
Семинар предводен од Гералд Рауниг
Семинар предводен од Гералд Рауниг
КРИК – фестивал за критичка култура
Ден 1 (05.07.2024) 15:00-18:00 : Фокус „Дивидуа“
Чест ни е да ве поканиме на дводневен семинар предводен од Гералд Рауниг, на 5-6 јули 2024 год, а кој е дел од КРИК – фестивал за критичка култура, како клучна програма на Контрапункт – организација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики.
Фокусирајќи се на најновите книги на Гералд Рауниг – Dividuum (2016) и Disassemblage (2022), кои ги сочинуваат двата тома на Машинскиот капитализам и молекуларната револуција, овој настан ги поканува филозофите, уметниците, активистите, кураторите и културните работници да ја истражуваат работата на Рауинг контекстуализирајќи ги неговите теориски филозофски тези во локалниот контекст. Избраните учесници ќе се вклучат во предсеминарска листа за читање и ќе треба да се запознаат со извадоци од двете книги (неодамна преведени на македонски од Жарко Трајаноски), како и фрагменти од други текстови централни за развивање на мисла на Гералд Рауниг. Учесниците ќе имаат можност директно да се вклучат во работата на авторот и да дадат, како и да добијат повратни информации за сопствените интереси кои се во фокус на нивната работа.
Гералд Рауниг, во рамки на семинарите, ќе понуди во дијалог одговори на оние прашања кои се поврзани со сите важни теориски, политички, филозофски и уметнички перспективи согласно интересите на учесниците, во рамки на поставените теми во книгите кои ќе бидат предмет на критичка расправа.
Гералд Рауниг е еден од водечките филозофи, кој става акцент на политичката филозофија и теоретичар на културата и уметноста. Работи во Zürcher Hochschule der Künste и во eipcp (Европски институт за прогресивни културни политики); член е на уредувачкиот одбор на повеќејазични издавачки платформи како transversal texts и списанието Kamion. Неговите книги се преведени на англиски, српски, шпански, словенечки, руски, италијански и турски. Tој е автор на „Уметност и револуција“, „Илјада машини” „Фабрики на знаење, индустрии на креативноста“, „Дивидуа“ и „Дисемблажа“.
Со креативна примена на идејата на Жил Делез и Феликс Гатари за желбените машини во поширокиот општествен еко-систем, Рауниг ја проширува постструктуралистичката теорија на револуцијата до експлозивната врска со уметноста и активизмот. Рауниг развива современа концепција за политичката промена – концепција што ги надминува застарените формулации на востание и отпор.
Оваа година Контрапункт ја имаше привилегијата да преведе во својата едиција Пунктум три книги од Гералд Рауниг: „Уметност и револуција“, во превод на Катерина Шекутовска, „Дивидуа“ и „Дисемблажа“ во превод на Жарко Трајаноски.
Additional Details
Project Title -
Project -




