Skip to main content
култура

Пауло Фрејре: Педагогија на угнетените, образование за ослободување

By December 19, 2022No Comments

Пишува: Ивана Јовановска, студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност

Сликата е преземена од www.justwondering.io

Апстракт

Есејот „Пауло Фрејре: Педагогија на угнетените, образование за ослободување“ се занимава со клучните аспекти на неговата книга Педагогија на угнетените во контекст на револуционерните методи и тези за критичко образование што ги предлага авторот. Преку анализа на неговите идеи што директно ја разлагаат релацијата на угнетениот и угнетувачот, користејќи го образованието како алатка за деконструкција на нивниот однос, текстот ги истражува авторските теориски согледби за дијалогот, педагошките критички определби, политиките на дарежливост, релацијата на угнетувањето и образованието.

Покрај основните тези на Фрејре врзани за угнетувањето и за критичкото образование, есејот дополнително ги промислува и практичните аспекти на неговата филозофија, со конкретни примери и анализи на случај што ги нуди тој, во насока на сублимирана анализа на неговата Педагогија на угнетените како патоказ за понатамошното развивање на критичката педагогија. Една од суштинските цели на овој есеј е, од една страна, да се обмисли и да се разгледа авторската наклонетост кон маргинализираните групи и неговата искрена посветеност кон нивната (про)активност, но и да се разгледа трансформативната улога на критичкото образование во поглед на нивната улога и моќ насочена кон менување на општествените текови и динамики.

Влијанието на Фрејре во полето на критичката педагогија е нераскинливо поврзано со неговите револуционерни тези за разгледување на угнетувањето и образованието во еден поширок контекст, со прашањата за (де)хуманизацијата на општествата. Тие нудат алтруистички и очовечен пристап кон борбата за надминувањето на угнетувањето преку повеќе нивоа. Двата аспекта во кои неговата книга се расчленува, а се значајни за текстот, се препознавањето и трансформацијата на угнетеноста, во која во педагогијата на угнетените им припаѓа на сите во еден поширок процес на градење слобода. Конечно, текстот се обидува критички да ги истражи и да ги анализира причините, но и последиците на појавата на Педагогија на угнетените, како исклучително важна теорија во полето на образованието, демократските процеси и слободата во 21 век.

Клучни зборови: критичка педагогија, угнетување, трансформација, слобода, образование

Би сакала да пишувам за Пауло Фреjре и неговата Педагогија на угнетените, каде што суштински и со едноставен јазик говори за омоќувањето преку образованието што ја слави слободата поради неколку причини. Првата е трансформативната функција на неговиот текст врз колективното согледување на критичката педагогија. Втората се однесува на релацијата академија-маргинализираност-слобода и воопштеното согледување на последиците од оваа врска. Третата и последна е разгледување на образованието како процес на ослободување со нужни импликации во општествените динамики. Имајќи предвид дека станува збор за исклучително важно дело за хуманистиката, чувствувам одговорност што воопшто не е наивна, во внатрешниот разговор со себе, да ги разложам поетичните, практичните и теориските согледби на Фрејре и одново, преку себепреиспитување и анализа, да ги доведам во однос со категориите слобода, угнетеност, едукација и практика, нему и нам како општествени битија, толку значајни.

Воспоставувањето на критичкото образование е процес-потрага што ги преиспитува структурата на сите општествени динамики и канџите на капиталистичката надмоќ што доминира во дефинирањето на човекот и (де)хуманизацијата како страв или можност што произлегува од системот во кој живееме. Оттаму, да се биде едуциран и да се акумулира знаење класично се восприема и се врзува со училницата и педагогијата, она што го нудат тие, она што се случува во нив и преку нив. Капитализмот влијае врз критиката и педагогијата во таканаречениот банкарски систем на образование, па оттаму, наместо да се согледува потребата од нивната зависност, од користа од нивното вмрежување, на глобално ниво, тие одделно се користат во прилог на одржување на економска пазарна логика што успешно ги сегрегира учесниците во образованието, нивните можности и способности. Свесен за ова, Фрејре ја поставува, ја потврдува и ја покажува клучната теза за образованието како процес на ослободување на угнетените преку развивање на комплексна свесност за маргинализираноста и надежта што мора да произлезе од нејзината борба, потеклото на угнетеноста и нејзината зависност од капитализмот, односот на угнетениот и угнетувачот преку ослободувањето од овие улоги. Од исклучителна важност за оваа книга е авторската намера да го разобличи образованието што ги продлабочува разликите, преку согледување на критичната релација на бидување угнетен и угнетувач. Фрејре излегува од матрицата на стандарден аналитичар на општествените текови и преку психолошко-антрополошко познавање на проблематиките на ,,општествените хиерархии“ влегува во срцевината на социјалните аспекти на угнетеноста, бидувајќи свесен за класата како структура што е суштински важна за нејзиното актуализирање, дополнувајќи ја со определби како расата, полот, родот и етницитетот што ги поставува во рамка во која смета дека е неможно да се изолираат од структурата на класата. Во оваа смисла и активно се потенцира хуманистичката идеја за инаква образовна структура преку:

  • навестување на идеите за политики на грижа што во себе ја содржат комплексноста на луѓето како суштества со мноштво улоги и можности,
  • радикално преиспитување на функцијата на педагогот, но и на другите учесници во процесот во кои се стекнуваат со знаење,
  • социолошка компонента на знаењето, дијалогот и неговата епистемолошка улога добиваат нова функција на медијатор што е од трансформативно значење.

Педагогија на угнетените е коренито преиспитување, кое тргнува од позицијата на човекот како субјект со специфична онтолошка вокација – трансформативна. Улогата на човекот, авторот неминовно ја врзува со можноста за активност, промена и збогатување на колективот и врз таа позиција на надеж ги развива тезите за обликување на еден поинаков систем на знаење што нуди разбирање, поддршка и преобразба. Во тој контекст ја афирмира и улогата на младиот човек како субјект што не смее да се смета само за пасивен учесник во образовниот систем туку и како посебност што преку едукацијата ги користи можностите за мултиперспективно растење на многу интересен начин – Фрејре активно бара начини како системското вклучување на младите во образованието да биде процес што предизвикува епистемолошко љубопитство. Процес што поттикнува практично истражување и вежбање слобода во нејзината најширока дефиниција, охрабрена од педагошките практики на критичкото мислење и критичката афирмација на дијалогот. Тука се сопоставува борбата на две поларизирани страни – љубовта и разбирањето, наспроти насилството и грубата моќ – оваа опозиција неразбрана само како поетизиран состав на мисли туку и како простор за надеж и нови можности. Како опозиција на хуманизмот наспроти брзата (де)хуманизација на неокапиталистичкиот дискурс. Oттаму, борбата против системското угнетување за Фрејре е директно поврзано со борбата за очовечување, односно борбата за практикување слобода – во рамките на истражување и барање нови, подобри позиции и поддршка на оние на кои им е потребна.

Поетичноста на Фрејре ја наоѓа својата применливост во практиката, онаму каде што е и суштинското јадро на неговите теории на надеж. Во оваа смисла, тој е далеку од наивно и романтичарско теоретско согледување, тој е поетично прецизен и насочен кон практичната условеност што ја бара секој простор за трансформација, безмилосно надежен, но истовремено и агресивно свесен за штетите на неолиберализмот, каде што доминацијата и хиерархиското владеење на моќта го земаат својот данок. Револуционерноста на неговата мисла гравитира околу преосмислувањето концепти што се веќе познати – солидарноста, усвојувањето знаење и практикувањето слобода, но единственоста карактеристична за него е длабоко поврзана со неговиот умерен оптимизам, надежта и вербата во можностите на хуманистичкото. Кога Фрејре говори за заштитата на угнетените, за процесот на ослободување на угнетените што директно ги трансформира и угнетувачите – говори со длабока емпатичност и свесност за страдањата и неговиот однос кон него е сочувствителен и моќен. Кога ја разложува силата на образованието, тој е свесен за дуалната проблематика на угнетеноста и нејзината комплексна релација со процесот на ослободување, но и зависноста од општеството и размислува за угнетувачот и угнетениот како релација што е карактеристична за дехуманизацијата. Во оваа смисла да се разбере критички педагогијата на угнетувањето за него не само што е чин на препознавање туку и чин на тешка борба, а сепак многу потребна, која стои наспроти губењето на човечкото, а рамо до рамо со стекнувањето трајна слобода.

сликата е направена со Dall-E 2

Особено важен аспект во критичката педагогија на Фрејре се неговите анализи на образовните практики на релација нарација-дијалог, што се и една аналогија на општествените релации во поширока смисла. Оттаму, прашањето за дијалогот како компонента со важен влог во процесот на градење на демократско, отворено и различно образование се поставува како една од клучните поенти во Педагогија на угнетените, на сметка на наративните образовни системи чии последици ги сведочиме и денес. Проблемите на банкарскиот систем на образование (banking system of education) не се малку, но во својата суштина се насочени кон сувопарен однос кон концептот на стекнување знаење, потиснувајќи го критичкото перципирање и истражување на тоа што се усвојува, при што улогата на професорот се поврзува со процес што е далечен од студентите. Овде, Фрејре навистина удира во срцевината на проблемите на современото образование, чии последици активно ги менуваат и динамиките на глобалните текови, обликувајќи пасивни граѓани кои само ги прифаќаат своите улоги.

„Затоа што луѓето го ’восприемаат‘ светот како пасивни идентитети, образованието би требало да ги стори попасивни и да ги адаптира на светот. Образованата индивидуа е адаптирана лично, бидејќи тој или таа е подобар за вклопување во светот. Транспонирано во практиката, овој концепт е добро приспособен на целите на угнетувачите, чиј спокој почива на тоа колку луѓето се вклопуваат во светот што го создале угнетувачите и колку помалку го доведуваат во прашање…“ (Freire, 2005: 76)

Образованието како алатка адаптирана на угнетувачите, како што забележува Фрејре, е пред предизвикот да ја трансформира својата појдовна позиција преку која не само што ќе ги заштити учесниците во образовниот процес туку и ќе ги научи како да ја промислуваат својата позиција и активно да се стремат кон нејзино подобрување, кон излегување од обрачите на угнетеноста, притисокот и омаловажувањето кон контекст на лична и колективна правда. Аспектите што ги опфаќа Педагогијата на угнетените е суштински поврзана со оваа борба, која кај авторот се одвива на неколку нивоа. Личната интроспекција и индивидуалното го гради колективниот напор и заедничкиот стремеж како едно ниво, понатаму, образовната (нематеријалистичка) наспроти пазарната логика на системот, идеолошкото поимање на праведноста наспроти неолибералниот дискурс и слично.

Имајќи предвид дел од овие размисли врзани со авторот, неминовно се поставува прашањето како тој ја дефинира слободата за која толку многу говори и врз чии принципи се темели и филозофијата на Педагогија на угнетените? Таа е зависна од едукацијата. Слободата е концепт што се стреми да го напушти банкарскиот систем на образование за да се фокусира на образование што е критички промислувано, кое ги трансформира своите учесници во двигатели на промени и активни чинители. Слободата е начин за критичко когнитивно спознавање на сепството и колективот, таа е храбра и одлучна, таа ги презема ризиците на спознавањето, со цел пресоздавање на околината што ја дефинира. Во процесот на нејзино стекнување, се будат процесите на заедништво и колективно омоќување што се првично стекнати и научени во институцијата училиште, која, револуционерно, преку систем за решавање проблеми (problem solving system) се поставува како бунтовник чинител во постоењето на неолиберализмот. И токму разбирањето на образованието како процес на ослободување и колективно омоќувањето ќе биде клучно за отстранување на капиталистичката доминација и хиерархиското водство, а политиките на грижа и дарежливост ќе служат како водичи во овој процес на трансформација. Можноста на која Фрејре потсетува, светот да се гледа како реалитет што е подложен на преобразби, ја дава оптимистичката хуманистичка нота што е присутна во педагогија на угнетените, поттикнувајќи ја идејата за гласно и бунтовно човеково постоење.

„Човековата егзистенција не може да биде тивка, ниту може да се храни со лажни зборови, туку само со вистински зборови, со кои мажите и жените го преобразуваат светот. Да постоиш, како човек, значи да го именуваш светот, да го промениш. Откако ќе се именува, светот од своја страна повторно им се појавува на именувачите како проблем и бара од нив ново именување. Човечките суштества не се градат во тишина, туку во збор, во работа, во активна рефлексија.“ (Freire, 2005: 88)

Од сето ова може да се заклучи дека клучното дело на Фрејре суштински стои како водич во критичката педагогија во смисла на градење образование врз принципот на решавање предизвици и образование што длабоко ја инкорпорира психолошката и антрополошката компонента на неговите учесници. Слободата како комплексност за Фрејре не само што е демократско согледување на личностите и нивните релации туку и можност за искоренување на обесправеноста и контекстот на заробување и нехуманост. Да се биде вклучен во системот што бунтовно ќе ја гради, значи да се биде активен, свесен и подготвен за преземање ризици, да се поседува чувство за важноста на колективот и желба за лансирање кон подобар, хуманистички свет, не само преку нашите соништа за утопиите туку и преку комуникација со реалноста.

Лектор: Дејан Василевски

————————————————————————————————————————————————————————————

Серијата на есеи за критичката педагогија се директен производ од средбите и разговорите на читачкиот клуб на Центар-Јадро за 2022 година. Текстовите кои се дел од серијата се инспирирани од делата на теоретичарите кои ги дискутиравме и може да се сфатат како еден вид на пресек и размисли за нив.

Критичката педагогија е филозофија на образованието која наставата ја гледа како политички чин. Таа ги опремува учесниците да ги детектират и анализираат структурите на моќ и причината за статус квото во нивната средина. Една од главните задачи на критичката педагогија е да ги надмине институционалните слабости и да придонесе за развој на поединци способни за критичко размислување и активно учество во трансформацијата на постоечките нееднакви општествени односи.

Учењето во критичката педагогија е секогаш со заедницата и заедничко. Таквото учење нуди можност за слушање и почитување на повеќе гласови и перспективи, што значи нема вертикалност и ригидност во едукативниот пристап. Критичката педагогија со ваквата методологија има широка употреба и примена надвор од традиционалните образовни институции.

Критичката педагогија, се заснова на идеите за критичка теорија на Франкфуртската школа чии истакнати мислители, како што се Хоркхајмер, Адорно, Маркузе, Фром, Хабермас, имаа големо влијание врз критички теории на образованието.

Читачкиот клуб на Центар-Јадро за 2022 година најчесто се состоеше од 5 лица и тоа: Ивана Јовановска, студентка на Катедрата за општа и компаративна книжевност, Никола Донев, дипломиран правник и демонстратор по Меѓународно јавно право на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Кристијан Стефановски, магистрант на општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Мања Величковска, магистер на Институтот за филозофија при УКИМ во областа естетика и Ѓорги Пулевски, магистер по студии на политиките при Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје.

 

Leave a Reply