Skip to main content
креативно пишувањеработилница

Неуспех и коса | Мелиха Трубљанин

By December 7, 2023No Comments

КОСА

 

Зарем јас не ја имам перфектната коса? Зарем не блеска кога поминувам на сонце? Сигурна сум дека нејзиниот мирис ги опива сите луѓе кога поминувам покрај нив. Знам дека сите се вртат и малите дечиња извикуваат: – „Мамо, погледни ја нејзината коса!“. За жал, поради мојата бујна коса, со нежни локни, во светло кафеава боја како млечно чоколадо и мирис на ванила и кокос, никој не ги забележува моите други особини, моите кафеави очи кои на сончевите здрави добиваат портокалова боја, моите усни кои се природно црвени  и дупчињата на образите што се појавуваат кога искрено се смеам. 

Но, веќе се навикнав, не ми смета овој факт. Сѐ додека ја имам мојата убава коса, сѐ ќе биде како што треба.

Одеднаш, ми заѕвони телефонот  и со својот звук го скрши тивкото утро. Ја кренав слушалката и слушнав непознат глас. Господинот на телефонот учтиво ми се обрати, а го знаеше моето име и презиме.

  • „Госпоѓа Милија Тан“. Бев сигурна дека тоа сум јас. 
  • „Да, повелете“, реков.
  • „Слушнавме за вас, односно за вашата бујна коса, а тоа е нешто што го бараме…“, разговорот траеше кратко.

Конечно! Ме поканија да бидам во емисија за мојата коса, помислив дека светот ќе дознае нешто повеќе за мене, ќе дознае која сум, што сум и дека вредам повеќе од мојата коса. 

Влегов трчајќи во тоалетот, ги земав најубавите и најдобрите производи за мојата коса, сакав луѓето да го почувствуваат нејзиниот совршен мирис дури и преку екраните. Набрзина најдов што ќе носам и возбудено легнав да спијам.

Девет и пол. Станав, се облеков и бев подготвена да ја исчешлам мојата коса, но тоа што го погледнав во огледалото не личеше на успех, туку врескаше „НЕУСПЕХ!“.

На мојата глава немав ниту едно влакно. Каде отиде? Каде ја снема? Мојата надеж, мојот успех, мојата убавина?

Нервозна кон светот, солзите сами почнаа да паѓаат. Сѐ ми се чинеше тмурно, како да е крај на светот. Нешто заѕвони, а не беше ниту телефонот, ниту ѕвончето на вратата. 

Тоа беше алармот. Се разбудив  и сфатив, тоа било само страшен сон, тоа беше стравот со кој живеам.

 

Leave a Reply