КСП ЦЕНТАР-ЈАДРО е јавна установа од областа на културата формирана по принципот на цивилно-јавно партнерство за потребите на заедницата.
КСП ЦЕНТАР-ЈАДРО е инклузивен простор што негува инклузивна, демократска и прогресивна култура низ креирање програми, афирмација, едукација и развој на уметнички и социокултурни практики во соработка со поединци, формални и неформални групи.
ОТВОРЕНА ПЛАТФОРМА
КСП ЦЕНТАР-ЈАДРО е отворен простор што овозможува бесплатно користење на просторот за програми на културни организации, поединци, неформални групи и организации од поширокиот граѓански сектор. Покрај тоа што е физички простор за независната културна сцена, КСП Центар-Јадро е пред сѐ простор што произведува нови општествени наративи.
КСП ЦЕНТАР-ЈАДРО им овозможува на културните асоциjации, уметнички организации, неформални групи или, пак, поединци да ги користат ресурсите на „Центар-Јадро“ за спроведување програми од областа на современата уметност и култура. Исто така, поширокиот граѓански сектор може да ги користи ресурсите на Центарот за спроведување програми од интерес за заедницата.
Ресурсите на „Центар-Јадро“ за спроведување на нивните програми корисниците може да ги користат во следниве области:
- современа уметност и култура;
- едукативни и информативни програми важни за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и заедницата;
- едукативни програми дизајнирани за развој на капацитетот на граѓанските организации во културниот сектор.
Во просторот на „Центар-Јадро“ се планираат различни јавни настани од сите дисциплини на современата култура и уметност: изложби, театарски и танцови претстави, концерти, предавања, јавни форуми, работилници и семинари. Покрај тоа, објектот редовно ќе се користи за производство, проби, уметнички резиденции, состаноци и слично.
Просторот е отворен и за докажани имиња на локалната и меѓународната сцена, но и за млади уметници што допрва треба да се етаблираат.