Skip to main content

Самостојна изложба на скулптури „Реинкарнација“ на Предраг Јаневски – Драшко

Registrations have closed.
Самостојна изложба на скулптури „Реинкарнација“ на Предраг Јаневски – Драшко

Самостојна изложба на скулптури „Реинкарнација“ на Предраг Јаневски – Драшко

by
484 484 people viewed this event.

Почитувани, на 1.11.2022 во 19ч , КСП Центар-Јадро и Ликовно здружение , Училница 8 , ве канат на отворањето на самостојната изложба на скулптури „Реинкарнација“ на Предраг Јаневски – Драшко

 

Во изминативе 40 години на македонската ликовна сцена егзистира Предраг Јаневски – Драшко, живее и работи во Скопје, повлечено и ненаметливо на страна од градската бучава. Изложбата претставува селектиран пресек на неговото скулпторско творештво создадено во различни европски средини.

Јаневски е роден во 1957г. во Белград-Србија, по татко потекнува од Прилеп – Македонија, град во кој се родени познати вајари и ликовни уметници. Во овој град се организираат неколку скулпторски симпозиуми создавајќи со текот на времето богата колекција на уметнички дела од повеќе автори од светот. Во 1980г. Јаневски ја заврши Ликовната академија во Нирнберг-Германија (збратимен град) во класата на проф.Ема Мас; на истата академија специјализира скулптура во дрво. Во 1981г. станува член на Европската скулпторска асоцијација – ESA, а потоа својата активност ја остварува како дел од скулпторската и ликовна група „Froijndshaft“.

Јаневски од 1983г. изложувал самостојно скулптури и учествувал на повеќе групни изложби во Германија, Хрватска, Австрија, Италија и во Македонија. Во 1995г. во Прилеп учествува на „Меѓународниот скулпторски симпозиум за мермер“. Се до 2005г. се јавува на повеќе изложби. Во тој период, во 2003г. станува член на групата „ Kolateralart“ во Холандија, каде што користи ПВЦ пластични материјали, епоксидни смоли, асвалт и др.
Употребата на нови материјали ќе ја одбележи промената во неговото скулпторско творештво. Следи нова иницијатива: Јаневски во Прилеп го формира новото атеље за „Пластика во пластика“, како дел од активноста на Центарот за современа уметност. Повремено црта и слика, и своите скулптури не ги работи според подготвителен цртеж. Тој изработува серија илустрации за медицински публикации, остварува повеќе стручни и работни престои во разни земји што ќе ја заокружи неговата добра информираност за уметничките движења во светот. Соработувал со колеги од други земји: со Љупка Кирилова (Бугарија), Димитрис Форцас (Грција), Адам Крег (Америка), Матијас Гетнес (Германија), и други. Во земјава се дружел и соработувал со повеќе македонски скулптори: Жарко Башески, Александар Смилков, Богдан Грабулоски – Боначот, Ибрахим Беди, Сашо Поповски, Томе Бундовски и други.
Јаневски го одбра дрвото како основен материјал со специфичен начин на обработка. Во време карактеристично со „дифузија на стилови“ или плурализам на струења, Јаневски во согласност со сопствените потреби и можности се определува за традиционалниот концепт на антропоморфизам внесувајќи лични белези во сензибилна моделација на обликот и интимистичко претставување на мотивот. Дрвото за Јаневски е „живо битие“ кое има топлина во себе и можност за понепосредна обработка на мотивот. Тој, како што вели, одбира стебло од благороден вид како што е дрвото орев, вишна, бука, дрен, круша или јавор.
Станува збор за едноставни фигури со сведени форми кои не претставуваат репродуциран модел во просторот туку статично поставени фигури, поединечни или групирани, некои на тема „семејство“. Во нив тлее хумана содржина, сугестија на осаменост на човекот, некаде со понагласена фронтална визура, не губејќи ги сетилните квалитети. Во склуптурите преовладува чувството на затвореност на компактната форма и израз кои не дозволуваат присуство на трагичното чувство на човекот-жртва.
Лазар Трифуновиќ пишува за скулптурите на Ј.Солдатовиќ и Н. Глид кои настојувале со перфорацијата да се растовари јадрото на масата и да се афирмира идејата на пасивен отпор. Јаневски во фигурите и ликовите, предадени во дрво гледа можност да ја изрази својата емоција, одмерено и тивко без немир карактеристичен за егзистенцијализмот. Во некои дела тој ќе се доближи до хиератичната „тотемска“ поставеност на елементите и плановите додека создавањето скулптури базирани на „слободни“ облици со биоморфни белези значи еманципирање од примерите на визуелната ставарност. Ако првите фигуративни дела со жанр сцени или анимални представи може да се поврзат со македонската резба и посебно со скулптурата на сензибилните робустни скулптури во дрво на Боро Митриќески, овие другите навлегуваат во сферата на модерната органска скулптура или со некои примери на модерната романска скулптура. Скулптурите, според карактерот и големината на формата, главно во галериски формат, поставени се на низок или висок постамент, како и на под. Природата и сетилноста се дел од творештвото на Јаневски а комбинацијата на два материјали како што е дрвото и металот како „опков„ на обликот создава контраст и сугестија на апстрактната „иконовидност“ (2001-2002г). Облиците се удвојуваат или расчленуваат опфаќајќи го просторот во дефинираната „отворена“ форма (Велфлин). Празниот простор во склуптурата делува како визуелна форма која е дел од целината.

Во модерната скулптура воочено е постоење на различни критериуми на присуство или отсуство на предметниот слој (М.Б.Протиќ). Исто така, присуството на елементи од „примитивната“ уметност, забележливо во делата на Јаневски, е многу порано констатирано во модерната скулптура како потреба за „враќање на човекот на една „примитивна“ состојба на духот„ (Херберт Рид). Ван Гог е поконкретен: „примитивните“ влијанија произлегуваат од дела кои се израз на чувство и на инстинкт. Анри Фосијот, во овој контекст е исто толку убедлив со толкувањето на „Животот на формата“ и со книгата „Пофалба на раката“.

За Јаневски добар пример за современата скулптура се делата на Кејт МекДонел, и во тој стил има изработено монументално конципирани скулптури (2000-2007г.) како трета фаза во неговото творештво со заеднички назив „Реинкарнација“. Со пробивање на масата се отвори нов простор за апстрактно-асоцијативната скулптура додека употребата на металот на оваа најнова група поединечни скулптури се отвори простор за создавање посложени целини кои добиле форма на барокизиран „Кафез“ со прецизно дефинирани линеарни волумени кои во себе го опфаќаат просторот. Во овие меки геометриски конструкции „на Стравот“ во метал се содржани разни предметни алузивно сугерирани елементи (меѓудругото и неолитската „Голема мајка Божица“) од разни културни и цивилизациски слоеви кои опстојуваат во Македонија.

Општа констелација е дека Предраг Јаневски сака да „мајсторисува“, да креира арабескни форми, а во најновите скулптури да ја разигрува површината на металните форми со рапава текстура или еден вид апстрактни украси што се дел од македонската културна традиција и на уметничкото творештво. Неговото творештво наоѓа место во модерната традиција на македонската скулптура.

Владимир Величковски

Additional Details

Project Title -

Project -

 

Date And Time

2022-11-01 @ 19:00 to
2022-11-03 @ 19:00
 

Event Types

 

Event Category

Share With Friends