„Не постои такво нешто како неутрално образование. Образованието или функционира како инструмент за постигнување конформизам или слобода“ – Паоло Фрејре
ЗА ТЕМАТА
Критичката педагогија е филозофија на образованието која наставата ја гледа како политички чин. Таа ги опремува учесниците да ги детектират и анализираат структурите на моќ и причината за статус квото во нивната средина.
Една од главните задачи на критичката педагогија е да ги надмине институционалните слабости и да придонесе за развој на поединци способни за критичко размислување и активно учество во трансформацијата на постоечките нееднакви општествени односи.
Учењето во критичката педагогија е секогаш со заедницата и заедничко. Таквото учење нуди можност за слушање и почитување на повеќе гласови и перспективи, што значи нема вертикалност и ригидност во едукативниот пристап. Критичката педагогија со ваквата методологија има широка употреба и примена надвор од традиционалните образовни институции.
Критичката педагогија, се заснова на идеите за критичка теорија на Франкфуртската школа чии истакнати мислители, како што се Хоркхајмер, Адорно, Маркузе, Фром, Хабермас, имаа големо влијание врз критички теории на образованието. Еден од најпознатите критички педагози, Анри Жиру вели
дека критичката педагогија моментално ја нуди „најдобрата, можеби единствената можност за младите луѓето да развијат и да воспостават свест за нивните права и одговорности со цел да учествуваат во управувањето, а не само да се во режија на владејачките идеолошки и материјални сили“.
Темелите на критичка педагогија се поставени од Паоло Фрејре во неговата книга „Педагогијата на угнетените“ (1968).
ЗА АВТОРОТ НА КНИГАТА
Пaоло Фрејре, (роден на 19 септември 1921 година, Ресифе, Бразил – починал на 2 мај 1997 година, Сао Паоло), бил бразилски едукатор. Неговите идеи се развиле од неговото искуство кога ги учел бразилските селани да читаат.
До 1964 година бил професор по историја и филозофија на образованието на Универзитетот во Ресифе, а во 1960-тите бил вклучен во популарно образовно движење за справување со масовната неписменост. Од 1962 година имаше широко распространети експерименти со неговиот метод и движењето беше проширено под покровителство на федералната влада. Во 1963-1964 година имаше курсеви за коедукатори во сите бразилски држави и изготвил план за формирање на 2000 културни проекти за да се описменат 2.000.000 жители.
Во 1963 година бил назначен за директор на Бразилската национална програма за писменост, но бил затворен по воениот удар во 1964 година. Заминал во егзил, враќајќи се во 1979 година за да помогне во основањето на Работничката партија. Неговото главно дело е Педагогија на угнетените (1968).
Паоло Фрејре ќе биде забележан како еден од најзначајните педагози на минатиот век, личност чии идеи и активности одбележаа една епоха во историјата на образованието. Тој се смета за најреномираната личност во областа на критичката педагогија, движење кое и денес ги доведува во прашање и истражува главните слабости на институционалното образование.
Наредната средба во која што ќе се дискутира книгата „Педагогија на угнетените“ (1968, Паоло Фрејре) е на 𝟏𝟐 јули во 𝟏𝟖:𝟎𝟎 часот во просториите на КСП Центар-Јадро. Секој/а (со или без искуство) што сака да слуша, дебатира или учествува на било кој начин е добродојден/а.
Стручна соработничка: Искра Гешовска
Овој проект е реализиран со финансиска поддршка од Министерство за култура.
На следниот линк може да ја прочитате „Друштво на (не)моќ“ – збирка на текстови кои се директен производ од средбите и разговорите на читачкиот клуб на Центар-Јадро за 2021 година: