ОВА НАВИСТИНА ЌЕ МУ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ
Потскокнував одејќи кон стоматолошката ординација. Беше лето, почеток на летниот распуст. Останатите деца беа возбудени за море, плажа, пливање, дружење. Контрастно, мојот оптимизам беше резултат на денешната посета. Конечно дојде време и јас да го извадам предниот млечен заб кој ми се клатеше цела година. Конечно дојде време подбивањата да престанат. Децата во училиште се исмеваа на нелагодниот изглед предизвикан од забот: беше целосно поцрнет и имаше мали дупчиња за кои сум сигурен дека претставуваат дом за некое црвче. Секако, ова не е важно, земајќи предвид дека денес сѐ ќе се среди. Се прашувам, каква ли ќе биде реакцијата на стоматологот? Можеби ќе ми даде бонбонче и ќе ми укаже на мојата стрпливост. „Колку си ти умен!“, ќе рече. „Сите деца плачеа, освен ти!“, ќе рече. Ах, навистина не ја сфаќам омразата кон стоматолозите. Тие помагаат, го подобруваат целиот живот на одредени индивидуи! Знаете што? Кога ќе пораснам, ќе бидам стоматолог! Ќе помагам на луѓето кои страдаат како мене… Како резултат на тоа, ќе биде елиминиран срамот да се насмеат, да зборуваат, па, дури нема да се плашат да одат во училиште! Се изгубив во сопствените мисли кога мајка ми ги прекина.
„Данис“, рече таа, фрлајќи му поглед на татко ми.
„Ќе бидеш мирен и ќе ги следиш сите инструкции зададени од докторот. Ќе бидеш во ред, немој да се плашиш… Иако, навистина, нема причини зошто би се.“
Загриженоста на мајка ми ми остана мистерија. Настанот кој со нетрпение го чекав цела година беше последното нешто да заплаши дете како мене. Дури и јас самиот, секојдневно ги потсетував родителите да ми закажат, иако, на мое изненадување, никогаш немаше термин. Моментот кога ми соопштија дека конечно закажале, се радував повеќе отколку дете на слатки. Бев очаен да се стави крај на моите страдања.
Болницата беше пред нас. Огромна бела страшна градба, со мали затвоорени прозорци, која во моите очи беше еден раскошен замок. Тој е. Тој е замокот кој ќе ми го промени животот.
Данис беше во право. Ова навистина ќе му го промени животот. Но, тој не беше свесен за сите лаги измислени во врска со неговата состојба и самиот процес на екстракција. Да, ова навистина ќе му го промени животот.