервативните општества и нивните граници, туку и преку динамиките кои тие ги создаваат во контекст на зелените практики и слободи што треба да ни се толку важни и значајни од многу перспективи. Борбата за суштествено разбирање на заедничката борба на жените и животните како една и целосна нè води кон поголема отвореност и критично втемелување на екофеминистичките практики во нашите животи, но и кон потемелно преиспитување на воспоставените односи на моќ и доминација кои постојат во нашите општества. Кога зборуваме за инкорпорирање на феминизмот и екологијата, зборуваме за сеопфатна борба против односите на моќ кои го дискриминираат, омаловажуваат и отфрлаат правото да се постои подеднакво гласно како другите, а како никогаш досега потребно е да видиме што се случува со нашата животна средина и она што човекот и хетеронормативноста го продуцирале како резултат на нивната ароганција и убеденост дека градиме вистински дом за сите. Во суштина, и преку оваа монодрама, и преку екофеминизмот воопшто, радикално се потсетуваме што всушност градењето дом за сите значи и како еднаквоста е нужен критериум за негово градење. Елеонора нè потсетува дека клучот е далеку од антропоцентричноста, а солидарноста, феминизмот, грижата и политиките се можност за  негување на слободата во сите нејзини трансформативни потенцијали. Обврската да се размислува низ призмата на овие вредности и емпатијата како клуч, го носи потенцијалот екофеминизмот да стане уште поблизок до она што ни е потребно во долгите процеси на градење нови, похумани општества кои нема да се слика на хиерархија, туку на простор за слобода и нови почетоци.

Користени извори

  • Јес, Карен. Мачката Елеонора. Скопје: Илика, 2023
  • Еcofeminism: Women, animal, nature. Ed. Greta Gaard. Temple University Press, 1993 – Greta Gaard, Living Connections with Animals and Nature