ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, во 2015 година отпочна иницијатива за формирање мешовита установа, хибридна институција, која ќе биде првиот пример за јавно-цивилно партнерство.
Со оваа иницијатива сакавме да иницираме и процес на редефинирање на економските, политичките, културните и останатите потреби на секторот, но и функциите и структурите инхерентни на промената на политичкиот дискурс, кој гарантира поголем демократски капитал.
Идејата за КСЦ „Центар-Јадро“ настана од потребата заместо, фокус, каде што слободно ќе се изразува урбаниот живот, современите социокултурни практики, простор штоќе создава автономни, самоорганизирани содржини, содржини штоќе го артикулираат нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал. Институција што ќе покаже стабилна, автономна константа на развиток.
Физичкиот простор во материјалната структура на градот секогаш претставува важна, но и невралгична точка на секое културно и уметничко настојување. Тој има и исклучително битна улога на симболичко рамниште, односно во производството и комуницирањето на значењата штоциркулираат во динамичната промена на општествените и политичките текови.
Новиoт модел на институцијата што го предложивме е од значење за културниот развој, но и за образованието, развојот на критичката култура и новите облици на создавање социокултурни заедници. Ваквиот вид установи на нов начин му пристапуваат на просторот и на начинот на неговото користење, неговото програмирање (разноликост, инклузивност, а не единственост, униформност и ексклузивност) и, пред сè, тие промовираат нов модел на управување, кој подразбира соработка, заедништво, јавна одговорност, а кој води кон предзнакот на демократски управувачки модел.
Овој модел е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт и граѓанската мрежа, составена од организации, поединци и неформални групи. Со ваквиот модел настанува суштинска децентрализација на моќта и обезмоќување на досегашните практики на партиски влијанија. Тоа е единстевниот пат кон создавање организациска и програмска автономија во дејствувањето во сферата на културата во рамки на граѓанскиот сектор, но и пошироко.
КСЦ „Центар-Јадро“ беше основана во октомври 2016 година, а во 2019 година започнува со работа во просториите на Месната заедница „Дане Крапчев“ во Општина Центар.
Настанот за официјалното отворање на Културно-социјалниот простор „Центар -Јадро“ (КСП „Центар-Јадро“) се одржa на 7 октомври 2020 г., со почеток во 11:00 часот, пред просториите на центарот (ул. Алберт Ајнштајн бр.2, 1000 Скопје, РСМ).