Skip to main content
културачитачка група

Критичката психологија преку призма на принципите на гешталт-терапијата | Мила Гроздановска

By October 12, 2023No Comments

Како дипломиран психолог, имав шанса одблизу да се запознам и да се дружам со психологијата и со сите нејзини гранки и концепти. Преку моето четиригодишно патување, една од основите со кои лично и професионално растев беше сознанието дека постои огромен дел од човечкото секојдневно однесување што функционира според шеми и според принципот причина-последица, а за кој голем дел од луѓето не се свесни дека работи така. Илузијата дека сè што правиме и што ни се случува нам, а и на другите, е во целосна наша или нивна контрола е најчесто само тоа, илузија.

Второто основно сознание беше тоа дека за секој проблем има решение и дека, покрај тоа што анализата на минатото и визијата за иднината се клучни алатки во теоријата, практичното наоѓање на решението лежи во првиот чекор напред што ќе се манифестира во сегашноста. Свесен чекор, за чија одлука се презема одговорност од страна на оној што чекори. Само така, чекор по чекор, можат да се остварат идеите за промена на сопствениот живот, а последователно на тоа и на општеството.

Имајќи го ова предвид, со запознавање на критичката психологија уште појасна станува потребата да се врши надзор, да се биде претпазлив и да се пристапува со критичка мисла за тоа кои причини влијаат врз нашите избори и за тоа какво влијание имаат нашите избори за нас и за другите.

Еден од правците на учење со кои се имам сретнато, а ми има оставено најмногу впечаток, е хуманистичката гешталт-теорија, која предлага дека целината на сè е поголема од неговите делови. Односно, атрибутите на целината не се изведуваат од анализата на деловите во изолација. Тоа значи дека човековото искуство се разгледува како целина од сите аспекти што го прават човекот истовремено да биде сетилно, емоционално, интелектуално, бихевиорално, сексуално и духовно битие. Со тоа, се одвојува и важноста на контекстот во кој се наоѓа човекот како индивидуа и кој влијае врз тоа со кој пристап и на кој начин ќе се анализира одредена психолошка појава. Овие принципи се употребуваат во психолошката гешталт-терапија, која, како дел од хуманистичкиот правец на учење, во центарот го става клиентот и го изедначува по авторитет со психотерапевтот, кој не зазема улога на судија ниту советодавец, туку партнер во процесот на себеспознавање на клиентот.

Токму поради ова одлучив да ја прикажам суштината на критичката психологија на ваков начин, бидејќи двата пристапа до некаде делат суштински концепти и вредности, кои ги поделив во категории на контекст, свесност и одговорност, кои се испреплетени меѓусебно. Овој мој избор, секако, не укажува на тоа дека гешталт-терапијата или нејзините принципи се супериорни во споредба со кој било друг пристап и која било друга терапија, ниту ја претставува целосната слика на гешталт-теоријата, ниту, пак, значи дека критичката психологија е поврзана специфично со гелшталтот, туку е само еден начин на споредба и наоѓање на допирни точки и лична креативна експресија.

Контекст: Истражување на социјалните и културните аспекти

Психологијата е научна област што се занимава со изучување на човековата психа и човековото однесување, но често се ограничува само на индивидуалните аспекти. Критичката психологија, пак, настанува како критичен и социјално-културен пристап кон оваа дисциплина, истражувајќи ја сложената мрежа на социјални и културни фактори што влијаат на човековата психологија и човековото однесување. Вуди Ален вели „традицијата е илузија на трајноста“. Со други зборови, она што било вистина и функционирало во минатото, не е нужно дека така ќе биде и денес. Критичката психологија ги предизвикува токму оние традиционални концепти и претпоставки на коишто можеби местото не им е веќе во денешницата. Се осврнува на оние фактори што се активни во сегашниот момент, наместо слепо да се потпира на принципите и правилата што биле создадени во минатото, а кои дефинитивно ниту тогаш ниту сега ја земале предвид целокупноста на човекот како битие-дел од заедницата, кој е сопствен еко-систем заедно со сите социјални, културолошки, политички и економски контексти во него. Истовремено ги анализира и дава критички осврт за пристапот и имплементацијата на психологијата во светот и дава насоки за тоа како може да се прошири и да се промени.

Една од најголемите критики кон традиционалната психологија е нејзината ексклузивност кон западната култура и западните вредности, како што се: индивидуализам нагласување на значењето на индивидуалната автономија и слободата, поставување на индивидуалната среќа и благосостојбата како важни цели во животот, што се одразува во стремежот кон успех, богатство и (најчесто краткотрајно) задоволство; самоодржливост и самостојност – идеја што се надоврзува на индивидуализмот и се залага за тоа дека личноста треба да биде самодоволна и самоодржлива и се однесува на работа со сопствени сили и независно од другите; рационализам – нагласување на рационалниот и научен пристап кон разбирање на човечката психа и човековото поведение, со акцент на логика, разум и емпирија, наместо чувства и емоции; и материјализам – нагласување на значењето на материјалниот успех и потребата за достигнување на материјални цели, која оди рака под рака со доминантната капиталистичка идеологија.

Критичката психологија се обидува да ја прошири оваа перспектива и да вклучи гласови и искуства од различни културни и општествени контексти. Особено затоа што ваквите вредности немаат секогаш позитивно и корисно влијание врз благосостојбата на индивидуите и, истовремено, колку што овозможуваат напредок на општеството во една насока, толку го назадуваат напредокот во друга. Критичката психологија препознава дека психолошките процеси се обликувани од културните и социјалните детерминанти и дека не можеме да ги разбереме индивидуално без да ги анализираме во контекстот на заедницата. Контекстот како таков може да се преиспита со концептот на „тука и сега“ со цел да се увиди реалната слика на светот во кој живееме, со сите свои различности и бои на спектрумот. Само кога ќе се земат предвид сите субјективни вистини и перцепции во состав на таа реална слика, ќе можат да се направат конкретни и остварливи цели што, меѓу другото, ќе бидат основани и врз потенцијалот за општествена промена во различни општествени сфери: политички системи, социјален статус, дискриминација по различна основа (сексуална, родова, економска, етничка итн.) и психофизичко здравје. И тие ќе водат во насока за позитивна промена, напредок и зголемување на квалитетот на животот на целокупната човечка заедница, не само на индивидуалната благосостојба.

Доказ за тоа колкава е улогата на контекстот и средината во која се наоѓа човекот е фактот што во психологијата, речиси сите психолошки феномени и развојот на човекот се набљудуваат и се опишуваат во контекст на тоа какво влијание имала животната средина врз нив. Се издвојува контекстот во кој одредени карактеристики се развиле и конкретните услови што овозможиле еден човек да биде она што е. Постојат истражувања што се занимаваат со прашањето „природа (генетика) наспроти негување (животна средина)“ и разгледуваат како близнаци кои делат речиси иста генетика имаат целосно различни особини и однесување врз основа на тоа во каква средина растеле. Истовремено, индивидуи кои растат во целосно иста средина можат да имаат целосно различни внатрешни искуства и различни надворешни манифестации, кои зависат од нивните генски вродени предиспозиции. Се работи за сложена игра на баланс меѓу двете, но несомнено се укажува на тоа дека контекстот и опкружувањето мораат да се земат предвид кога станува збор за истражување и имплементирање на сознанијата за човековата психа и човековото однесување.

Свесност: Обликување и манипулирање на индивидуите и општеството

Запознавајќи се со целта на критичката психологија, најмногу впечаток ми остави концептот дека психологијата и сите нејзини гранки, без разлика дали се работи за клиничка, когнитивна или социјална психологија, може да служи како алатка за влијание и менување на општеството. Ваквиот пристап е мошне важен во која било сфера, а особено кога се работи за човековата психа, функционирањето и постоењето во составот на заедницата. А како и со секоја друга алатка, доколку не се употребува правилно или доколку не се увидат начините на кои таа може да помогне и да одмогне, алатката станува сопственик на оној што ја користи.

Во современото општество, психологијата како инструмент ни обезбедува рамка за разбирање на човековата психа и човековото однесување. Сепак, критичката психологија нè потсетува дека мораме да бидеме свесни за начините на кои психолошките практики можат да бидат злоупотребени и манипулирани. Нè учи дека психологијата не е непристрасна област, туку се врзува со социјалните и политичките моќи во општеството. Преку неа ги разбираме начините на кои психолозите и институциите можат да ги користат своите познавања за намерно или ненамерно влијание и контрола над луѓето.

Првично, психолошките теории нè учат за процесите на размислување, чувствување и дејствување и како тие се поврзани со влијанијата на околината. Преку теориите, стекнуваме длабоко разбирање за себе и за другите, што може да придонесе кон подобро меѓусебно разбирање и меѓусебна поддршка во општеството. Секоја од нив има свои принципи и методи, кои можат да имаат различни ефекти на луѓето и општеството. Затоа, важно е да бидеме свесни за тоа како тие ја оформуваат нашата перцепција и да размислуваме критички за нивните последици. Тие можат да бидат производ на одреден културен или идеолошки контекст, што може да резултира со пристрасност или недостаток на уважување кон различни култури и вредности. Треба да се прашаме дали тие навистина ги одразуваат и ги вклучуваат различните искуства и перспективи на луѓето и, исто така важно, дали тие се залагаат и помагаат во подобрување на општествените процеси и општественото функционирање.

Следно, психотерапиите и практиките имаат директно влијание врз индивидуалното здравје. Тие можат да помогнат во превенција и лекување на психичките нарушувања и состојби, но исто така можат да имаат и негативни страни – можат да бидат инвазивни или да ги игнорираат културните разлики, што може да доведе до непосакувани ефекти. Дополнително, многу е важен изборот на психотерапија. Секој пристап не одговара за секој човек и секој начин не е успешен еднакво за сите. Психолозите и психотерапевтите нудат раст, развој и позитивни промени, но како такви, и самите треба да бидат отворени кон критика и промена, за да бидат посвесни за тоа зошто и како точно го вршат своето влијание. На ист начин, се бара реципроцитет во свесноста од страна на сите други членови на општеството, за влијанието кон кое се подложни, како и кога да го побараат, но и како и кога да го избегнат. За општеството, психолошките практики можат да имаат значаен влијание на начинот на кој се разбираат и се третираат различните групи, како што се маргинализираните или психички заболените лица. Треба да се внимава на етичките и правните аспекти на психолошката практика, да се гарантира дека таа е приспособена за различните потреби и контексти и дека нема да изгради перцепции и ставови што се пристрасни и еднодимензионални, а кои понатаму ќе влијаат врз тоа како индивидуата ќе се однесува во општеството и каква трага ќе остави зад себе.

Понатаму, еден од најочигледните начини на користење на психологијата за обликување и манипулирање е преку маркетингот. Психолозите и рекламните агенции го истражуваат човековото поведение за да создадат реклами и продукти што ќе ги привлечат вниманието и интересот на луѓето. Сведоци сме дека ова води до прекумерен консумеризам и непотребна потрошувачка и воопшто не го зема во фокус негативното влијание врз луѓето и заедницата. Интересен е фактот што постојат толку контрадикторни повици кон граѓаните, на пример огромни кампањи за маркетинг на нездрава храна и други пороци што му штетат на здравјето на човекот, додека истовремено се врши маркетинг за тоа како треба да сме одговорни и да се грижиме за сопственото здравје.

Покрај тоа, критичката психологија истражува и начини на манипулирање со јавното мислење и влијание врз политичките процеси. Медиумите и политичките актери можат да користат психолошки техники за да влијаат врз ставовите и однесувањето на луѓето, најчесто мотивирани од лични и од себични интереси, многу ретко со мотивација за вистински позитивни промени и фокус на интересот на граѓаните. Ова носи огромни непосакувани последици за демократските процеси и слободата на информација во општеството.

Конечно, може да се каже дека образовниот систем денес, односот кон учениците, улогата на психолошките работници, недостатокот на надгледување на односот меѓу врсниците, претставуваат одличен пример на Павловото учење преку условување и ги обликуваат идните граѓани на еднаков начин без разлика на нивните индивидуални разлики. Претставува еден вид тренинг на сите што се дел од системот, кој ги учи на ограничено мерење на сопствената вредност, на слепо следење на правилата без нивно преиспитување и на вклопување во групата со страв од автентичност и отскокнување на каков било начин. Ова претставува своевиден начин на манипулација на индивидуи кои кога ќе излезат од образовниот систем се условени да продолжат да живеат под истите научени шеми, обликувајќи го општеството и не осмелувајќи се на промена и негова критика.

Со подигнување на свеста и на критичкото размислување, можеме да се заштитиме од потенцијалните негативни влијанија на психологијата и да ја користиме како алатка за подобрување на човечката средина и социјалниот напредок, бидувајќи одговорни граѓани кои се одговорни корисници на психолошките науки.

Одговорност: Поврзаност на индивидуалното и општественото во процесот на промена и напредок

Друг аспект на критичката психологија е нагласувањето на социјалната нееднаквост и социјалната правда. Таа истражува како социјалните структури и системи на власт влијаат врз човековата психика и благосостојба. На пример, истражувањата во оваа област покажуваат дека сиромаштвото и нееднаквоста имаат негативно влијание на психичкото здравје. Критичката психологија го анализира овој феномен и ги предизвикува социјалните структури што го одржуваат.

А зошто ова е толку важно? Еве, на пример, да земеме структура што е мошне распространета денес во светот, а тоа е онаа во која работата и финансиската добивка се ставени на врвот на пирамидата на приоритети и каде што луѓето се присилени да се борат за да преживеат, а се осудувани врз основа на тоа колку се вложуваат себеси во таа борба, колку се продуктивни и која цифра ја заработуваат на крајот на месецот. Економската состојба и структурата во светот како такви не овозможуваат многу слободен простор за да се даде внимание на другите аспекти од човековото постоење, како семејството, духовноста, менталното и физичкото здравје, одморот и рекреацијата. Да земеме, на пример, семејство каде што двата родитела се присилени да потрошат најголем дел од денот на заработка, а имаат четиригодишно дете. Во превод, овие родители немаат доволно време да поминат квалитетно поврзување со своето дете, што е екстремно важно за здрав раст и развој (психички, емотивен и физички) на детето, присилени се да го остават на чување кај други членови од семејството или, пак, да ангажираат некој за тоа, што претставува дополнителен финансиски трошок. Дополнително, во времето што им останува најчесто се преморени од многубројните обврски, стресови и притисоци со кои се соочуваат на работното место, така што енергијата за каква било активност со нивното дете е намалена. Да не зборуваме дека во овој процес тие имаат уште помалку време да си посветат себеси, на своите индивидуални желби и потреби, на својот личен развој и на наоѓањето механизми за справување со сите негативни влијанија и на својот социјален живот. Згора на сè, тие ќе бидат и осудувани од страна на другите за нивниот начин на живот и недостатокот на внимание кон нивното семејство, бидејќи многу е лесно целата одговорност да се припише на индивидуата. За споредба, да земеме друг пример на семејство, каде што членовите ја имаат среќата да не мораат да вложуваат толку труд и напор за заработка и можат да си ја дозволат слободата да се повеќе вклучени во активностите што им носат задоволство, исполнетост и напредок надвор од работното место.

Ако го разгледаме ова преку идејата на Маслов за хиерархијата на човечките потреби, можеме да забележиме дека индивидуите од првиот пример се на некој начин заглавени во потрагата да ги задоволат нивните најосновни физиолошки потреби за опстанок: потреба за спиење, јадење, пиење вода, засолниште, сексуални потреби, како и следното ниво во пирамидата – безбедносните потреби: физичка сигурност, вработување, приходи и ресурси, семејство. Според Маслов, луѓето се мотивирани да ги задоволат различните нивоа на потреби врз основа на тоа дали претходното ниво е успешно задоволено или не. Имено, доколку некој се наоѓа во состојба каде што постојано се обидува да ги задоволи овие две први нивоа, многу е потешко да се мотивира за исполнување на следните во кои редоследно спаѓаат: потребите за членство, односно потреби за воспоставување врски со социјалното опкружување (љубов, наклонетост, припадност кон одредена социјална група,), потреби за препознавање, односно потреби што ни даваат вредност во рамките на општеството (потреби за почит, статус, признание, внимание, репутација и достоинство, самодоверба, компетентност, достигнувања, независност и слобода) и највисокото ниво на пирамидата што се состои од потреби за самоактуализација, односно развој на внатрешните потреби (духовен и морален развој, потрага по мисија во животот, несебична помош кон другите, себереализација).

Заклучок – доколку системот во кој живеат индивидуите е поставен така што тие се присилени најголем дел од својата енергија и од своето време да посветат кон задоволување на првите нивоа на потреби во оваа хиерархија, многу логично ќе биде дека тие индивидуи нема да имаат мотивација за следните нивоа што директно се поврзани со односот кон општеството и даваат насока за влијанието што одредена индивидуа ќе го има во заедницата во која живее. Доколку системот е таков што негативно влијае врз исполнувањето на потребите на поединците, логично е да очекуваме дека голем број од психофизичките здравствени проблеми ќе се поттикнати од системот.

Наивно е да очекуваме еднаква свесност, проактивност и одговорност од страна на секој член на општеството и да ја ставаме одговорноста целосно на индивидуата, кога изборите што ги прави таа зависат од опциите што ги нуди општеството во кое таа живее. Токму во тоа лежи целта на критичката психологија, да го прошири видикот со којшто ги дефинираме одговорноста и напредокот на индивидуата.

Нема никаква смисла и контрапродуктивно е да се критикува индивидуата во еден „скршен“ систем или да се осудува некој што нашол начин и ја има привилегијата да го заобиколи системот на полесен начин, наместо да се критикува системот и да се биде поборник за негово критичко осудување и за негова промена. Со тоа само се зајакнува социјалната нееднаквост и условите што ја произведуваат и се одржува статус кво, што не е од корист ни за индивидуите ниту за општеството во целост. Колку што е праведно да бараме одговорност од индивидуите за сопствениот напредок, толку е праведно да бараме одговорност од општеството и од оние општествени структури и институции што најдиректно го обликуваат тоа. А за да ја имаме целосната слика за тоа како се манифестира таа одговорност, критичката психологија нè советува да ги преиспитаме сите психолошки и социјални влијанија што придонеле до градење на општеството заедно со сите негови структури, системи и неправедности. Воедно, да ги преиспитаме сите начини на кои овие структури и системи се одговорни за појавата и за развојот на различните психолошки и здравствени проблеми и нарушувања во денешницата, со што исто така директно се диктираат насоката и начинот на истражување и развивање во психологијата и психијатријата.

Уште еден пример за одговорноста што е меч со две острици се односот и перцепцијата што луѓето ги имаат како доминанта кон користење на знаењето што го дава психологијата и кон грижата за менталното здравје и тоа што значи да се посетува психолог или каква било форма на психотерапија. Често, психотерапијата се поврзува со форма на интервенција што може да биде корисна само за луѓе со сериозни психолошки или здравствени проблеми и сè уште постои конфузија при диференцирање концепти како психологија и психијатрија. Сето ова потекнува од групниот пристап и од свесност на ниво на општеството, кое, за жал, сè уште го ограничува видокругот на индивидуите и оневозможува целосно користење на придобивките на психологијата. Борбата да се прикаже важноста и да се подигне свесноста за грижата за психичкото здравје постои, но сè уште ги нема достигнато своите цели. Медиумите сè уште на многу погрешен начин ги претставуваат психолозите, психотерапевтите и луѓето со психички нарушувања, без да се укаже на тоа дека, освен за лекување на веќе постојни психолошки нарушувања, постојат психолошки пристапи чија цел е да ги обезбедат потребните алатки за да можат луѓето да се стремат кон самореализација, дефинирање на сопствената среќа, преземање одговорност и создавање на значење за сопствените постапки и за сопствениот живот.

Одговорноста паѓа еднакво на поединците кои самите ќе се едуцираат за овие придобивки, ќе работат на тоа да се посвесни за сопствените желби и потреби и ќе ги направат потребните чекори за нивно задоволување и на општеството што ќе овозможи едукација, простор и време за раѓање на таа свесност и редефинирање на приоритетите што вистински ќе ги стави желбите и потребите на граѓаните на прво место и ќе им овозможи поздрав и поквалитетен живот.

Резимирано, здравиот напредок на граѓаните, чекор по чекор, го гради здравиот напредок на општеството и обратно, а критичката психологија е клучна придружна алатка во овие чекори.

Тема на читачката група на КСП Центар-Јадро во 2023 година беше Критичка психологија. Критичката психологија е перспектива за психологијата која црпи опширни сознанија од критичката теорија. Критичката психологија ја предизвикува општо прифатената (т.н. мејнстрим) психологија и се обидува да применува психички разбирања на понапредни начини кои се во потрага кон општествени промени како средство за спречување и лекување на психопатолошки појави. Дел од авторите што се читаа во групата се: Клаус Холзкамп, Јан Паркер, Томас Тео итн. Читачката група започна со семинар предводен од грчкиот критички психолог Атанасиос Марвакис кој воедно беше и стручен соработник за курикулумот. Во рамки на програмската активност се одржаа средби со учесници од различни групи од заедницата, како локална, така и уметничка.

Илустрација: Дарко Алексовски

Leave a Reply