Skip to main content

Отворен повик за учество во Работилница за применет и партиципативен театар

Registrations have closed.
Отворен повик за учество во Работилница за применет и партиципативен театар

Отворен повик за учество во Работилница за применет и партиципативен театар

by
531 531 people viewed this event.

Во рамки на новиот проект Arts Hub на Културно-социјалниот простор Центар-Јадро ќе се одржи 6-дневна интензивна работилница за применет и партиципативен театар.

Работилницата има за цел да креира контекст во кој, под водство на фасилитатотите, учесниците ќе ги разменат, прошират и надоградат своите знаења и вештини во областа на театарот и ќе стекнат нови знаења и вештини поврзани со различни алатки на партиципативниот театар и театарот применет во поширок општествен контекст. Запознавајќи се и со сензорниот театар и амбиенталниот (site-specific) театар, во рамки на работилницата учесниците ќе ги истражуваат можностите кои ги нуди применетиот и партиципативен театар за адресирање на важни и горливи општествени проблеми. Низ процесот тие ќе ги развијат своите идеи и ќе ги обликуваат во социјално ангажирани перформативни уметнички акции кои ќе бидат изведени за публиката на последниот ден од работилницата.

Работилницата ќе ја водат – Јелена Вуксановиќ, Демир Мекиќ (Србија) и Алесандро Ола (Италија/Шпанија).

Работилницата ќе се одржи на следниве датуми и термини:

  • петок, 31.03.2023, од 17:30-21:30
  • сабота, 01.04.2023, од 10:00-18:00 ч.
  • недела, 02.04.2024, од 10:00-18:00 ч.
  • петок, 07.04.2023, од 17:30-21:30
  • сабота, 08.04.2023, од 10:00-18:00 ч.
  • недела, 09.04.2024, од 10:00-18:00 ч.

Работилницата ќе се заокружи со финална презентација, која ќе се одржи во недела, 09.04.2024, од 17:00-18:00

Работните сесии ќе се одржуваат во просторот на Центар-Јадро (ул. Алберт Ајнштајн бр.2, поранешна месна заедница „Дане Крапчев“), а дел од работните сесии ќе се одржуваат и на различни локации низ градот.

Водачи на работилницата се: Јелена Вуксановиќ (писателка и сценаристка и театарски едукатор од Белград, Србија), Алесандро Ола (композитор и sound-artist, професор по композиција, електронска музика и звучен пејзаж, изведувачки уметник од Барселона, Шпанија) и Демир Мекиќ (социолог, форум-театар џокер и тренер од Белград, Србија).

Пријавувањето може да го извршите во периодoт од 07.03.2023 до 26.03.2023 на следниов ⇒ ЛИНК 

Работилницата започнува на 31.03.2023 (петок), во 17:30 часот.

Бројот на местата е ограничен и од прифатените апликанти се очекува редовност на сите сесии.


За учество во работилницата за применет и партиципативен театар е добредојдено претходно искуство и вештини од областа на театарот/изведувачите уметности, но ова не е апсолутен императив. Најважно е учесниците да имаат ентузијазам, желба и волја да учат, работат и да се надградуваат во областа на применетиот и партиципативниот театар.

Целта на работилницата е низ еден креативен процес, кој вклучува потрага по наратив значаен за овдешниот социо-политички контекст и со користење на техниките на театарот на угнетените, учесниците да добијат прилика да го испробуваат алтернативниот непосреден простор како театарски простор, да креираат мултимедијален сценски текст, по што ќе бидат спремни да создаваат своја ангажирана форма на театар.


Театарски техники и методологии кои ќе се работат за време на работилницата

Јелена Вуксановиќ и Демир Мекиќ ќе користат различни театарски техники и методологии со цел да им дадат низа можности и согледувања на учесниците. Како почетна точка на работилниците, фасилитаторите ќе ги користеле техниките на Театарот на угнетените, почнувајќи од Слика-театар, фокусирајќи се на темите и наоѓајќи ги основните интереси на учесниците. Понатаму, процесот во рамки на работилницата ќе се насочи кон работа на техники на амбиенталниот (site-specific) театар.

“Како е можно да се користат специфични средини во развојот на приказните, или како да се инспирираме од местата во нашето опкружување? Можеби постои одредена тема која би било добро да се презентира во училиштата, болниците, јавните институции”

Фасилитаторите ги поврзуваат овие техники со темите што учесниците сакаат да ги развијат и почнуваат да ги пронаоѓаат новите јазици за креативно изразување.

Покрај тоа, фасилитаторите и учесниците ќе ги користат и алатките на т.н. Сетилен театар, каде што акцентот е на будење и продлабочување на сетилата, градење на емпатија, навлегување подлабоко во сопствениот свет и светот на другиот.
Секој ден од работилниците ќе биде структуриран така што ќе има конкретен резултат- презентации што ќе помогнат да се креира финалната презентација на последниот ден од работилницата (09.04.2023) која пак ќе биде отворена за публиката.
Структурата на работилницата е креирана на начин да им даде простор и време на учесниците да научат нови методологии, да искусат нови сензации, да ја поттикнат својата креативност и да развијат свои идеи и теми, значајни за личен и социјален развој.

Интервенциите на Алесандро Ола во рамки на работилницата ќе се фокусираат кон освестување на звукот и неговата важност во контекст на перформансот, во создавањето звуци со глас и тело при композицијата и звучната импровизација.

Во таа смисла Алесандро ќе ги подучува учесниците во следниве аспекти:

  • користење на импровизацијата во музички перформанс во партиципативниот театар;
  • користење на музичка технологија и звучен дизајн во партиципативниот театар;
  • техниките за користење на музиката како алатка за раскажување на приказните и засилување на емоциите во партиципативниот театар;
  • истражување на врската помеѓу звукот и движењето во театарот (како на пр. користење на звукот како двигател на движењето/ кореографијата и обратно);
  • создавањето оригинални звучни пејзажи и звучни дизајни за театарски перформанси,
  • пристапи кон инкорпорирање на оригинална музика и звучни композиции во театарот
  • техники на миксање и манипулирање на звукот во живо во театар;
  • користење на теренски снимки, снимени звуци и звучни ефекти во создавање на театарскиот перформанс;
  • техники за дизајнирање звук за сензорен и локациски специфичен театар;
  • работа со вокални изведувачи и музичари во живо, во театар;
  • улогата на звукот во подобрување на атмосферата, емоциите и раскажувањето приказни во театарот;
  • употреба на тишина и минимализам во дизајнот на звук за театар;
  • техники за дизајнирање звук за непосреден и амбиентален театар;
  • употреба на технологија за звук, како што се дигитални аудио работни станици, во театарот;
  • етиката и предизвиците на работа со звук во театарот.

За менторите

Јелена Вуксановиќ

…. писателка и сценаристка, театарска работничка и едукаторка. Со класично образование по драматургија, во фокусот на нејзиниот интерес секогаш бил современиот и експерименталниот театар. Јелена има учествувано на разни обуки, работилници и други активности во сферата на неформалното образование, поврзани со современи и применети едукативни театарски техники. Филмот „Панама“ во кој таа е автор на сценариото својата премиера ја имал на филмскиот фестивал во Кан. Во 2018 година, на Бали, ја реализира премиерно нејзината прва современа опера „Во… Се… – се раздени -“, компонирана од Ендис Скордис. Тука некаде може да се маркира зародишот на фасцинацијата на Јелена со овој експериментален и креативен жанр. Во јуни 2022 во Берлинската опера премиерно беше изведена нејзината втора современа опера „Светлосин ден“, базирана на приказната на Фердинанд фон Ширах. Повеќе за работата на Јелена можете да најдете на- www.andromedavuksanovic.com

Демир Мекиќ

Демир Мекиќ е социолог, тренер и практичар на Театарот на угнетените. Формалното и неформалното образование, применетиот театар и работата со млади се дел од неговиот професионален развој. Со Театарот на угнетените се занимава повеќе од 10 години и во тој период го развива својот метод на работа со заедницата во целина преку употреба на театар, со акцент на работа со млади луѓе, во областа на теми поврзани со човекот права, интердисциплинрност и инклузија. Демир во текот на својата долгогодишна работа има одржано стотици работилници, семинари и обуки во регионот, а меѓународно, има учествувано и во создавањето на повеќе претстави и анимирани филмови. Некои од драмите на кои тој е автор/водач на драмскиот процес се: „Кон сонцето“ – драма за инклузија на бегалеци, „Кафеански прирачник“ – претстава за национализмот, „Тоа“ – претстава за угнетувањето на ЛГБТ+заедница во Босна и Херцеговина. Во текот на 2020 година, заедно со колегите од регионот, со поддршка од организацијата Форум ЗФД- Програма Северна Македонија, Демир изработи прирачник за користење на Театарот на угнетените во дигиталниот простор, наменет за едукатори кои се занимаваат со оваа тема.

Алесандро Ола

Алесандро Ола (Alessandro Olla, IT/ESP) e композитор, пијанист и изведувачки уметник. После студиите по пијано, композиција и електорнска музика, го напушта академскиот пристап кон музиката и го започнува својот уметнички пат низ експеримент, импровизација и електроника, како во компонирањето така и во сценскиот настап. Неговото лично истражување се фокусира главно на интеракцијата помеѓу музиката и другите уметнички изрази. Неговите интереси и искуство исто така вклучуваат видео-арт, театар и танц.
Изведувал во интернациопнални музеи и галерии, како на пр.: MACBA (Museu d’Art Contemporani Барселона, 2007), BAC (Лондон, 2007), GRIM (Centre Montévideò Марсеј, 2005), Accademia d’Arte Contemporanea (Сиракуза, 2000), Théatre Daniel Soriano (Дакар, 2004), The Luggage Gallery (Сан Франциско, 2004), Voz Alta (Сан Диего, 2004). Настапувал со современи уметници меѓу кои и: Tim Hodgkinson, Marc Ribot, David Shea, David Toop, Elio Martusciello, Victor Nubla, Fabrizio Spera, Paolo Fresu, Jean Marc Montera, Lorenc Barber, Roberto Pellegrini, Henning Frimann; на фестивали меѓу кои и Time in Jazz (Berchidda, 2006), LEM (Barcelona, 2005), Europe Tendence Emotion (Paris, 2003), electricittà – GRIM (Marseilles, 2005, 2003), Festival SpazioMusica (Cagliari, 2003), Ixem (Firenze, 2003), Impro Match, festival europeen de musique improvisée (Poitiers, 1999). Во 1996 го основал ансамблот Coincidentia Oppositorum.
Од 1999 компонира оригинална музика за бројни претстави, соработувајќи со важни италијански театари и театарски уметници, како Дарио Фо, Марко Карнити, Марко Пароди, Дациа Мараини, Марио Фатикони, Франческо Ориго, Франческо Сапонаро, Карла Тато. Автор е на театарски претстави кои исто така вклучуваат претстави базирани на импровизација (Suonobliquo, Water Rythms, Aleph). Компонирал музика за радио, телевизија и филмови и работел на звучни записи на локации во урбани и рурални средини.
Од 1994 работи и како подучувач и ментор, во рамки на театарски и музички работилници. Подучувајќи, го продлабочил својот поглед на врската музика-јазик-поезија и како режисер реализирал неколку проекти базирани на вокални експериментирања. Веќе шест години држи часови за музикотерапија и театарски работилници, работејќи во полето на менталните потешкотии.
Во 2007 го основа и почнува да го води мултимедијалниот фестивал на напредна музика SIGNAL, чијшто е идеен творец. Од 2001 до 2005 организирал годишен фестивал за импровизација и музичко истражување, базиран на работилници и перформанси во Каљари, Сардинија. Живее помеѓу Барселона, Рим и Каљари, а базата му е (главно) во Каљари, каде во 1995 го основал центарот посветен на музичко истражување и театарски експеримент, TiConZero [www.ticonzero.org] Повеќе информации за предавачот на: http://www.aleolla.it/


Со учество во оваа работилница ќе се здобиете со знаења и вештини кои ќе ви помогнат во понатамошниот развој на вашите идеи и проекти во областа на применетиот и партиципативен театар.

Во следната фаза на проектот Arts Hub Центар-Јадро ќе објави повик за проекти на социјално ангажираната уметност во рамки на кој домашните уметници ќе можат да аплицираат и да добијат финансиска и логистичка поддршка за реализација на своите идеи.

(1) Водачите на работилницата имаат значително искуство и референци во различни аспекти на применетиот и партиципативен театар.
(2) За дополнителни информации околу CV-јата на водачите на работилицата можете да се информирате на првата работина сесија од работилницата.

Работилницата за применет и партиципативен театар е дел од проектот Arts Hub на Центар-Јадро, кој се реализира со финансиска поддршка на Фондација Отворено општество-Македонија.

 

Additional Details

Project Title -

Project -