Skip to main content

Работилница за критичко пишување: „Критиката во немилост меѓу лајковноста ем инстант културата“

Registrations have closed.

Работилница за критичко пишување: „Критиката во немилост меѓу лајковноста ем инстант културата“

by
649 649 people viewed this event.

Со работилницата за критичко пишување: „Критиката во немилост меѓу лајковноста ем инстант културата“ под водство на проф. Елизабета Шелева, КСП Центар – Јадро го продолжува циклусот на работилници за критичко пишување.


Информации за работилницата:
“Во време, кое изобилува од се’ возможни life coach рецепти и аФторитети по екраните, а чија суштинска мисија (освен добрата лична заработка), се состои во хипнотичкото навлекување на луѓето кон секаков вид конформизам (како мерило и маркер на индивидуалниот успех во општеството), повеќе од кога и да е, станува важно новото будење, внимателно острење и грижливо негување на критичката енергија и самосвест, која одбива да биде кастрирана (како што тоа им го прават на уличните кучиња скитници) и која, наместо да остане “успиена” во лажната удобност на вмреженото секојдневие – попрво ги бара одговорите и причините на оние (жестоки и болни) прашања, што само уметниците денес се осмелуваат да ги фрлат како предизвик на креативната сцена, која се’уште не е травестирана во златна кокошка од естрада.
Јазикот и приодот, својствен за областа на маркетингот (кој останува наполно рамнодушен кон естетската димензија на делото – за сметка на неговата разменска, односно, трговска вредност), речиси во целост го обесмислуваат вредносниот приод на уметничката критика, потиснувајќи ја на самите маргини од јавното внимание и медиумскиот простор.
Ироничен е фактот, дека повеќе “критика” (по обем, детали или медиумска застапеност), денес ќе пронајдете во емисиите за готвење, реалните шоу програми или аматерски пејачки аудиции од типот „Звезде Гранда“, кои се занимаваат со тривијалната култура и естрада.
Оваа работилница е замислена како отворен паноптикум со интердисциплинарен карактер, во чии рамки се предвидува да бидат пре-откриени (и во живо споделени) избрани примери од различни (претежно, гранични) уметнички жанри и подрачја на креативниот предизвик, како: документарен филм (за убиството на култниот чилеански кантавтор Виктор Хара од страна на фашистичкиот режим на А. Пиноче), арт филм од македонската школа на анимиран филн (работен според книжевна предлошка), боди перформанс и ТЕД х настап на артистот и активист Гиљермо Гомез Пена, видео спотови од алтернативни бендови, субверзивно обоени (поетски) текстови, чии автори се главно жени, како и одделни лајф фотографии – како метафори на травматичното секојдневие.
Иако припаѓаат на различни жанри, овие дела ги обединува една заедничка црта: провокативно искажаната и критички настроена позиција, но, не само кон сопствениот (творечки) медиум и (владеачкиот) канон на вредности; ами првенствено кон владеачката, патријархална реторика во медиумите, наменски режираната “демократија”, коруптивната идеологија на (неолибералниот) конформизам – препознатлив по агресивната “култура” на конзумеризам и токсичен маркетинг, како и по некритичкото воспевање на Западот како безгрешна икона на стилот и вредноста.
Читањето, перцепцијата и толкувањето на програмски селектираните дела (примери) од оваа работилница е “навигациски” осмислено и културолошки насочено, во комбинација со неколку комплементарни методи, како: феминистичката критика, пост-колонијалните студии (вклучително, border criticism), психоаналитичката критика, имагологијата (на глобалниот Југ), руската формална школа (принципот на очудувње, пародијата како уметничка постапка, техниката на сказ).
Работилницата предвидува и отворена дебата меѓу учесниците околу можноста, правото и етичката обврска на критиката да се соочи со пазарно (или, лајковно) ориентираната, површна и брзопотезна “уметност”.
Таа со своето седативно дејство, наместо да “замара”, ја плени публиката (како и бројните лајкови), со разблажена сентименталност, “брутална” исповедност, приемчиво нижење трач анегдоти, скандалозни призори и глетки, таман
по вкусот на малограѓанското љубопитство, желно за што побрзо заспивање со “книгата/филмот” во кревет.
За разлика од тоа необврзно поимање на уметноста како угоден декор – оваа работилница има спротивна цел: изострување на критичката перцепција, јакнење на будноста, како и одржување на кретивната виталност за промена и поместување!”
Елизабета Шелева

📌Анекс:
линкови кон 3 куси есеи/колумни за колективно читање
1. Живот во анусот на “Зебра”
https://okno.mk/node/65175
2. Анаис Нин и Илинденското востание
https://okno.mk/node/65264
3. Непотизам и ренесанса https://a1on.mk/macedonia/nepotizam-i-renesansa/

За Елизабета Шелева:
– био-библиографска белешка –
Редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет во Скопје. Долгогодишна уредничка на списанието „Наше писмо“ и регионалниот магазин „Sarajevske sveske” (со седиште во Сараево, БиХ). Раководителка на научно-истражувачкиот проект „Удвоена Другост – родови аспекти на балканизмот“, при фондацијата „Институт Отворено Општество“, Скопје, 2004 г. Визитинг професор на Интер-универзитетскиот центар за пост-дипломски студии во Дубровник , во учебната 2007 и учебната 2008 г; на Факултетот за политички науки, Белград, 2005 г., Филозофскиот факултет во Љубљана, 2020 г, Универзитетот во Хале, 2021 г. Соработничка во научните проекти на МАНУ „Компаративно проучување на македонската книжевност“ (1994 – 1999 г)., „Балканска слика на светот“ (2006 г); „Меморија и интерпретација“ (2008 г.); „Поимник на современата книжевна теорија“ (прв дел 2008 г. и втор дел 2020 г.). Учесник во билатералните книжевно-научни проекти на МАНУ: „Модернизмот во македонската и бугарската литература“, во соработка со БАН (2014 -2015 г.) и „Македонско-српски книжевни врски“, во соработка со САНУ (2016 -2018 г).
Ја приредила антологијата „ Песна меѓу две лета“ за Струшките вечери на поезијата, во 2009 г., како и антологискиот избор „Македонската поезија во транзиција“, за „Sarajevske sveske“, 2007 г. Постојан член во меѓународното жири за доделување на наградата „Балканика“.
Редовно се занимава со книжевна, ликовна и филмска критика (авторка е на 8 критички предговори за ликовните каталози на: Мирослав Масин, Слободан Живковски, Стојан Ѓуриќ, Драган Мијач, Маријета Сидовски и Симонида Филиповска, Емил Шулајковски, Ангел Димовски Чауш, како и групната изложба: Нераскажаните приказни на суперхероините ).
Во повеќе наврати, соработувала со филозофскиот кружок „Беокруг“, со центрите за Женски студии во Белград и Загреб, како и со реномираните феминистички списанија “Pro Femina”, “Genero”, „Treća“.
Авторка е на 12 книги и преку 270 авторски прилози: Во име на новото, 1988 ; Компаративна поетика, 1996; Книжевно-теориски студии, 1997; Од дијалогизам до интертекстуалност, 2000; Културолошки есеи, 2000; Заробеници на денот (е-книга), 2001; Отворено писмо (студии и есеи за македонската литература), 2003; Дом/Идентитет, 2005; Домот на писмото, 2008; Хетеротопии на писмото, 2014; Од личен агол, 2019 и Книга 2020, 2021
Била учесник на основачкото собрание и претседавач на Независните писатели на Македонија (од 2011 – 2017 г).
Во моментов е потпретседателка на македонскиот ПЕН центар.
До сега, има преведено 6 одделни книги и повеќе стручни статии, од англиски, српски, словенечки јазик.


Во склоп на работилницата за критичко пишување, учесниците ќе имаат прилика да го слушнат предавањето – „Го сретнав Другиот: Критичкото пишување и теоријата на хаосот” кое ќе го води независната кураторка и уметничка критичарка д-р Маја Ќириќ.

Го сретнав Другиот: Критичкото пишување и теоријата на хаосот
Еден од исходите на дигиталниот пресврт што се случи во 2020 година е децентрализираниот, нематеријален труд – одлична шанса за критичкото пишување да го врати својот моментум и да се ослободи од неговите формални синџири.
Но, како еден писател/ка да пишува солидно во контекст на хаотичен (ако не и скршен) свет, во кој институциите, одговорни за пренесување на фактите, се уриваат и симболично и физички. Како да се изврши функцијата на критичко пишување и да се даде значење (ако не и кохерентност) на хаотичниот контекст кој се карактеризира со пост-вистина, пост-работа, пост-институција, пост-академизам и смрт на експертизата? Критичкото пишување е водено од дигиталното и интернетот, контекстуално оспорувано, најчесто споделено и претежно условено од „attention economy“. Како во тој контекст критичарите можат цврсто да се надоврзат на наследството на академизмот и да го преобразат? Како писателите можат да испорачаат пристојно и доверливо критичко пишување, ако медиумите се смениле, ако актуелноста е поважни од фактите, ако властите биле компромитирани? Целта е да се даде значење на случајните состојби на неред и неправилности и да го направи критичкото пишување ефективно, вреднувано и убедливо.

Маја Ќириќ (д-р) е неочовечка ~ независна кураторка и уметничка критичарка. По дигиталниот пресврт во 2020 година, таа сè повеќе се вклучува во фигитални (физички + дигитални) проекти, конференции и изложби во хибридното поле на уметност + наука + технологија. Таа, исто така, курира и во метаверсот. Ќириќ била куратотка на повеќе значајни изложби меѓу кои и 20-то Биенале на уметноста во Панчево, Србија, Биеналето за млади уметници Mediterranea 18, во Тирана (2017), и била и кураторка (2007) и комесарка ( 2013) на српскиот павилјон на биеналето во Венеција. Досега учествувала и на бројни конференции и дебати меѓу кои и MAC VAL (2017), Центар Помпиду (2018) и MNAC Букурешт (2018), конференција на AICA Србија (2021), конференција за дизајн на дигитални изложби во Злин (2021), Интеракт конференција за интеракција помеѓу човекот и компјутерот (2021) и ИКТ конференција (2021). Пишувала текстови за FlashArt, Obieg, Artforum, Artmargins Online, Arts of the Working Class, Springerin, Third Text. Член е на одборот на советници на Telos Society, Arts & Culture Research Lab Observatory во Атина со која редовно соработува. Како истражувач за уметничко стакло и советник за Digital Glass Serbia, таа носи светлина во односот помеѓу индустријата и уметноста.
Практиката на Маја е поткрепена со дискурзивно знаење, таа има докторат по теорија на уметност (теза: „Институционална критика и курирање“) на Универзитетот за уметности во Белград. Основачка е на MCpresento Artists Talks, номадска платформа посветена на уметниците и нивните уметнички практики во доменот на трансхуманизмот, постхуманизмот и сајбер капитализмот. Mоментално работи како уметнички консултант.


——————————————————————————
Распоред:
📅Четврток (20 октомври)
– 12ч до 15ч
(13ч до 14ч – пауза)
📅Петок (21 октомври)
– 14:30ч до 15:30ч – прв дел
(15: 30ч – 16ч – пауза)
– 16ч-17 ч втор дел
📅Сабота (22 октомври)
– 12ч до 15ч
(13ч до 14ч – пауза )
__________________________________________
Активноста се реализира во рамки на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици 2“ финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Additional Details

Project Title -

Project -