Skip to main content
говор

Говор на Искра Гешоска

By February 27, 2022March 6th, 2022No Comments

Говор на Искра Гешоска (Iskra Geshoska), прва претседателка на Јадро Асоцијација и членка на Програмски совет на КСП Центар-Јадро, на прес-конференцијата по повод отворањето на установата (07.10.2020)

“Културата не е некој непоимлив пантеон. Таа не треба да се обожува. Идејата за културата е идеја за протест, за стварност, за акција, за борба, за постојано менување, за пресметка со големите нарации и со моќта.” (Тери Иглтон)

Не случајно го одбрав овој цитат сакајќи на едно поапстрактно, теориско рамниште да укажам на клучните мотиви не само за формирањето на овој нов, пионерски, одржлив, автономен и демократски модел на институција, кој конечно покажува дека сорабoтката помеѓу граѓанскиот сектор и локалната самоуправа може да биде проникнувачка, оперативна, а не само флоскула која ќе остане мртво слово на хартија или популистички акт кој има рок на траење на еден билборд, туку сакајќи и да укажам на точката од која треба да појдеме во менувањето на идејата за културата во нашето општество, како нешто што е столб на еманципаторските и демократските институционални оштествени промени, а не само општествен декор.

Во својата мисија, ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, има впишано дека е непрофитна, инклузивна, партиципативна и застапувачка платформа која се стреми да го зајакне независниот културен сектор и неговото влијание врз креирањето и практикувањето на културните политики, со цел да ги поттикне процесите на демократицација во културата и пошироко, во општеството и во граѓанскиот сектор.

ЈАДРО како своја примарна заложба и цел, од своето формирање во 2012 година се застапуваше независниот културен сектор да биде препозаен како про-активен учесник во сите општествени и културни процеси, а неговите актери да добијат политичка релевантност за придонес во пошироката развојна динамика на демократизација на општеството и на јавната сфера. Преку платформата Јадро низ сите овие години, некогаш поуспешно, некогаш помалку успешно, се стимулира идејата за култура како постојан процес на динамични, хетерогени идеи, идентитети и формати на уметничко дејствување кое се проникнува интерсекторски со сите останати сегменти во општетсвото, и кое е длабоко свесно и одговорно за сите политички процеси.

Си поставивме задача да бидеме будни и јасно и смело да се обидуваме да укажеме на нужноста од критичко промислување не само нa културата туку и на политичкото, општественото кое сака да стави нога врз вратот на граѓаните воопшто, но и на културните работници и на уметниците. Воедно, сакаме да ја потенцираме нужноста од демонополизација на културата и уметноста чија судбина зависи од мал број луѓе кои ја поседуваат моќта на одлучување. Се обидуваме да укажуваме на недостатоците и на можните решенија и модели за подобрување на ретроградните читања на културата и борба за достоинствен, праведен и солидарен простор на дејствување на независниот културен сектор во Македонија. Тоа ќе го правиме и понатаму, одговорно, фронтално, за доброто на заедницата.

И токму затоа, ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, ја покрена иницијативата за формирање на мешовита установа, хибридна институција која ќе биде првиот пример за јавно-цивилно/граѓанско партнерство. Со тоа сакавме да покажеме дека се можни и поинакви начини на дејствување, содружништво и органско поврзување. Општество кое не сака да ја види важноста на ваквите, независни, критички колективи и кое не сака да ја верификува нивната вредност не може да го има предзнакот демократско.

Со оваа иницијатива сакавме да ги редефинираме економските, политичките, културните и останатите потреби на секторот но и функциите и структурите инхерентни на промената на, очигледно застанати во некое минато време, институционални модели, кои се затворени во сопствената самодоволност и почиваат на ретроградни организациони тромави па дури и кафкијански модели, создавајќи некои други кои ќе гарантираат поголем демократски капитал. (кој претпоставува ефикасност, мобилност, автономија, транспарентност, децентрализација, демонополизација)

КСП Центар Јадро е многу повеќе од простор – тоа е нов модел на институционална мемориска актуелност кој ќе создава автономни, само-организирани содржини. Тело во кое ќе се артикулира и разменува нашиот урбан, интелектуален, критички и творечки капитал. Институција која, веруваме, ќе покаже стабилна, автономна константа на развиток.

Новиoт модел на институцијата кој го пределагаме е од значење за културниот развој, но и за образованието, развојот на критичката култура и новите облици на создавање општествено-културни заедници. Важно ни е оваа институција да се прочита како концепт за создавање професионална креативна заедница која е длабоко вкотвена во локалниот контекст и која се грижи за културните динамики во локалната заедница.

Ваквиот вид установи на нов начин му пристапуваат на просторот и на начинот на неговото користење, неговото програмирање (тие инсистираат на разноликост, широко учество, инклузивност, а не униформност и ексклузивност). Tие промовираат нов модел на управување, кој подразбира соработка, заедништво, јавна одговорност, а кој води кон предзнакот на демократски управувачки модел.

Што е можеби најважниот параметар за ваквиот модел? Овој модел, кој е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт и еден поширок фронт на граѓанската мрежа, составена од организации, поединци и неформални групи, обезбедува суштинска децентрализација на моќта и обезмоќување на досегашните практики на партиски влијанија. Тоа значи дека партиите кои ја поседуваат во одреден момент владејачката динамика, го ослабнуваат своето влијание и врз организационата структра и врз програмското планирање. Тоа е единстевниот пат кон создавање на организациска и програмска автономија во дејствувањето во сферата на културата во рамки на граѓанскиот секотор но и пошироко.

Низ ваквиот формат е обезбедена основната ресурсна и институционална стабилност, но и партиципација во управувањето. Овој модел овозможува долготрајна одржливост, која е резултат на јавната инфраструктурна поддршка од една страна и независното програмирање и партиципативното носење одлуки од друга страна (која што ја илуминира граѓанскиот фронт). (на буџетско рамниште – инфраструктурната вертикала како своја обврска ја носи локалната самоуправа, а програмската вертикала е должност на граѓанскиот фронт).

Станува збор за простори на заедницата кои произведуваат општествено добро низ директна демократија. Доколку сакаме да излеземе од вообичаената реторика, ќе си дозволиме да кажеме дека ваквите хибридни институции на јавно-цивилно партнерство се „куќи на културата кои имаа длабоко општествено и политичко влијание во демократските процеси.“

Сите знаеме дека јавниот сектор, кој е рак-рана и на голем товар на буџетот на Република Северна Македонија, запаѓа во една вододелница на тромавост, неподвижност, со затворена перспектива за следење на новите практики во управувањето и програмирањето. Тоа е така бидејќи јавниот сектор е под контрола на еден единстевн основач, што, всушност, значи дека е под контрола на власта. Затоа инсистираме на партнерство помеѓу локалната самоуправа и граѓанскиот сектор.
Токму заради тоа, системските прашања за управување со јавните институции во културата, новите модели и начини на управување мораат да бидат поставени како темелно прашање на културните политики. Важно е да се поставуваат прашањата за соработка на сите рамништа (локално, национално, регионално, меѓународно) како и прашањето за интерсекторската соработка, особено во рамките на јавниот и непрофитниот, односно, граѓанскиот сектор.

Она што се чини како исчекор во политичкото дејствување, и како пионерски политички потфат во однос на јавното добро и во однос на културните политики, е создавањето на своевидни културно-општествени центри, кои суштински ќе се разликуваат од досегашните, традиционални простори и установи на културата. Ваквите центри нужно мораат да бидат потпрени врз моделот на јавно-цивилно/граѓанско партнерство – модел кој сè уште кај нас не е спроведен, ниту во сферата на културата ниту во останатите општествени сфери и дејности.

Токму затоа, ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, го предлага и образложува ваквиот модел на хибридна иснтитуција, кој ќе придонесе кон потврда на современите културни практики од регионот и од Европа, а со кој ќе се промовираат принципите на демократизација во социо-културниот контекст

Leave a Reply