Skip to main content

Самостојна изложба „Лирски експресии“ на Владимир Величковски

Registrations have closed.
Самостојна изложба „Лирски експресии“ на Владимир Величковски

Самостојна изложба „Лирски експресии“ на Владимир Величковски

by
602 602 people viewed this event.
Почитувани,
на 14 април, четврток, во 19 часот, КСП Центар Јадро и Здружението „Училница осум 8“ имаат чест да Ве поканат на отварањето на самостојната изложба „Лирски експресии“ на Владимир Величковски.
На изложбата, Величковски ќе се претстави со селекција од слики и цртежи што ги има работено во изминатите неколку години.
На вечерта на отворањето на изложбата, Величковски ќе го изведе и социјалниот перформанс „Идентитет“.
Владимир Величковски (7 мај 1949, Скопје) — македонски сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар. Дипломирал (1974) и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1997), а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград (1985). Во периодот 1976-1977 година, тој бил на студиски престој во Париз. Бил професор по предметот „Современа светска и македонска уметност“ на Филозофскиот факултет во Скопје.
Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари. Активно работи и изложува од 1973 година.
Издавачката куќа „Македонска реч“ од Скопје ја издала книгата на Владимир Величковски „Уметнички критики и есеи“, која е петтиот том со истоимениот наслов на овој автор. Книгата содржи текстови пишувани и објавувани по 1973 година, од кога тој интензивно се занимава со ликовна критика. Оттогаш до денес, тој е еден од најистрајните хроничари на ликовниот живот во Македонија, вреднувајќи ги преку ликовната критика и есејот сите позначајни настани, изложби, појави, тенденции.
Владимир Величковски досега објавил повеќе од 80 монографии и книги од областа на ликовните уметности, од кои најголемиот дел се монографските изданија. Тој по вокација е сликар, и автор на повеќе тематски и групни изложби.
„Ликовен критичар-аналитичар; ликовен педагог-универзитетски професор; ловец на звучни бранови преточени во обоени линии; мислител во слики; сонувач во бои.
ТВОРЕШТВОТО Е НЕПРЕКИНАТ СОН ДА СЕ ДОФАТИ СОВРШЕНОТО
Уметниците длабоко ја чувствуваат заедничката природа на человечното битие и најчесто ја доживуваат како болка , како разочарување, како пораз зошто тоа нешто заедничко конечно не се сплотило и не излегло на виделина.
Уметничката слика е веродостоен печат на внатрешниот свет на ликовниот творец кој создава за да покаже дека нематеријалното може да добие своја материјална потврда или дека од ништото може да се создаде нешто, дека тајното на таинствен начин може да стане јавно-популарно и да биде корисно.
МУЗИКАТА ИНСПИРАЦИЈА ЗА ВЕЛИЧКОВСКИ
Тонот како бран ја сече далечината и создава обоена ѕунуца за секое свое минување низ космичките далечини, но истовремено и низ длабочините на човечката потсвест која е тајно сврзана со надсвеста, односно со универзалниот ум.
Величковски, сопствената вибрација на личното егсистирње и откритието дека постои како свесно суштество ја изразува преку сликарски потези со повлекување на линии кои кореспондираат со неговата свест-потсвест како уловени музички вибрации или бранови на менталното искуство под инспирација на одредена музика. Боите и повлечените линии можат да дадат форми што само се наѕираат или да доловат одредени ликови. Секоја боја е можност да се повлече линијата на животот, односно да се даде печат на уште едно искуство.
Во сопствените сликарски потези Величковски како да ги кине тие линии за веднаш потоа да ги поврзе или преклопи, да ги надодаде или да ги прикрпи со нови кои доаѓаат од сите страни на универзумот, но и од сите притиснати делови на телото и умот. Начинот на кои ги поврзува или одврзува тие фатени звучни линии на бојата –далечина е израз на неговото сопствено преиспитување, негово себекритикување.
Линијата во боја или само црната линија на екпресионистичката скица кај Величковски е видливо фатена звучна линија, соодветна ѕуница на внатрешниот крик на длабоката болка што секој човек ја има во себе и сака да ја излечи. Лек за таа нема. Но болката и страдањето што доаѓаат како емоционален вознемирувачки бран од непознати далечини, можат да се намалат или да се притајат само со нивно преобразување во извесен квалитет-уметност или умешност во одредена област, како што е случајот кај Величковски – не само во теорија преку збор туку и во ликовно творештво.
СТРОГ КРИТИЧАР, ОДНОСНО ТЕМЕЛЕН АНАЛИТИЧАР
Владимир Величковски зад себе има оставено обемен труд во областа на ликовната ктитика. Тој ќе остане познат како строг, неприкосновен но и безкомпромисен критичар во областа на ликовното творештво. Принципиелниот став што ќе го обележи неговиот критички опус ќе опстојува врз сознанието дека основниот пристап во ликовното творештво треба да биде сериозен и темелен, надограден на веќе потврдени вредности но и подржан од пошироката општестена заедница. Ако не е така, тогаш недоволно вложениот труд и недоволно даденото внимание-подршка ќе овозможат за жал, времето на историјата, едноставно да ги избрише создадените дела. “
Вера Симовска

Additional Details

Project Title -

Project -

 

Date And Time

2022-04-14 @ 19:00 to
2022-04-21 @ 21:00
 

Event Types

 

Event Category

Share With Friends