Во дијалог: македонски визуелни уметници
Разговор на Вана Урошевиќ со Ана Франговска, кураторка и историчарка на уметност
Ја продолжуваме серија разговори со визуелни уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на локалната и меѓународната уметничка сцена, и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес. Изборот на авторите и разговорите е реализиран и модериран од историчарката на уметност и кураторка, Ана Франговска.
Вана Урошевиќ (1961, Скопје) е современa македонска ликовна уметница која дејствува на полето новите визуелни истражувања, при што користи несекојдневни материјали и техники. Освен слики на свила изработува објекти и инсталации, користејќи понекогаш и елементи од органска природа: крзна, животински коски, инсекти. Во своите проекти вклучува документи, фотографии, анкети, искажувања, цитати.
Дипломирала на Факултетот на ликовни уметности во Белград, во класата на професорот Младен Србиновиќ, а последипломските студии на истиот факултет, во класата на професорот Радомир Рељиќ, добивајќи звање магистер по сликарство. Во 1987 година имала студиски престој во Париз, а во 1988, како стипендист на италијанската влада, била на специјализација во Венеција, на Академија на убавите уметности. Имала самостојни изложби во Скопје, Битола, Струга, Белград, Софија, Солун, Љубљана, Виена, Њујорк. Во 2002 година изложувала на Есенскиот салон во Париз а во 2003 г. ја претставува Македонија на Венециското биенале. Работи во Националната галерија на Македонија во Скопје. Од 2010 покрај самостојните настапи реализира и заеднички проекти со Зоран Тодовиќ. Учествувала на бројни групни изложби: Љубљана. Белград, Сарајево, Нови Сад, Загреб, Женева, Париз, Лондон, Хамбург, Берлин, Виена, Рим, Талин, Прага, Њујорк.