Skip to main content
Асоцијација Јадрокултура

ЈАДРО Асоцијација: Не можеме да си дозволиме какво било кратење на програмските трошоци!

By July 20, 2022No Comments

На 15.7.2022 се оддржа средба меѓу претставници на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, на Аудиција СЕГА!, други независни културни уметници и работници и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, по повод предлог-кратењето на буџетот за култура како дел од Предлогот за ребаланс на Буџетот за 2022 година.

На средбата министерката Костадиновска-Стојчевска се извини за доцното информирање и контактирање во врска со ребалансот и призна дека направила превид во врска со последиците врз независниот културен сектор што директно би произлегле од кратењето на програмските трошоци на годишните програми. Таа вети дека ќе стори сè во нејзина моќ за да направи нова „прекројка“ во кратењата, така што програмските трошоци на корисниците од пошироката независна културна сцена ќе останат недопрени и најмалку оштетени од очекуваниот ребаланс на буџетот за 2022 година.

Министерката објасни дека во моментов Министерството за култура се соочува со многу финансиски потешкотии, делумно предизвикани од инфлацијата, делумно од непредвидени трошоци и плаќања на претходни долгови. Земајќи предвид целокупната ситуација, таа спомена дека тие се сепак во позиција да направат попаметен избор за тоа што е приоритетно да се финансира и ќе се обидат, како Министерство, повторно да разговараат со СКРМ и претставниците на јавните установи во културата, за да се провери можноста за дополнителни солидарни кратења на одредени капитални инвестиции и програмски трошоци, по нивна препорака и избор, со цел заштита на корисниците од независниот културен сектор, чијашто прекарна егзистенција ионака е под постојана закана.

Претставниците на ЈАДРО Асоцијација побараа од министерката потврда за ваквите заложби, а не само декларативна поддршка, посочувајќи дека корисниците од пошироката независна културна сцена исто така имаат правна одговорност пред низата други донатори, партнери и уметници, со кои години наназад го градат својот интегритет. Тие потенцираа дека независниот културен сектор нема трет избор, не може да си дозволи какво било кратење од веќе предвидените годишни програми, особено не среде година, кога половина или повеќе од средствата се веќе потрошени или задолжени или инвестирани „од свој џеб“. Од ЈАДРО Асоцијација упатија дека очекуваат од министерката јасно да ги застапува и штити интересите на поширокиот независен културен сектор и да ја обзнани таа практика како своја иманентна должност.

Министерката вети дека ќе даде попрецизен одговор по гласањето на Предлогот за ребаланс на Буџетот за 2022 година, по што ќе излезе со соопштение за позицијата на независниот култен сектор после кратењата, но и за временските рамки на понатамошните исплати на корисниците. Освен ова, таа апелираше сите поддржани корисници да ги почитуваат роковите и обврските што произлегуваат од договорите без барања за нивно пролонгирање. Министерката закултура истакна и дека Министерството за култура ќе се залага идната година да се зголеми буџетот на корисниците што не се од јавните културни институции, со цел поголема стратешка поддршка за независната културна сцена.

 

Leave a Reply