
Femme Fatale – Самостојна изложба на Христина Мазнеска
Циклусот Femme Fatale на визуелната уметница Христина Мазнеска се состои од цртежи на женски портрети, дигитално обработени. Дел од нив реалистично претставени, некои идеализирани, а некои претставени во еден пост – експресионистички манир и/или ворхоловски пристап.
Таа femme fatale во себе носи длабок психолошки наратив. Тој продорен женски поглед, во себе крие мигови на страв, самодоверба, интуитивност, скриена желба и страст. Таа е способна во себе да го сокрие целото бреме, да се соочи со различните животни предизвици, но и да ги надмине и премине врз нив, а на површина да опстои таа женска сила, да го натера и најтврдокорниот маж да коленичи пред неа.
Марјан Минов,
куратор на изложбата
Христина Мазнеска, родена 1995 г. во Прилеп, Македонија. Средно уметничко образование завршува во ДСУЛУД “Лазар Личеноски” во Скопје во 2014 г., на отсекот за сликарство, и дипломира на Факултетот за ликовна уметност во 2018 г., на истиот отсек со модулот графички дизајн. За време на студиите била добитничка на две стипендии за студиски престои во странство, еден на Академија за ликовни уметности во Загреб, Хрватска и на Универзитетот за ликовни уметности во Будимпешта, Унгарија. Во текот на своето образование и кариера учествува на бројни изложби, креативни работилници и фестивали за применета уметност.
Добитничка е на неколку награди. Се занимава и со дигитална уметност, илустрација и графички дизајн.
Additional Details
Project Title -
Project -




