Skip to main content
Асоцијација Јадрокултура

Десет аргументи против одлуката за намалување на средствата за културна продукција

By July 16, 2022No Comments

Некни медиумите објавија дека „програмите за работа во културата со ребалансот на буџетот ќе останат пократки за 1 милион и 200 илјади евра; тоа е нешто над 30% од вкупниот буџет за програмски активности за годинава, кој изнесува 4 милиони евра, кажа министерката за култура Костадиновска-Стојчевска“. Официјално соопштение нема. Ниту има податоци колку самото Министерство ќе ги намали своите трошења или ќе ги намали превработеноста и непродуктивноста. Министерката за култура најавува и дека „критериумите за кратење се еднакви за сите кои добиле средства за проекти“.

 

Овој план на Министерството за култура е погрешен и штетен од низа причини. Овде ќе наведам десет.

1. Во многу доцна фаза кршејќи веќе потпишани договори Министерството за култура станува неверодостоен партнер и внесува правна и економска несигурност. Со тоа доолнително ја поткопува довербата на граѓаните во државата и во правниот систем.

2. Не треба да се изедначуваат програмите за работа на вработените во културниот сектор со другите создавачи на културни добра (независниот културен сектор, издавачите и сите други кои не земаат плата од државата). На Синдикатот за култура, кој ги застапува правата на вработените во институциите, може дури и да им одговара намалувањето на програмските буџети зашто тоа значи дека нема да мораат со никаков труд да си ги заработат за наши услови често енормно високите плати. Но, за другите актери во културата намалувањето на парите за веќе испланирани проекти може да значи драматично осиромашување.

3. Скратувањата се прават божем во интерес на „најранливите“. Па токму луѓето од независниот културен сектор се меѓу најранливите категории! Без никакви стабилни приходи, многу често без здравствено и пензиско осигурување, живеат од проект до проект, во крајно несигурни услови, под постојан стрес и најчесто под огромен работен напор.

4. Реалниот културен прекаријат (во кој не спаѓаат вработените во институциите кои трошат огромен дел од даночните пари за одржување на руинираните институции и за плати) веќе претрпе огромни штети поради пандемијата. Оние кои веќе ги издржаа најголемите удари ‒ пак треба да го кркаат стапот!

5. Планот на Министерството за култура го занемарува факторот инфлација. Програмите за 2022 се правени отприлика пред една година, кога цените беа други. Веќе во моментов одобрените пари (за кои се склучени договори) реално се помали над 20%, зашто се поскапени сите услуги. До крајот на годината инфлацијата ќе изеде уште еден голем дел од парите кои допрва ќе треба да се исплаќаат (а често се исплаќаат со повеќемесечни доцнења).

6. Драстично ќе се намали обемот на културната продукција. Во споредба со сите земји во опкружувањето нашата земја има најслаби културни потреби и културна продукција. Наместо таа слика стратешки да се менува, со ваквите одлуки, и со други погрешни политички одлуки, сликата станува сè пострашна и сè понепоправлива. Грешите ако мислите дека е сеедно колку книги, претстави, концерти итн. се создаваат годинава. Културата е суштинска, есенцијална, а не ритуална или магиска дејност.
Драстично ќе се влоши и квалитетот на културната продукција (многу повеќе од „30%“). Културните работници, од инает, потплатеност, незадоволство, фушерски и про форма ќе ги завршат своите проекти. А загуба ќе имаат сите, но најмногу, збирно, заостанатото општество кое со децении доцни дури и во однос на своите културно најслични соседи.

10. Сфаќам дека ситуацијата е многу тешка. Пари нема, и допрва ќе фалат, дури и за основни работи, храна и греење. Потребна е солидарност. Работам во независниот културен сектор и имам впечаток дека повеќето луѓе таму се вредни и солидарни. Верувам дека огромен дел од нив би се согласиле дури и на вакви (авто)деструктивни политички вратоломии ‒ само кога би виделе вистински урнек за солидарност. На пример, ајде барем зимава за 31% да ги намалиме платите на сите вработени во Министерството за култура и во културните институции! Ајде за 50% да ги намалиме трошоците за одржување на Министерството за култура и за сите културни институции! Така нема да заштедиме еден милион евра, туку можеби десетици милиони евра… Ете пари за болници, за школи, за греење, за храна… Таквата акција, убеден сум, не само што би била убедлива, веродостојна и поттикнувачка, туку и драстично би ја зголемила довербата во државата, институциите и системот.

Се разбира, знам дека попрво ќе пропаднат капитализмот и планетава отколку македонските бирократи да си ги намалат бенефициите. Ама, ете, за крај, малку реторика, малку фантазија, малку вежбање по утопистика… Башка, зошто да сопреме на секторот култура, зошто да не ја преполовиме целокупната државна администрација, зошто да не ги реформираме институциите, да ги нахраниме и образуваме граѓаните, зошто да не бидеме поумни, поодговорни, посолидарни, поповрзани, зошто да не, зошто да не…

 

Извор: Окно

Leave a Reply