Skip to main content
креативно пишувањеработилница

Срам и уста | Лара Јовановска

By December 7, 2023No Comments

ВРЗУЛЦИ

 

Ги влечам нозете, одам чекор по чекор; да пристигнам и не сакам. Јас сум полжав трепетлив. Чувствувам како во грлото мое повторен камен се створа, одземајќи секаков извик од мојата излупена, но мека уста. Чинам со лепак цврсто се притиснати двете мои вилици. Неодделени се забите мои, цврсто затегнати. Се двоумам и стравувам од што точно не можам ни да одредам. Тие очи човечки вмене вперени желни за возвратен одговор. Од центарот набљудуван, бегам како глушец преплашен пред мачка тигреста. Погледот ми шета наоколу во ничии очи да не заита; небаре во светски музеј се наоѓам и на дела препознатливи се воодушевувам. Талкам како забите, моливи изострени, по усните мои патишта необработени. Зборовите свои како дијаманти скапоцени вешто ги кријам. Неразумен и не сум, а со немотија сум покрил кожа своја. Нокти мои, карпи недоронети, солени; честопати ја вкусувам нивната сол неизбежна. Тие се оружје мое во тишина, човечко исполнето. Честопати кога погледот ми истражува на нив горко паѓам, преиспитувајќи ја нивната содржина. Нозете мои, корења тенки, недокопани се; тие стојат колку да останат, но не и да припаѓаат. Тие безволно до останати се приближуваат. Јас сум Зборко, но те молам моето име не прозивај го. Возвраќам, но ти не би ме чул. Гласот мој низ тенката пукнатина од усните залепени се пробива. Како бесчуен полжав јас се протнувам низ врати, излези, од дискусии врескави. Јас твојот поглед вперен го чувствувам и потта која се слизнувапо мојот грб искривен, со секој збор на глас изустен. Внатрешнината на мојата уста редовен оброк му е, придружена од дозата трепет, морници во телото од можни исмевања човечки. Јас редовен набљудувач сум на туѓиот успех, а тие некогаш сведоци на отворањето мое усно.
Јас сум Зборко и напразно уста поседувам, да шумам прикриено умеам, како речиси незабележително летно време. Мрморењето е моја супермоќ, а нејасноста талент извонреден. Јас сум Зборко, срамежлив Зборко, чии мисли бунтовнички дрдорат чии зборови претплеткано се прелеваат, чија немотија конец усни створила.

 

 

Leave a Reply