Skip to main content

Разговори на Чаловски и Владимир Јанчевски

Registrations have closed.

Разговори на Чаловски и Владимир Јанчевски

by
575 575 people viewed this event.
Погледнете го видеото од презентацијата на визуелниот уметник Јане Чаловски и разговорот на Чаловски и Владимир Јанчевски.
Чаловски е автор со исклучително богата и репрезентативна кариера на светската уметничка сцена. Неговите дела, реализирани во различни медиуми и на различни теми во последните две децении се изложувани во земјата и странство на значајни манифестации, како Манифеста и Венециското Биенале.
Чаловски, несомнено спаѓа меѓу најрелевантните автори на современата македонска уметност во 21 век, со долгогодишно репрезентативно присуство и надвор од границите на земјата. Неговите дела реализирани во различни медиуми кои опфаќаат цртеж, инсталации, објекти, мултидисциплинарни истражувачки проекти, претставуваат значаен придонес во дебатите за јавниот простор, за значењето на архивите и колективното сеќавање, а со тоа и за улогата на уметноста во современоста.
Уште од самиот почеток Чаловски сериозно настапува на уметничката сцена со дела кои се промислени, со специфичен тематски и проблемски фокус, сериозно земајќи го предвид општествениот контекст и важноста на активирањето на актуелните дебати. Во својата презентација Чаловски ќе претстави избор од делата создавани во подолг временски период, а преку нив ќе ни открие повеќе и за својата методологија, стратегиите кои ги користи и начините на кои ги реализира делата, како и контекстот во кој се изложувани и презентирани.
Во разговорот ќе стане збор за некои од претставените проекти, особено за покомплексните како што е Претставувањето на Венециското Биенале со проектот „Ние сите сме сами во ова“ во 2017, и неговиот развој, како и проектот со кој учествува на изложбата „Поголемо од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија“ во MAXXI во Рим, курирана од Зденка Бадовинац. Со цел запознавање на пошироката публика со разновидноста на неговиот опус, но и улогата на институционалната мрежа во локалниот контекст, ќе се осврнеме и на неговите самостојни претставувања во МСУ-Скопје, како и улогата на Проектниот простор „Прес ту егзит“ и Асоцијацијата „Јадро“ во унапредување на локалната уметничка сцена.
Ве покануваме заеднички да ја проследиме презентацијата и се надеваме дека ќе се вклучите со свои прашања и коментари во разговорот со уметникот.
Јане Чаловски (1973, Скопје) студирал скулптура на Акаденијата за ликовни уметности во Пенсилванија (1992-1996), а дипломирал на колеџот „Бенингтон“ (1997). Учествувал на постдипломски програми на Центарот за современа уметност во Китакјушу (1999-2000) и на Академијата „Јан ван Ајк“ (2002-2004), а магистрирал медиумска и културна продукција на Универзитетот „Линкопинг“ во Шведска (2010). Во својата практика Чаловски се занимава со традицијата на истражувањето и преведувањето, поврзувањето, емпириски идеи со анализа на референциите од историјата на уметноста, што го води во дела ситуирани во просторната особеност на нова културна и политичка географија. Често се занимава со места во историјата и собира локална култура, како предмети, приказни и песни, за пресоздавање, покажувајќи дека современата концептуална уметност може да креира нови и иновативни сценарија и основи за интерпретација на домашното знаење со историјата и со општеството. Чаловски ги изложувал, прикажувал и ги објавувал своите контекстуално ориентирани и дела засновани на цртеж во меѓународни рамки, и тоа во: Музејскиот кварт во Виена, Францускиот институт во Токио, Националниот музеј на современа уметност (МНАЦ) во Букурешт, Бункер Штуки Краков, Фондација Баухаус Десау, Кунстхале Баден-Баден, Кунстхале Брегенц, Салцбург Кунстверајн, Уметнички центар Акбанк, Истанбул, Тејт Британија, Европски Кунстхале, Институтот за медиумска уметност на Холандија, Кроника – Битом, Констхале Брантс, Балтичкиот уметнички центар, Центарот за современа уметност во Вилнус, АР/ГЕ Кунст, Центарот за цртеж во Њујорк, Музејот на современа уметност во Скопје и други. Изложувал и на Биеналето за фотографија во Хелсинки (2014), Второто биенале на современа уметност D-0 ARK Underground (Босна и Херцеговина) (2012), СпаПорт интернешенал (2010), Манифеста 7 (2008), ПР 04, Порторико (2004), Манифеста 3 (2000). Исто така бил застапен и на Артинтернешенал 2015, Истанбул, Фриз Лондон, Арт Базел, Виенскиот уметнички саем и АРКО Мадрид. За својата практика, меѓу другите признанија, добитник е и на стипендијата ОРТунг 2012, на стипендијата од Фондацијата на Алијанц за уметност 2004, стипендијата „Пју“ за уметности 2001.
Оваа серија на разговори се реализира преку програмата „Поддршка во eтаблирање на новиот социо-културен Центар – Јадро како цивилно-јавно партнерство“ финансиранo од Embassy of Switzerland in North Macedonia #CHinMK и Министерство за култура

Additional Details

Project Title -

Project -

 

Date And Time

2021-07-27 @ 20:00 to
2021-07-27 @ 21:00
 

Location

Online event
 

Event Types

 

Event Category

Share With Friends