ПЕСИМИЗАМ И ТРЕПКИ
Во мојата зграда живееше стара жена. Секогаш кога ќе ја видев, изгледаше бледо и болно. Нејзиниот израз на лицето секогаш беше тажен. Имаше бела коса која ја носеше фатена во една избледена и стара штипка, а шминка ставаше само на сините капаци и трепките.
Го забележував тој тажен и осамен поглед зад нејзините нашминкани трепки, таа беше тивка жена и живееше сама на осмиот кат од нашата десеткатница.
Најчесто ја гледав пред зграда како осамено седи на дрвената клупа. Се запрашував која е причината зад сево ова, зашто секогаш е сама и изгледа толку безнадежно. Утредента отидов и чукнав на нејзината врата која беше бојадисана бело, но бојата веќе се лупеше.
Таа ме загледа и беше вчудоневидена, пробав да ѝ се претставам, но таа веднаш ме покани на по едно топло турско кафе.
Кога влегов во нејзиниот стан, просториите беа целосно темни, насекаде имаше фотографии од некој непознат и постар маж. Забележав дека и таа е на фотографиите, силно прегрнувајќи и бакнувајќи го мажот. Но, едно нешто ми остави впечаток.
Таа ја носеше истата шминка и на фотогафиите, но тогаш зад нејзините трепки блескаше среќа, радост и љубов.
Тоа беше моментот кога ја сфатив нејзината болка и причината за нејзината тага и осаменост.