Skip to main content
културачитачка група

Запознавање со Теоријата на критичката психологија | Никола Ристевски

By October 12, 2023No Comments

Апстракт

Овој текст е творба произлезена од Читачкиот клуб по критичка психологија, при Културно-социјалниот простор „Јадро“, што се одржуваше од април до октомври во 2023 година. На средбите на Читачкиот клуб учествуваа неколку заинтересирани луѓе кои беа подготвени да отфрлат некои од своите традиционални сфаќања за психологијата и да ги прошират своите светогледи кон една нова теорија за психологијата, што има тенденции да ги опфати познатите постојни теории за психологијата и да воспостави нови темели на научно-психолошки истражувања, посоодветни практики на практичката дејност на психологијата и, конечно, да произведува луѓе, односно личности кои активно ќе сакаат да се менуваат и со тоа да ја променуваат и стварноста во којашто живеат.

Читачкиот клуб беше со скромен број членови, но со поттикнувачки и плодни дискусии и расправи за тоа со какви проблеми се соочува т.н. традиционална психологија, вклучувајќи ги академскиот и практичкиот пристап и како оваа нова критичка теорија може да обедини повеќе постојни теории за развојот на личноста и заедницата и да понуди нови и иновативни решенија на старите проблеми. Покрај членовите, на одредени средби присуствуваа и гости кои беа дел од фелата на психолози, па на дискусиите можеа да се чујат мислења и од луѓето кои најнепосредно се служат со знаењата на тоа што денес се нарекува традиционална психологија. Така, полесно можеа да се увидат и предизвиците на Теоријата за критичка психологија.

Овој труд е замислен како еден можен вовед во учењето на Теоријата за критичка психологија, што на Балканот се развива во Грција и Турција, а на светско ниво теоретските и практичките зачетоци се наоѓаат во т.н. земји од Третиот свет, како земјите од Јужна Америка, со нагласок на Аргентина и Бразил, но и Јужноафриканската Република, како една нужна или случајна точка за развој на оваа теорија, и тоа бргу по укинувањето на апартхејдот, а истовремено со наследувањето на сите затскриени проблеми што сè уште тлеат насекаде низ светот, како социјалната нерамноправност, мизогинијата, патријархатот, капитализмот…

Вовед

Проблемот со статус квото и науката не е нов проблем. Во текот на историјата на западниот свет во речиси секој период има некаква расправа помеѓу тие што се за задржување на постојните уверувања, знаења и практики и тие што се спротивставуваат и сакаат активно да учествуваат во промените, и тоа и со нови учења и со нови акции. Во текот на средниот век се отфрлаат античките филозофски учења, во текот на новиот век, пак, се отфрла средновековната схоластика, што беше сметана за претерано формалистичко објаснување на светот, па се почна со трагање по природата. Во последно време, се мисли на втората половина на XX век, се отвори расправата за психологијата, што понатаму ќе се нарекува традиционална психологија, од страна на противниците на постојните теории за изучување и практикување на оваа дисциплина, со можност да се прифати една нова поопшта теорија за психологијата, што понатаму ќе се нарекува критичка психологија, што смета дека нуди повеќе начини за психолошки развој на личноста затоа што опфаќа повеќе елементи во проучувањето на личноста и нејзиниот развој.

Основните два проблема што критичката психологија ги наоѓа во традиционална се индивидуалистичкиот пристап кон третманот на личноста која има потреба од психолошка поддршка и деконтекстуализацијата на историските и географските околности во коишто се наоѓа личноста. Покрај овие два централни проблема во постојните психолошки теории и практики, критичката психологија адресира уште многу други, на пример: долготрајноста на психоаналитичките методи и практики, стеснетоста на бихевиористичкиот пристап, проблематичниот однос психолог-друг (пациент, клиент, соговорник) и многу други, но тука тие нема да се разгледуваат, туку само ќе бидат придружно споменати. Проблемот со индивидуалистичкиот пристап се крие во претераното адресирање на одговорноста за психичките состојби кај поединецот кој бара психолошка поддршка, додека, пак, проблемот со деконтекстуализацијата се крие во априорното отфрлање на влијанието на околностите во развојот на личноста.

Некакви решенија кон овие проблеми нуди и традиционалната психологија низ обидите да се востанови како строга и егзактна наука, па така експериментот, мерењето и статистиката станаа централен фокус во обидите за подобрување на постојниот модел. Но, и тука критичките психолози забележуваат дека има недостатоци, како во поглед на недостатните услови за изведување на експериментот, идејата да се мерат психичките процеси и нерепрезентативноста на примерокот од општата популација. Така, теоријата за критичка психологија прво поучува дека личноста треба да се третира и како самостојна личност и како дел од поширокото општество, второ дека психологот треба соодветно да ги земе предвид околностите и контекстот во коишто личноста живее и се развива.

Теорија

Приврзаниците на Теоријата за критика психологија, покрај критиката кон постојните дисциплина и практика, се обидуваат да дадат соодветна дефиниција што би ја заменила дефиницијата на психологијата како наука за проучување на психичките појави (процеси, состојби и особини) и однесувањето на луѓето за решавање на практички проблеми. Потребата за промена на дефиницијата на оваа хуманистичка дисциплина, според критичарите, е тоа што психологијата треба да го проучува и процесот на освестување [создавање на свеста (и самосвеста)] за да може да се надмине бихевиоризмот и да се додадат компоненти за проучување на однесувањето, со цел да се подобри методот на интроспекцијата за да се расправаат и материјалните услови за развојот на личноста. Така, Паоло Фреире, истакнат критички педагог, се обидува да даде дефиниција на процесот на освестување: „Според него, освестувањето се однесува на процесот при којшто луѓето постигнуваат прониклива свесност за социоекономските, политичките и културните околности што ги влијаат врз нивните животи, како и за нивните потенцијални можности да ја трансформираат таа општествена стварност“.¹ Се согледува дека тоа што во традиционалната психологија се поима како „практичен проблем“, тука се проширува и се потенцира дека психологијата може да придонесе кон решавање на социјалната стварност, како извор на проблемот. Учењето за личноста треба да обезбеди знаење не само за решавање на индивидуалните проблеми туку да претстави и начини за менување на општествените предизвици.

Со оваа нова определба на психологијата од страна на критичките психолози се поттикнува една стара расправа – таа за дуализмот или, подобро кажано, борбата меѓу индивидуалното и колективното (социјалното), а со нагласок на прашањето: дали психологијата треба да се занимава со колективното и, ако се занимава, тогаш во која мера? Одговорот на ова прашање не е едноставен, но како што забележува и Фостер², индивидуалното и колективното не се во таква антагонистичка борба како што ги поима традиционалната психологија. Напротив, тие се во една дијалектичка борба, што може да се нарече и единство, затоа што личното го надополнува заедничкото и обратно. Впрочем, тоа го открива и Базалја, познатиот италијански психијатар кој се залагаше за целосно отворање на психијатриските установи, кога по неговото ординирање во Трст кажува дека нема таков длабок рез меѓу приватното и јавното, односно внатре и надвор од институциите. „Ги има тие што работат внатре во институциите и тие што работат надвор од нив, но ова е само формална дефиниција за тоа каде работи некој, природата на бирократските ограничувања и законските одговорности се почесто присутни на едно отколку на друго поле“³, посочува во неговите преписки со Ланг, иако не успева да го убеди. Така, се доаѓа до проблематизирање на првиот проблем на традиционалната психологија, односно претераната индивидуализација, а поткрепено со историзмот, и тоа во смисла дека извесно јас, односно сепството има одредени свои историја и географија.

Пред да се префрли расправата кон субјектификацијата на јас треба да се напомене дека, и покрај тоа што забелешките на критичките психолози личат на филозофски расправи, тие сепак се однесуваат на психологијата како научна дисциплина и општествена практика. Се разбира дека секоја научна расправа е и филозофска во одредена мера, но тука нема да се расправа за рудиментираните поими (на пример: јас, сепство, свест, самосвест итн.) со коишто се служи психологијата (традиционална и критичка), затоа што тоа и не спаѓа во предметот на проучување на оваа дисциплина. Овде се расправа за тоа какви ставови се извлекуваат од нив и какви практики за работа со личноста ќе се развиваат. „Некаква генеалогија на субјектификација ги зема индивидуализираните, повнатрешнетите, тотализираните и психологизираните сфаќања на тоа што е да се биде човек како местото на некаков историски проблем, а не како основа за историски наратив.“⁴ Со ова веќе станува јасна разликата меѓу индивидуата во традиционалната психологија, каде што пристапот и третманот се индивидуализирани, но знаењето е воопштено, односно личноста која бара психолошка поддршка не учествува како субјект во создавањето знаење, а од друга страна е критичката психологија каде што пристапот е контекстуализиран, третманот колективизиран, но личноста отспротива на психологот зема активно учество во создавањето на знаењето, што секако е општо, но овој пат е и заедничко. Тоа води кон расправата за тоа како се креирање знаењето, каква е улогата на тие што го практикуваат и каква е ползата за тие што имаат потреба од знаењето.

Практика

Теориите секогаш нудат начини на воопштување на разбирањето на светот преку повеќето разнородни учења за одредени прашања. Па, токму и затоа временски доаѓаат по откривањето на некакви поединечни законитости или појави или мерења што не се толку општи, но при употреба на теоријата лесно можат да се изведат ставовите што и претходно се покажување како вистинити. Сепак, теоријата има и друга важност, имено, со прифаќањето на одредена теорија се отфрлаат старите или барем се покажува дека не се докрај исправни. Проблемот за прифаќањето на некоја нова теорија, во случајот Теоријата за критичката психологија, е повеќе практички, имено затоа што сè што досега се мерело и се вреднувало треба да се премери и да се ревалоризира. Оттаму веројатно и потекнуваат расправите за прифаќање на една или друга теорија, а со тоа и создавање на научната практика, па и практиката воопшто. Со тоа не може да се зборува дека практичарите на некоја дисциплина се исклучиво професионалци и дека не следат никаква филозофска или политичка парадигма кога ја спроведуваат практиката. „Можеби најважно за сегашниот аргумент, поимот на професионализирањето не ни кажува многу за тоа зошто психолошката експертиза стигна да игра толку важна улога во одредени видови политичка и општествена мисла поврзани со либерално-демократските општества.“⁵ Штом на ова се додаде дека регулациите за вршењето на практиката се во тесна врска со знаењето што произлегува од интелектуалците, односно академијата, тогаш лесно се забележува дека аргументот за професионалноста е лесно побивлив.

Против оваа забелешка на критичарите за врската власт – практичар, што може да се објасни низ поимот професионалец може да застане секој што е претпазлив во однос на строгата изјава на Базалја за интелектуалецот и практичарот: „Интелектуалците и техничарите во хуманистичките науки ја легитимираа оваа контрола“⁶, во смисла на тоа дека, иако главната цел на хуманистиката е поставено да биде човековото ослободување, токму хуманистичките гранки ставаат граници на човековото јас. Со ова не може а да не се забележи дека критичките психолози своите филозофски поткрепи ги бараат во дијалектиката (Хегеловиот метод на синтеза), материјализмот (историскиот на Маркс) и праксисот на советските психолози (Виготски и неговите зони на апроксимативен развој). Една интересна историска епизода, што критичките психолози ја користат за практичка поткрепа на својата теорија, е таа дека советските психолози ја зеле 11-тата Марксова теза дека „11 Филозофите само на различни начини го толкуваа светот, а работата е во тоа тој да се измени“⁷, и ја примениле во психолошката практика при промената на тогашното советско општество, во периодот по Работничката револуција. Без да се навлегува во расправата дали психологот истовремено во практиката станува и учител (наставник, подучувач) треба да се спомене еден став на Виготски во однос на можноста на образованието да ги надмине традиционалните поделби на интелектуален и физички труд, еден рез што особено е важен кога се зборува за благосостојбата, здравјето и поделбата на личното здравје на физичко и психичко. „Образованието е она што треба да ја игра централната улога во трансформацијата на човекот овој пат на свесно општествено формирање на новите генерации, основната форма за менување на историскиот човечки тип. Новите генерации и новите облици на нивното образование ја претставуваат главната рута по која ќе се движи историјата при создавањето на новиот тип човек. Во оваа смисла, улогата на социјалното и политехничкото образование е извонредно важна. Како што се случува, основните идеи што го поткрепуваат политехничкото образование се состојат од обид да се надмине поделбата помеѓу физичката и интелектуалната работа и повторно да се обединат размислувањето и работата што се растргнати во текот на процесот на капиталистичкиот развој“⁸, што до некаде кажува дека интелектуалецот, во суштината, размислува и работи истовремено, но и дека низ образованието се создава човечкото.

Но, распадот на Советскиот Сојуз, чијашто интелектуална класа (се мисли на првиот бран револуционерна интелектуална класа) низ теоријата и практиката ги овозможи овие промени повторно го постави прашањето за контекстот затоа што еднаш овозможени овие т.н. услови за раст и развој на човекот повторно беа ставени во либерално-демократскиот и капиталистички поредок од Запад. Очекувано е со знаењето од тој контекст да се постави прашањето за тоа како понатаму. Тоа што беше кажано дека критичките психолози сакаат нивниот соговорник (другиот, личноста која бара поддршка) да биде активен учесник во создавањето на знаењето низ практиката, сега ја актуализираат Теоријата на активноста, како една од учењата што ја исполнуваат Теоријата на критичката психологија, а што упатува на активно учество на човекот во создавањето на моќта, односно во создавањето на знаењето за неговиот развој. Ова значи дека тој што бара психолошка поддршка ќе може слободно да ги наведе потребите, но и условите во коишто сака да ги остварува. „Постмодерниот релативизам може да доведе до целосно отфрлање на сите видови ’големи наративи‘ на општествениот свет како апстрактни, формални и бесмислени ентитети и славењето на фрагментирани, локални, ситуирани практики. Релативизацијата на социјалната практика би можела да го поткопа еманципаторскиот потенцијал на теоријата на активност. Поради оваа причина, важно е да се елаборира дијалектичка рамка за теоријата на активност со цел да се конципираат ’односите меѓу лицата кои дејствуваат и општествениот свет‘.“⁹ Впрочем, можеби ова е најважната поента за критиката кон постојната психологија, а тоа е дека практиката учествува во знаењето, а сега се цели да учествува проактивно, преку искажување на контекстот во којшто се наоѓа некој, што беше и вториот основен проблем забележан кај традиционалната психологија. Така, без да се расправа што е поважно, интелектуалниот или практичкиот труд, треба да се прејде кон создавањето на хуманото, поточно кон технологиите на критичката психологија.

Технологија

Денес, приврзаниците на критичката психологија се противници на капитализмот, но не може да се каже дека се приврзаници на единствена опција за евентуалниот иден политички поредок во светот. Тоа до некаде е оправдано и поради неуспесите на комунизмот/социјализмот од минатото. Веројатно, уште подобро ги согледуваат и „невидливите“ релации на моќта што можат да се јават и во некое такво општество, во коешто капиталот не е основна појдовна точка, но и идните што неминовно ќе се јават во некое порамноправно општество. Така заклучил и Арсениев во периодот кога Советскиот Сојуз се соочувал со парадоксите произлезени од тој политички поредок. „Арсениев тврди дека, бидејќи современата наука не е ништо друго, туку единствена, историски ограничена фаза во развојот на човековото знаење, не треба да се зема како парадигма за сите облици на свест и рационалност. Иако не е наведено експлицитно, јасно е од општ контекст на творештвото на Арсениев што тој го смета за современа наука – и западна и советска – е дете на капиталистичкиот систем на производство. Науката затоа неизбежно ги носи во себе сите противречности својствени за капиталистичкото општество“¹⁰, со тоа што веројатно критичарите на психологијата треба да бидат свесни дека и оваа теорија не е конечна, па неминовно ќе се јават предизвици што еден ден ќе постулираат нова теорија, но тоа не смее да ги обесхрабри јасно да ја постават целта – активна борба за општествени промени како препорака за подобрување на психосоцијално здравје на личноста која побарала психолошка поддршка.

Со овие забелешки кон советската психологија се согледува дека е сосема оправдан стравот на критичарите од нескладноста помеѓу теоријата и практиката и проблемите што може да ги произведе таа разлика. Па, тие повеќе се обидуваат народната изрека, што честопати му се припишува на свештеникот, а во современото општество и на психологот: „Не ме гледај што правам, туку слушај ме што ти кажувам“, да не им се припишува ним. Тоа значи дека психологот кој се занимава со критичка психологија треба активно да учествува во општествените акции, и тоа на начин восприемлив за тие што побарале поддршка од него. Советувањето едноставно не може да оди без застапување, но и обратно, застапниците и заговорниците за некои промени нужно треба да бидат испреплетени со луѓето кои исто така на некој начин се соочуваат со слични предизвици или ги бараат истите промени.

Не може да се одреди точна временска рамка на создавањето на одредена теорија, освен се разбира моментот кога била постулирана и објавена. Но, може да се трага по одредени практики што на некој начин го потпомогнале развојот на таа теорија. Неминовно, за Теоријата на критичката психологија едни од позаслужните практики на психолошка дејност се феминистичките практики што, во суштината, доловуваат за каков вид практика се залагаат приврзаниците на оваа теорија. Тоа е практика што ги надминува проблемите што беа забележани за традиционалната психологија, односно личноста да не биде третирана исклучиво како индивидуалец оттргнат од општеството и да се стави во контекст проблемот на тој што бара психолошка поддршка, а тоа придружено со застапување за промените што ги бара засегнатиот. „Критичката психологија може да промовира разбирање и критички ангажман за тоа како родовите и расно маргинализираните тела можат и да преговараат за нивните идентитети и политики низ различни историски и современи полиња. Хендрикс и група автори забележале дека феминистичкиот тренд, како што е моментално поставен во Јужноафриканската Република, е нешто што личи на оспорување искуство, а не соработка. Од една страна, белите жени се чувствуваат фатени во дефанзивна позиција во која тие треба постојано да го потврдуваат своето право на застапување на сите – бели и црни – и, од друга страна, црните жени сведочат за личното угнетување како нивно право да зборуваат за маргинализираните групи.“¹¹ Со тоа само се потврдува тезата на дијалектички настроените критички психолози дека единствено низ практиката можат да се решаваат парадоксите што ќе произлезат во теоријата.

Заклучок

Исправен е ставот дека традиционалната психологија во одредени рамки (временски и просторни) ги дала своите резултати и покрај острите критики на критичките психолози во однос на отфрлањето на одредени психолошки учења што отворено се спротивставувале на бихевиоризмот и психоанализата. Тој проблем со сигурност во иднина ќе го има и критичката психологија затоа што невозможно е сите теории да се вклопат во една воопштена што ќе даде одговор на сите проблеми. Но, веројатно тоа не е ниту целта на критичката психологија, туку целта е создавање на активни учесници во јавниот живот затоа што разликата меѓу личното и политичкото е премногу тенка, а општеството влијае врз личноста и кога таа не го гледа јасно тоа влијание.

Критичките психолози се поставени во таква рамка на униполарност на политичката идеологија во светот, а се мисли дека капитализмот не е само доминантен политички поредок, туку со исклучок на два-три помалку или повеќе изолирани ентитети како Венецуела, Куба и Северна Кореја и воопшто да не е предизвикан. Впрочем, може да се тврди и дека тоа е главната причина што нема обединување околу прашањето за организираната борба за промени, иако се залагаат за активност на личноста во општествениот живот. Една нишка на надеж за посеопфатни и поструктурирани цели на оваа теорија е тоа дека не се претставуваат како професионалци, идентитет што отвора претерано многу прашања поврзани со деонтичката етика, а за жал не дава сигурност за некаква емпатија кај тој што бара психолошка поддршка.

Проблеми многу, а решение сè уште нема. Но, тој што трага по единечно решение нема да го најде во ниту една теорија затоа што теоријата се обидува да создаде еден светоглед, едно мислење за начините на размислување и постапување, а не конечна препорака за тоа што може да се направи. Стварноста е претерано несовршена за да се бара совршено (едно) решение. Тоа е согледано во рамките на оваа теорија и затоа фокусот се премостува кон застапувањето за акција за промена на стварноста. Ако стварноста се сфати како борба, тогаш можеби критичките психолози успеваат да наметнат светоглед што допрва ќе треба да биде претресен.

Резиме

Проблемот со традиционалната професионална психолошка поддршка што не дава задоволителни резултати, како во поглед на објаснувањето на личноста, така и во поглед на советувањето, а и постапувањата што личноста која побарала поддршка треба да ги примени за да може да ја менува својата стварност (духовна и особено материјална) е очигледен. Критичките психолози го забележуваат овој проблем и го ставаат во контекст за да може да наоѓаат нови практики што ќе овозможуваат луѓето со психолошки предизвици, а што се предизвикани од низа други фактори, да се впуштаат во некаква акција за променување на статус квото што ќе им овозможи некаква рамнотежа помеѓу тоа што треба и што може да се стори за подобрување на својата и туѓата благодат.

 

Белешки:

Prilleltensky, Isaac. The Morals and Politics of Psychology: Psychological Discourse and the Status Quo. New York: State University Press, 1994, 189.

Handbook of Critical Psychology. Ed. Ian Parker. New York: Routledge, 2015, 569.

3 Psychiatry Inside Out: Selected Writings of Franco Basaglia. Ed. Nancy Scheper-Hughes and Anne M. Lovell. Trans. Anne M. Lovell and Teresa Shtob. New York: Columbia University Press, 1987, 195.

Rose, Nikolas. Inventing our selves: Psychology, power, and personhood. Cambridge: University Press, 1996, 23.

Ibid., 85.

Psychiatry Inside Out: Selected Writings of Franco Basaglia. Ed. Nancy Scheper-Hughes and Anne M. Lovell. Trans. Anne M. Lovell and Teresa Shtob. New York: Columbia University Press, 1987, 152.

https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1845/tezi_za_fojerbah.htm

8 https://www.marxists.org/archive/vygotsky/works/1930/socialism.htm

Handbook of Critical Psychology. Ed. Ian Parker. New York: Routledge, 2015, 267-268.

10 Kozulin, Alex. Psychology in Utopia: Towards a Social History of Soviet Psychology. Cambridge: The MIT Press, 1984, 143.

11 Critical Psychology. Ed. Derek Hook. Claremont: Juta and Compant, Ltd., 2014, 312.

 

Користена литература:

  1. Critical Psychology. Ed. Derek Hook. Claremont: Juta and Compant, Ltd., 2014.
  2. Kozulin, Alex. Psychology in Utopia: Towards a Social History of Soviet Psychology. Cambridge: The MIT Press, 1984.
  3. Handbook of Critical Psychology. Ed. Ian Parker. New York: Routledge, 2015.
  4. Prilleltensky, Isaac. The Morals and Politics of Psychology: Psychological Discourse and the Status Quo. New York: State University Press, 1994.
  5. Psychiatry Inside Out: Selected Writings of Franco Basaglia. Ed. Nancy Scheper-Hughes and Anne M. Lovell. Trans. Anne M. Lovell and Teresa Shtob. New York: Columbia University Press, 1987.
  6. Rose, Nikolas. Inventing our selves: Psychology, power, and personhood. Cambridge: University Press, 1996.
  7. https://www.marxists.org/archive/vygotsky/works/1930/socialism.htm
  8. https://www.marxists.org/makedonski/m-e/1845/tezi_za_fojerbah.htm 

 

Автор:
Никола Ристевски – Шиндре

Тема на читачката група на КСП Центар-Јадро во 2023 година беше Критичка психологија. Критичката психологија е перспектива за психологијата која црпи опширни сознанија од критичката теорија. Критичката психологија ја предизвикува општо прифатената (т.н. мејнстрим) психологија и се обидува да применува психички разбирања на понапредни начини кои се во потрага кон општествени промени како средство за спречување и лекување на психопатолошки појави. Дел од авторите што се читаа во групата се: Клаус Холзкамп, Јан Паркер, Томас Тео итн. Читачката група започна со семинар предводен од грчкиот критички психолог Атанасиос Марвакис кој воедно беше и стручен соработник за курикулумот. Во рамки на програмската активност се одржаа средби со учесници од различни групи од заедницата, како локална, така и уметничка.

Илустрација: Дарко Алексовски

Leave a Reply