Skip to main content
Асоцијација Јадрокултура

„Националните финансиски политики во културата “ во авторство на еконмскиот истражувач Бранимир Јовановиќ

By February 24, 2023No Comments

Јадро – Асоцијација на независна културна сцена издаде документот за јавни политики „Националните финансиски политики во културата “ во авторство на еконмскиот истражувач Бранимир Јовановиќ.

Јадро – Асоцијација на независната културна сцена, како актер кој веќе 10 години будно следи и се застапува за подобрување на условите на независната културна сцена, го издаде овој документ за јавни политики со кој се анализира државното финансирање во културата со цел појасно застапување за достоинствени средства за вложување во одржувањето на независната културна сцена. Првиот дел од документот е посветен на анализа на државните буџети за култура, додека вториот се фокусира на годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2021 и 2022 година.

Публикацијата посочува во кои аспекти од финансирањето државата потфрла и кои се следните чекори што треба да се преземат за надминување на критичната состојба во независниот културен сектор, кој се наоѓа во трајно прекарна состојба.

Електронската верзија од „Националните финансиски политики во културата “ во авторство на еконмскиот истражувач Бранимир Јовановиќ може да ја преземете на следнив ЛИНК


Промоцијата се одржа на 10 февруари (петок), со почеток во 12 часот во просториите на КСП Центар Јадро.

Во разговор со Јовановиќ, на промоцијата, зема збор и културниот работник и активист Теодор Целакоски (Хрватска).
Дискусијата ја модерираше културната работничка и историчарка на уметност Тијана Ана Спасовска.

Бранимир Јовановиќ е економски истражувач на Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Поле на интерес му се социјалните аспекти на економијата, како сиромаштијата, нееднаквоста, работничките права, социјалните политики, јавните финансии, даночењето.
Бил професор на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје, советник во Министерството за финансии и аналитичар во Народната банка. Магистрирал на Универзитетот „Стафордшир“, Англија, а докторирал на Универзитетот „Тор Вергата“ во Рим, Италија. Бил активен во повеќе движења за социјална правда, како Левичарското движење „Солидарност“, движењето „Протестирам“ и Независниот академски синдикат.

Теодор Целакоски е културен работник, активист и политичар од Загреб, Хрватска. Од раните 2000-ти, тој се занимава со културни политики и институционални иновации во културата – тој е ко-основач на институтот Мултимедијалниот социо културниен центар Мама, во Загреб; иницијатор на Clubture – мрежа за соработка и размена помеѓу актерите на независната култура заснована на принципите на партиципативно буџетирање; Центар за независна култура и младински поттик – институција основана како граѓанско јавно партнерство; и Фондација Култура Нова – јавна институција која ги поддржува граѓанските организации во областа на современите уметности и култура. Како координатор на иницијативата „Право на град“, тој бил ангажиран повеќе од една деценија со локални граѓански иницијативи и синдикати во кампањи кои се борат против приватизацијата на јавниот простор и инфраструктурата.

Најистакнатата и најуспешната кампања ја мобилизираше цела Хрватска – петицијата за референдум против педесетгодишната концесија на автопатиштата собра повеќе од половина милион потписи за две недели, што ја натера тогашната влада да се откаже од обидите за приватизација на автопатиштата. Во 2014 година Теодор ја добил наградата која ја доделува Европската културна фондација Принцеза Маргриет. Во 2017 година учествувал во иницирањето на општинската политичка платформа Zagreb je NAŠ! а во 2019 година во политичката платформа Možemo! каде што работи како координатор. На локалните избори во Загреб во 2021 година, тој беше избран во градското собрание во функција на потпретседател.

Тијана Ана Спасовска е историчарка на уметност и културен активист која од 2022 до 2022 работи како програмски и административен координатор за ЈАДРО – Асоцијација на независна културна сцена, а од 2016 е дел од тимот Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура. Моментално е дел од управниот одбор на Кооператива – регионална платформа за култура, во улога на подпретседател, како и претставник на невладините организации од полето на културата во Владиниот совет за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество. Нејзините области на интерес се развој на публика, културни политики, културни пејзажи и културен активизам.

Погледнете го видеото од промоцијата 👇👇👇

Leave a Reply